27 Ноември, 2024
0.0207

ИНТЕРВЈУ ТОНИ СТОЈАНОВСКИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА: Странските навивачи резервираа 20 илјади ноќевања, а ќе заработат и операторите за храна и превозниците

Објавено во: Спорт, Интервјуа 01 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Триесет и третото Европско машко сениорско одбојкарско првенство ќе трае од 28-ми август до 16-ти септември, а покрај Македонија, коорганизатори се Италија, Бугарија и Израел. Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе има вкупно 15 натпревари од групата „Це“, премиерниот на 30-ти август (среда), а последниот на 6-ти септември (среда). Македонската репрезентација ќе го отвори турнирот против Данска на првиот натпреварувачки ден, на 2-ри септември ќе се сретне со Црна Гора, на 3-ти со Полска, на 5-ти со Холандија и последниот ден со Чешка. За спортскиот коментатор Тони Стојановски, кој врши повеќе улоги, како на домашната сцена, така и во комуникацијата на Одбојкарската федерација на Македонија со Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), организацијата на ваков настан е сериозна обврска, носи голема одговорност, но претставува големо задоволство.

Која е вашата функција и улога во Одбојкарската федерација на Македонија?

Стојановски: Јас сум долгогодишен коментатор на одбојкарските натпревари коишто се емитуваат на МРТ, од оние на македонската репрезентација на сите настани, но и на домашните клупски лигашки и куп мечеви, како и на средбите на европските првенства и на Олимпијадите. Ова се однесува на периодот од 2012-та/2013-та, па сите ме доживуваат како новинар што го следи и го промовира овој спорт кај нас. За одбојката научив многу движејќи се во одбојкарските кругови во последната деценија, па имам многу улоги, како на домашната сцена, така и во комуникацијата на Одбојкарската федерација на Македонија со Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).

Како ја доживувате организацијата на Европското одбојкарско првенство во Македонија? Дали сме подготвени доволно да се вложи во ова првенство?

Стојановски: Организацијата на ваков настан е сериозна обврска, носи голема одговорност, но претставува големо задоволство. ОФМ беше храбра да аплицира за да го добие ова Европско првенство, макар што треба да се напомене дека мала држава или мала федерација, во смисла на финансиски можности, не може да добие позитивна оценка од ЦЕВ за организација на ваква манифестација доколку нема поддршка од институциите, во овој случај од Владата. Тоа се случи во 2021-ва, ОФМ доби збор од Владата којашто стана гарант дека ќе се подмират сите трошоци, или барем главните трошоци кон ЦЕВ, за Македонија да може да ја добие привилегијата да го организира Европското првенство 2023. Тежината на овој настан е што е прв машки континентален сениорски шампионат во историјата на Македонија како независна држава. И да одговорам најконкретно на вашето прашање, таа специфика не соодветствува со помошта што ОФМ ја добива од институциите на системот. Лиценцата на организација е 650 илјади евра, тоа се пари што одат во касата на ЦЕВ, а годинава ОФМ е далеку од таква финансиска инјекција од Владата, иако има одлука на седница уште во 2021-ва дека тоа ќе биде решено, односно дека Владата ќе ги подмири трошоците за лиценцата. Тоа засега го нема, Агенцијата за млади и спорт префрла пари на ОФМ во рамки на вообичаените активности и меѓународната програма, но тоа е недоволно. Останува да видиме што ќе се случува, но сево ова ја опишува состојбата со нашите институции, коишто немаат постојаност во работата, напротив, функционираат според принципот пиши-бриши, а тоа автоматски значи дека немаме стратегија за што и да е, во случајов за одбојка, за спорт. 

Дали располагате со податоци колку навивачи ќе пристигнат и од каде? Кој е бенефитот од ова првенство, од секаков аспект?

