25 Април, 2024
0.0295

ИНТЕРВЈУ ТОДОРОВА: Една од главните цели ми е УНИБанка да влезе во групата на големи банки

Објавено во: Економија, Интервјуа 14 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Долги години наназад ја гради својата професионална кариера во УНИБанка, а во јуни минатата година беше назначена на врвната позиција – Претседател на Управниот одбор. Овој професионален врв за неа ќе биде и чест и предизвик, да ги постигне амбициозните цели на банката и таа да влезе во групата на големи банки. Во интервју за Фактор, Милка Тодорова, претседател на Управниот одбор на УНИБанка, вели дека тоа е огромна одговорност не само кон акционерите, туку и кон клиентите на банката, чии средства треба да се управуваат на најдобар можен начин. Конкуренцијата во банкарскиот сектор, пак, секогаш била сериозна, но таа ја тера да гледа напред. Тодорова е задоволна од резултатите со кои УНИБанка ја завршува претходната година. За следните години основни цели кои си ги задала банката се иновации, квалитет на услугата и раст. Во интервјуто, Тодорова зборува и за професионалниот однос на банката кон сите клиенти, без разлика дали се големи или мали компании, или, пак граѓани, за производите и услугите што им се нудат, за новините, за каматните стапки, но и за очекуваниот влез на земјава во НАТО, кој веќе носи зголемена стопанска активност и повеќе странски инвестиции, кои банката е подготвена да ги поддржи.

Вие бевте назначена за член на Управниот одбор и извршен директор на банката во февруари минатата година, а во јуни ја добивте и позицијата Претседател на Управниот одбор на УНИБанка.  Претходно долг период работите во банката, уште од 2011 година.  Дали назначувањето беше своевиден врв на целата Ваша професионална кариера што ја поминавте во УНИБанка?

Тодорова: Несомнено позицијата Претседател на Управниот одбор е своевиден професионален врв за секој банкар. За мене е чест и предизвик да имам можност да ја водам УНИБанка во следните години и заедно со извонредниот тим составен од другите два члена на Управниот одбор и средниот менаџмент на банката, да ги постигнеме своите амбициозни цели и да влеземе во групата на големите банки. За мене е сосема јасно, дека ова е и огромна одговорност не само кон акционерите туку и кон клиентите на банката, бидејќи ние работиме со нивните средства и треба да ги управуваме на најдобриот начин.

Како е да се биде на позицијата прв човек на една сериозна банка, кога треба да се „пресече“ за сите клучни одлуки што ги носи банката?

Тодорова: Кога си на ваква позиција, треба да можеш да носиш одлуки. Во последните 12 години на висока менаџерска позиција се научив не само да носам одлуки туку и да сносам одговорност за истите.  Но одлуките не се од едно лице – УНИБанка ја раководи Управен одбор, којшто одлучува колективно. Ние сме одличен тим и ретко имаме несогласувања по одделни теми. Сепак и тоа се случува понекогаш и тогаш се најтешки нашите одлуки, бидејќи не е лесно да се обединат сите мислења. Но на крајот секогаш дејствувамезаедно и работиме здружено при нивната реализација. 

Задоволна ли сте од тоа како за овој период од една година наназад успеавте да одговорите на доверените задачи и целите што беа зацртани?

Тодорова: Во изминатата година постигнавме многу – 13,5 отсто ROE, 12 отсто раст на активата, 16,5 отсто раст на кредитите, кој е доста над просекот за банкарскиот систем.  Имавме амбициозни цели и успеавме да ги постигнеме – се разбира дека од тоа сме задоволни. 

СО ИНОВАЦИИТЕ КЛИЕНТИТЕ ГУБАТ ПОМАЛКУ ВРЕМЕ НА ШАЛТЕРИТЕ

На што сте најмногу насочени, кој е оној таргет што си го зададовте кој треба да го постигне банката за време на Вашето раководење?

Тодорова: Во следните години основните цели пред нас се: иновации, квалитет на услугата и раст. 

Иновациите коишто ги воведуваме, значително го олеснуваат пристапот до банкарството и им дозволуваат на нашите клиенти да ја намалат потребата од посета на банкарските шалтери и да заштедат од времето и напорите. Истите да бидат подобро информирани и да се многу пофлексибилни, а воедно да им обезбедиме персонализирани производи и услуги.

Се фокусираме на квалитетот и на брзината на услугите во филијалите. Го одржуваме и развиваме личниот однос кон секој клиент – физичко или правно лице – нашата цел е да бидеме неговиот личен консултант за сите финансиски, дури и осигурителни услуги.

И се разбира, наша важна цел е и растот - раст којшто ни дозволува да им бидеме поефикасни и покорисни на нашите клиенти. 

Дали во работењето ви помагаат искуствата од кариерата во Прва Инвестициона банка, како и од Унионбанк во Софија? Каков е банкарскиот сектор во Македонија во споредба со оној во Бугарија?

