29 Април, 2024
0.0289

Интервју со Павле Богоевски: Шарената револуција е дел од мојата душа, но ќе мора да ја критикува било која власт

Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Граѓанскиот активист Павле Богоевски се најде на пратеничките листи на СДСМ како еден од непартиските членови кој ќе води опозициската битка. Неговото вклучување на листата и не беше големо изненадување, како на пример тоа на професорот Ферид Мухиќ, но критичарите не пропуштија да го искористат за наводна потврда на партиската обоеност на граѓанските протести од „Шарената револуција“. Богоевски е практично и единствен од „Шарените“ кој се најде на добитна позиција на листите, па со него разговараме како ќе постапува како иден пратеник и како сега ќе се вклучи во изборната кампања на опозицијата која ќе биде жестоко насочена против власта на Груевски.

Фактор: Вие сте еден од непартиските кандидати кои се најдоа на пратеничките листи на СДСМ. Како ќе се поставите во Собранието на Република Македонија доколку бидете избран за пратеник, дали тоа значи дека ќе имате простор да водите независна политика или пак ќе мора да се усогласувате со партијата?

Павле Богоевски: Еден од најголемите проблеми во декадата на Груевски е што Собранието на Република Македонија се сведе на гласачка машинерија чие мнозинство работеше исклучиво по диктат. Ние сме тука да ја промениме оваа држава и системот кој Груевски го остава зад себе. Тоа значи дека секој човек на таа листа мора да има можност да гласа по сопствено уверување. Идеолошката матрица која не’ врзува сите е Планот за живот. Но, тоа не значи дека секој од нас, по секој предлог закон ќе гласа согласно волјата на која било поединечна партија. Иако сме на спротивставени страни, јас не би имал никаков проблем да гласам и за предлог на некој од политичките противници, доколку е аргументиран, правно издржан и од корист за нашата држава. Гласањето на Пратениците на каков било начин различен од слободното уверување мора да запре. Тоа е единствен пат за враќање на авторитетот и моќта на оваа институција.

Фактор: Како овој ангажман ќе влијае врз активностите на „Шарената револуција“ и „Протестирам“, дали доколку има нови акции и протести ќе бидете дел од нив и како би се направила дистинкција од партиските ставови со оглед на тоа што долго време се трудевте да бидат препознаени како граѓански и надпартиски сите протести?

Павле Богоевски: Граѓански и надпартиски протести не значат и непартиски протести. Не смееме да заборавиме дека Шарената Револуција беше поддржана од сите партии кои се во опозиција, а членови и функционери од различни партии секојдневно ги делеа улиците со непартиските граѓани. Шарената Револуција е дел од мене, од мојата душа. Секогаш ќе бидам дел од активностите и протестите. Единствена разлика е што можеби би размислил да бидам помалку видлив, поради можноста мојот политички ангажман да ја дефокусира пораката која Шарената Револуција би сакала да ја пренесе. Истовремено, од Шарената Револуција очекувам да продолжи да биде коректив на секоја власт, без разлика дали некој нејзин член е дел од власта.

Фактор: Наскоро ќе започне и предизборната кампања. Како ќе се вклучите во истата, може ли да ве очекуваме на митинзите и средбите со граѓаните и какви пораки ќе им испратите?

Павле Богоевски: Јас и претходно имам остварувано средби со граѓани, како граѓански активист. Секако дека ќе се приклучам кон опозициската кампања, преку сите активности кои се потребни за да извојуваме поубедлива победа над режимот. Главниот фокус на мојата кампања и мојот мандат ќе бидат целите за кои протестиравме. Прво, злосторничкото здружение на власт и сите останати мора да одговараат за прислушуваните разговори и нивната содржина. Мора да одговараат пред независен и непристрасен суд, а СЈО мора да ја добие сета поддршка која им е потребна во нивната битка со мафијата. Тука не смее да има компромис. Второ, активно ќе работам кон зголемувањето и засилувањето на контролата и надзорот врз власта. Длабоко сум уверен дека голема заслуга за денешната состојба на нашата држава имаат партизираноста, неефективноста и злоупотребата на институциите кои треба да ги контролираат властите и функционерите – Државната комисија за спречување на корупција, Комисјата за спречување на судир на интереси, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и др. Мора сите да сфатиме дека кога гласно викаме „Никогаш повторно груевски!“ – ние не мислиме само на лицето никола груевски. Ние мислиме дека не смееме да повторно да дозволиме ниту еден човек, партија или центар на моќ да може да го направи тоа што груевски го направи со Македонија – да ја киднапира секоја нејзина пора и да го убие слободниот дух и критичката мисла. Во останатите сфери ќе ги поддржам другите програмски приоритети на коалицијата од која сум дел, се разбира земајќи ја во предвид здраворазумската критика и евентуалните силни аргументи против истите.