- Бројките секојдневно се менуваат, но за мене е најважно Македонците да дојдат во арената „Борис Трајковски“. Засега билети купуваат повеќе странци отколку Македонци, а најголем интерес има од Полска. Тоа е очекувано знаејќи на какво ниво е одбојката во Полска, актуелниот освојувач на Лигата на нации, земја со олимписко, светско и европско злато во својата одбојкарска историја. Холанѓаните се скромни иако редовно доаѓаат на летување во Охрид и во Македонија генерално, па можно е да пристигне и нивни контингент во Скопје. Данците доаѓаат во бројка од стотина, а Чесите и Црногорците нема да придонесат многу за полна арена. Но наше е ние да покажеме дека го сакаме и го цениме своето, да го препознаеме настанот којшто е со највисок спортски ранг, на крајот на краиштата, да навиваме за Македонија на Европско. Тоа е ретка привилегија, не верувам дека десетици илјади наши навивачи можат да се пофалат дека гледале натпревар на европско првенство во кој било спорт, во живо! Згора на тоа, цените на билетите се пристојни, па Македонија и сите натпревари во нејзините денови можат да се гледаат за 1800 или за 3000 денари во зависност од тоа дали е билетот од категорија 1 или од категорија 2. Во просек, тоа значи дека цената за еден натпревар е 200 или 300 денари, со сегашните цени, две пива во кафеана. А во Скопје ќе играат Курек, Качмарек, Нимир, ѕвезди на светската одбојка, иако јас секогаш велам дека кој и да дојде, ние треба да одиме во сала за да ги гледаме Ѓорѓиеви, Маџунков, Савовски, Милев, Љафтов, Ангеловски, Деспотовски... Да ги гледаме нашите, да ја гледаме Македонија. Секако, значајна е и посетата на странските навивачи и тоа од повеќе аспекти. Според проценката на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, во Скопје поради Европското првенство 2023 би требало да има околу 15-20 илјади ноќевања. Тоа не е мала бројка и според информациите што ги имаме ние во ОФМ, таа бројка е реална затоа што покрај навивачите, не треба да се заборави дека хотелите, салата, операторите за храна, превозниците итн. ќе имаат заработувачка од овој настан. Еве една илустрација, ОФМ за потребите на претстојното ЕП ќе потроши околу 200 илјади евра само за сместување на репрезентациите и на официјалните лица. Значи, економските текови се кружни, доколку Владата помага на ОФМ, тие пари пак ќе се вратат во нашите компании, па со данокот ќе одат во државниот буџет, којшто ќе се полни и со парите што ќе ги остварат странските навивачи во Македонија. ОФМ не е во позиција да заработи, затоа што кај неа прилив може да има само од билетите, од рекламите на ЛЕД системот во салата и евентуално од спонзори. Тоа не се доволни пари за да се покрие сѐ, па ни да се заработи. Но сакам да потенцирам нешто друго. Ние не треба да заборавиме дека кај нас компаниите немаат општествена одговорност да поддржат нешто што е вредно. По ова ЕП, ОФМ ќе биде во длабока финансиска дупка, но само нека се прослави Македонија, другото потоа ќе се решава. Богатството во пари нека биде за други, ние од ОФМ ќе бидеме богати во душа. Парите се одземаат, душата не! 

Се чини дека истите искусни репрезентативци го носат товарот со години. Има ли Македонија иднина во одбојката?

Стојановски: По ова ЕП, Македонија ќе мора да направи промена на генерации. Најмалку двајца играчи ќе се пензионираат и сигурен сум дека нема да играат на следниот континентален собир којшто ќе биде за три години. Други двајца ќе бидат во длабоки години гледано од спортски аспект, така што сакале-не сакале, ние ќе мора да бараме нови играчи и да се обидеме да ги направиме на ниво на сегашните. И сега има светло на крајот на тунелот, тука е Савовски кој е веќе стандарден репрезентативец, има играчи коишто се сега на подготовки и веќе од наредната година ќе добијат поголема шанса. Иднина има, да, но само доколку Федерацијата направи стратегија за развој и цврсто се држи до неа, а клубовите соберат сила да ја видат пошироката слика. Еве оваа последна реченица нека биде кратко објаснување, инаку темата е преширока, а за неа ќе се разговара сериозно по Европското првенство 2023.

Овој спорт станува сѐ популарен кај младите кои тренираат во секое наше училиште. Постои ли стратегија за лов на млади таленти?