Тодорова: Моето искуство од Прва Инвестициона банка, како и од Унионбанк во Софија несомнено ми помага многу. Голем дел од активностите на УНИБанка се веќе применети во Европската унија, како и во Бугарија – на пример онлајн барањата, пакет-производите или автоматизираните решенија за кредитните зделки. Но, секој пазар е различен и си ја носи својата специфика на којашто треба да се прилагодиме. Не е правилно да ги копираме еден на друг сите услуги, производи и постапки, туку да ги адаптираме кон домашниот пазар и општеството и преку моето искуство да предложиме уште подобри решенија за нашите клиенти и за банката.

КОНКУРЕНЦИЈАТА И ПРЕТХОДНО БЕШЕ СИЛНА – ТАА НЕ ТЕРА ДА ОДИМЕ НАПРЕД

Според последните податоци кои се достапни, во моментов УНИБанка, со актива од околу 343 милиони евра, е осма по големина банка во земјава, и влегува во групата средни банки.  Со оглед што се случи големо банкарско окрупнување во земјава, каква е стратегијата за дејствување на УНИБанка за наредниот период во една вака силна конкуренција?

Тодорова: Конкуренцијата во банкарскиот сектор секогаш била сериозна и ние сме навикнати да работиме во таква средина. Конкуренцијата е многу корисна работа, зашто таа те тера секогаш да гледаш напред и нагоре, да не се опушташ и постојано да се подобруваш и да се предизвикуваш себе си. Да ги откриеш границите на своите моментални можности и да се стремиш да ги надминеш. 

Со какви финансиски резултати ќе ја завршите 2019 година, дали е тоа раст во однос на претходната година? Какви се Вашите планови и очекувања за оваа година?

Тодорова: Изминатата година продолжи трендот од претходната. Очекуваме да ја завршиме 2019-та година со 370 милиона евра актива и над 4 милиони евра добивка.  Во следните години ќе се стремиме да одржуваме сличен пораст и да врвиме напред. Нашата среднорочна цел е да го зголемиме својот пазарен дел и да влеземе во групата на системски значајните банки. 

Земјава на стартот на годинава ќе влезе во НАТО.  Дали очекувате дека тоа ќе ги зголеми странските инвестиции, и дали банкарскиот сектор, а конкретно и Вашата банка се подготвени да ги следат со кредитирање тие инвестиции?

Тодорова: Финансискиот свет обично се движи пред настаните да се случат и кај него најчесто работите се случуваат претходно. Самото очекување определени работи да се случат, ги провоцира активностите коишто се прилагодени кон нив, а не самите настани.  Долго пред влегувањето на Северна Македонија во НАТО, економските субјекти веќе го утврдиле своето однесување и ги пресметале последиците од тоа.  Веќе гледаме зголемена стопанска активност и повеќе странски инвестиции.  Ние сме подготвени да го поддржиме секој добар инвестициски проект – било да е странска или домашна инвестиција, ќе ги поддржиме сите коишто инвестираат во подобрување на конкурентноста, ефикасноста или иновациите.

МАЛИ СЕ МОЖНОСТИТЕ И НАТАМУ ДА СЕ НАМАЛУВААТ КАМАТИТЕ НА КРЕДИТИТЕ

Бизнисот, генерално, и натаму се жали дека тешко доаѓа до потребните пари за финансирање на проектите под поволни услови.  По која каматна стапка Вашата банка ги пласира кредитите, и дали условите за кредитирање на компаниите се достапни за нив, а пред се за малите и средните фирми?

Тодорова: УНИБанка им нуди на сите свои бизнис клиенти личен однос и професионална финансиска консултација. Независно од големината на компанијата, од големите меѓународни претпријатија со стотици вработени, па до малите семејни друштва – односот на експертите на банката е ист. Секој клиент за нас е единствен и ние сме подготвени да понудиме персонализиран производ и услови за него. 

Постојат ли можности во земјава и натаму да се намалуваат каматните стапки на кредитите или можеме да констатираме дека тие веќе доволно се ниски и нема услови за нивно натамошно снижување?  

Тодорова: Што се однесува до каматите на кредитите, има уште многу малку реални можности за намалување. Важно за нас банкарите, е да се чуваме од понудата на кредити според цени коишто не го покриваат ризикот за целиот рок на кредитот, зашто не треба да имаме илузии дека растот ќе трае бескрајно долго. Наоѓајќи се под влијание од сегашниот момент и пазарниот натпревар помеѓу одделните банки, не треба да го испуштаме долгорочниот разум во себе, за тоа да не ни се одрази негативно во иднина. 

Какви услови и производи нудите за граѓанскиот сектор, кои кредити се најбарани и најпопуларни кај населението?