Фактор: Ова се досега „најшарените“ пратенички листи на СДСМ, некои очекуваа дури и поголеми изненадување, а некои критикуваат дека партијата направила грешка со кандидатите. Дали листите се предност на опозицијата и каде ја гледате истата, а од друга страна што според вас недостасува, има ли простор и време да се промени или подобри?

Павле Богоевски: Овие листи дефинитивно се голема предност и гарантираат победа за нашата коалиција. Свесен сум дека кај дел од јавноста постојат критики за одредени решенија, но уверен сум дека истите се донесени врз основа на претходни детални анализи и истражувања за тоа како да се максимизираат шансите за што поуверлива победа на 11ти декември. Листите кои се исполнети со луѓе од различно потекло, нужно носат и различни ставови околу голем број прашања. Но, тие ставови ќе се судираат и соочуваат во Собранието. Тоа што сега е значајно за секој човек чие име се наоѓа на кандидатските листи, е да има непоколеблив став околу тоа дека овие избори се референдум – или сме за Груевски, или за Македонија.

Фактор: Ако кај опозицијата постои тренд на окрупнување и креирање на широк политички и граѓански фронт, тогаш кај власта преовладува потврда партиска кампања. Дали овие разлики се доволни да се привлечат неопределените граѓани, тие кои се прогресивни и сакаат промени, но не по секоја цена и тие на кои бараат нови политики. Што од ова ќе биде пресудно за претстојните предвремени избори?

Павле Богоевски: Фактот дека опозицијата предводена од СДСМ се одлучи да настапи со широк, надпартиски фронт, не значи дека нужно ќе ги добие гласовите на неопределените граѓани. Тоа што овој пат ќе ја направи разликата, според мене се конкретните решенија и нови предлози во Планот за живот. Не е поентата да се промени власта, само за да се промени владетелот. Поентата е да се промени власта, за да се промени системот. За да се подобри животот на сите граѓани во оваа држава. Тоа може да се направи само со конкретни решенија и политики, кои се претставени во програмата на коалицијата. Тоа ќе биде пресудно за оваа кампања – новите политики и разноликоста на коалицијата, која гарантира надзор врз нивното спроведување.

Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

МЕЏИТИ: Со Левица не би сакале да бидеме дел од иста влада, таа е антиевропски настроена

МЕЏИТИ: Со Левица не би сакале да бидеме дел од иста влада, таа е антиевропски настроена

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

ПРЕДИСТРАЖНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК: Тошковски објави што направил

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

Финансиска полиција: Фирма платила 3,5 милиони евра за стари акумулатори без да ги добие

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ НЕ СЕ ОТКАЖУВА: Ниту јас сум отишол од СДСМ ниту СДСМ се сели од Бутел

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање

Гаши: Избор на претседател во Собранието не е услов за коалицирање

Мециновиќ: Подаваме рака до ВМРО - ДПМНЕ заедно да не ги потпишеме уставните измени

Мециновиќ: Подаваме рака до ВМРО - ДПМНЕ заедно да не ги потпишеме уставните измени

Бујар Османи: Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албвнците

Бујар Османи: Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албвнците

ПРЕНЕСУВАЛЕ ПРЕКУ ГРАНИЦА ПРАЗНИ ДОКУМЕНТИ - Македонци осудени во соседна Грција за шверц на лични карти, возачки дозволи

ПРЕНЕСУВАЛЕ ПРЕКУ ГРАНИЦА ПРАЗНИ ДОКУМЕНТИ - Македонци осудени во соседна Грција за шверц на лични карти, возачки дозволи

„БОЦЕВСКИ, КОЈ СМЕНИ МИЛИОНИ ПАРТИИ И ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ, ЗА МЕНЕ РЕКОЛ ДЕКА НЕ СУМ ПОЛИТИЧАР“: Ванковска за изјавата на Ивица Боцевски

„БОЦЕВСКИ, КОЈ СМЕНИ МИЛИОНИ ПАРТИИ И ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ, ЗА МЕНЕ РЕКОЛ ДЕКА НЕ СУМ ПОЛИТИЧАР“: Ванковска за изјавата на Ивица Боцевски