Стојановски: Ќе го споделам моето мислење. Тоа што младите масовно тренираат одбојка, нужно не мора да значи дека ќе влезат во професионален спорт и одбојката ќе добие поголем квалитет. Тоа го покажува и досегашната пракса. Масовноста е рекреација, а за да се претвори во професионалност, треба да се исполнат неколку услови. Прво, да функционираат клубовите со искрена намера да ги привлекуваат децата во своите младински погони и да им посветуваат внимание. Второ, треба да има тренери коишто ја знаат својата работа. Трето, треба да се вложи во соодветна инфраструктура затоа што одбојката има специфични потреби во споредба со другите спортови. Четврто, треба да има стратегија како да правиме играчи коишто во прва фаза од овој долг процес ќе ги носиме надвор како полупроизвод, а тие преку сопствен напредок во поразвиените земји ќе вратат квалитет во репрезентацијата. Петто, да има силна волја за соработка кај луѓето што ја водат македонската одбојка, не само во Федерацијата, туку и во клубовите. Без да се работи за заедничко добро, ќе биде тешко да се надмине сегашната состојба, а објективно кажано, не е розова. Со аматерска лига тешко е да се прави резултат, односно невозможно. Ова сега е инерција од претходно и токму затоа во новиот процес треба да исчекорат сите, но тоа е тема за после ЕП. Можеби забележавте, парите не ги споменав најдиректно во овој контекст. 

Кој и зошто е љубоморен на успесите на одбојкарската репрезентација на Македонија? И што би им порачале на таквите персони?

Стојановски: Значи сте забележале и Вие. Сакам да бидам краток во одговорот на овие прашања. Според моето скромно мислење, а подготвен сум да го бранам и во јавна дебата, македонската одбојка најмногу пати од одбојкари и од одбојкарски работници во обид, без оглед што многу потценувачки на неа гледаат и луѓето од другите, навидум, поголеми или големи спортови. Одбојката е сега во своето најуспешно време мерејќи според резултатите на машката репрезентација, тоа веројатно некому не му одговара, па љубомората извира оттаму. Иако преубав период е за да се разговара за приземни поединечни чувства, би сакал да нагласам дека одбојката би имала подобри резултати да ја има поддршката од своите, од поранешните одбојкари, сегашни тренери, од оние коишто својата афирмација ја доживеале преку овој спорт. За жал, не е така и за нив немам порака, исто како и за оние од другите спортови коишто сега би сакале да играат европско првенство дома и да имаат реална шанса за осминафинале, а досега, верувам и сега, на одбојката гледаат како на второстепен спорт, како на донесено дете во фамилија. Но сѐ си има свое, па да не беше тоа потценување, јас немаше да минам цела деценија во македонската одбојка понекогаш бранејќи ја тезата дека белото е бело!? Сепак, понекогаш ги влечете најсилните мотиви кога се соочувате со навидум неможна ситуација. Ете, на тој начин, јас и македонската одбојка се сретнавме во пристапот „скромност надвор, а лавовски екот на теренот“. И таа приказна се уште трае.

Имаме ли сили да ја минеме групната фаза?

Стојановски: Убеден сум. Македонија ги победувала претходно Данска и Црна Гора, ако го направиме тоа сега, на домашен терен, макар што притисокот ќе биде кај нас, тогаш тоа треба да е доволно за осминафинале во Бари против Италија или против Србија. За мене тоа е логична разврска. Имаме подобра игра сега отколку во минатите две години, верувам дека ќе се почувствува раката на селекторот Јошко Миленкоски, дека ќе ги искористиме нашите предности, а ги има и дека ќе влеземе на турнирот со две победи. Потоа сѐ ќе биде можно, Полска е пресилна, Холандија, исто така, играше Лига на нации и е моќна репрезентација, но со голема поддршка од трибините, со самодоверба до небо како последица на успешниот вовед против Данска и против Црна Гора, може да ги обереме лалињата. А потоа останува Чешка, која играчки е пред нас, но не до степен за да не можеме да се надеваме на успех. Впрочем, Македонија пред четири години во Љубљана ја совлада Словенија која претходно и потоа доаѓаше до финалиња на европските првенства, а играше значајна улога и на Мундијалите, како и во Лигата на нации, така што сѐ е можно. Европското ќе биде „земја на чудата“ за македонската одбојка.

Соња Алексоска-Неделковска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.