Тодорова: Од кредитите за физички лица најпопуларни се потрошувачките кредити.  Секој клиент којшто има приходи може да добие средства за поголема набавка или за рефинансирање на своите обврски. Во УНИБанка, поднесувањето на барањето за секој кредитен производ може да се направи и онлајн, без да се дојде на банкарските шалтери, при што нашиот одговор ќе пристигне во рамките на само 30 минути. За клиенти на банката, коишто ги примаат своите приходи преку сметка којашто се води кај нас, не е потребна никаква друга документација, освен лична карта.

Во последниве години каматите на депозитите се во постојан пад, како последица на светските трендови.  Како Вашата банка успева да ги мотивира граѓаните и натаму да штедат?

Тодорова: Навистина, во последните години се гледа непрекинат пад на процентот на каматите, па  дури сме сведоци и на негативни каматни стапки. Во вакви и слични услови задржувањето и зголемувањето на штедењето на граѓаните е предизвик. УНИБанка ги нуди најдобрите можни услови за своите клиенти, при што најпривилегираните се оние од нив, коишто ги примаат своите приходи преку сметките коишто се водат кај нас. За нив постои посебна стимулативна камата за сите депозитни производи, како и специјални намалувања за кредитните производи. Но не е само процентот на каматата важен при изборот на банка за штедење. Исклучително важна е и довербата на клиентите во банката. Да гледаат во нејзе долгорочен и стабилен партнер. Таквите односи сме ги изградиле заедно со нашите клиенти и благодарение на нив непрекинато ги зголемуваме средствата на истите. 

Колку во банката е напреднат процесот на дигитализација и дали тие бенефити веќе ги чувствуваат клиентите?

Тодорова: УНИБанка непрекинато ги развива и ги подобрува своите дигитални услуги. Во средината на годината преминавме кон нова најмодерна верзија на нашиот основен информатички систем. Го модернизиравме нашето електронско и мобилно банкарство и го подобривме корисничкото искуство на клиентите. Во моментов работиме и на нов веб сајт, којшто ќе обезбеди уште полесен, поудобен и поинтересен начин за добивање на информација за производите и услугите. Меѓутоа, дел од дигиталните услуги, не зависи само од нашите активности.  Доста од нив се поврзани со онлајн пристап до јавните регистри и надворешните дата бази, коишто може да им дадат можност и на новите клиенти да ги користат нашите производи или да добиваат наша услуга веднаш. Очекуваме во следната година да се соочиме со овој предизвик и да понудиме 100 процентни дигитални услуги за сите, независно од времето и местото.

БАНКИТЕ ЌЕ МОРААТ ДА ЈА ЗГОЛЕМАТ ПРОДУКТИВНОСТА

Има ли некој нов производ или услуга со кој би ги изненадиле кориснците?

Тодорова: Имаме подготвено неколку нови производи, но засега ќе ви откријам само еден од нив.  Од овој месец нудиме дебитна картичка за млади, со пакет специјални поволности,  со многу интересен дизајн и со можност за нов начин на плаќање – стикер, кој на пример може да се залепи на мобилниот телефон и да се користи за безконтактно плаќање независно од дебитната картичка. Стикерот го издаваме во пакет со картичката за млади, но може да го добие и секој наш клиент кој веќе поседува дебитна картичка на Mastercard.

Иако од почетокот на годинава се топат, добивките на банките сепак се на одлично ниво. Како предвидувате дека ќе се движи профитабилноста на банкарскиот сектор во наредните години, дали можеби сметате дека заврши тоа медено време за банкарскиот сектор?

Тодорова: Профитабилноста на банките зависи од нето каматната маржа, којашто е основен извор на приходот, од провизиите како дополнителен приход и од трошоците за резервации и вкупните оперативни расходи. Кога зборуваме за намалувањето на каматните проценти е нормално да се забележува и лесно намалување на нето каматната маржа. Приходите од провизиите се под силна конкуренција, вклучувајќи ги и небанкарските финансиски друштва и стартапови. Во периодот на ниски камати има доста барања за кредити, но потешко се врши класификацијата на добрите од поризичните проекти и треба многу да внимаваме да немаме зголемени резервации во иднина. Поради оваа причина сметам, дека банките се повеќе и повеќе ќе мораат да обраќаат внимание на својата ефективност и да ја зголемат продуктивноста на трудот, преку искористување на новите технологии и подобрата организација на сите процеси. Исто така да нудат и нови, дури и небанкарски услуги, преку кои ќе ги зацврстат врските со своите клиенти и така ќе стекнуваат дополнителен приход.

Едно лично прашање: Имате ли некоја новогодишна желба на приватен или професионален план што силно би сакале да Ви се остври?

Тодорова: На професионален план желбата ми е да ги постигнеме своите поставени амбициозни цели, најмногу во делот на иновациите и на зголемувањето на ефективноста на банката. Додека на личен план, си посакувам здравје и повеќе време за семејството.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди