Интервју Трајановски: Поразително е ако убаво и чисто Скопје зависи од апсолутна власт на една партија
Објавено во: Интервјуа 07 Октомври, 2025 10:12
Изминатите четири години од работата на град Скопје се црна лекција за партиските самоволија и тесни интереси кои го загрозија секојдневното функционирање на скопјани, а главниот град го претворија во масовна депонија која долгорочно ќе го огрди имиџот на градот. Додека се утврдува кој има вина за овие процеси граѓаните ќе треба добро да размислат на кого ќе му дадат доверба да го води Скопје во следните четири години.
Еден од кандидатите за градоначалник е Александар Трајановски, кој два мандата беше дел од Советот на град Скопје и кратко беше заменик градоначалник, но потоа се повлече од позицијата наведувајќи дека нема никаква конструктивност кај градоначалничката Данела Арсовска за изнаоѓање решенија и политички компромиси. Сега се кандидира како дел од коалицијата на ГРОМ, ЛДП, Интегра и ПЦЕР и иако не се изема себеси од одговорност за изминатиот мандат, смета дека ја заслужува довербата на скопјани поради неопходноста од соработка меѓу политичките чинители во интерес на градот.
Во дел од мандатот бевте заменик градоначалник на град Скопје, функција која има повеќе симболична улога, но несомнено имавте можност да ги согледаш работите „зад сцената“. Што е проблемот со градоначалничката Данела Арсовска, зошто градот целосно се распаѓа, како се дозволи над половина милион граѓани на Скопје да страдаат четири години како никогаш досега на вакво ниво?
Трајановски: Тенденциозно прашање, ако знаете дека заменик градоначалник е функција со симболична улога тогаш исто така треба да знаете дека и градоначалник не е тоталитарна функција без ограничувања. Оттука ќе ви кажам дека Данела Арсовска не единствениот кривец за распаѓањето на градот и страдањето на скопјани. Мислам дека политичкото неискуство не беше на страната на Арсовска, но интересите и потребите на граѓаните и двете завојувани страни ги ставија дури во трет план. Токму затоа и си поднесов оставка, никој не бараше решение. Сите бараа сојузник во пресметката.
Еден период Арсовска имаше солидна соработка со Стевчо Јакимовски и вашата матична партија ГРОМ, но очигледно и таа „идила“ не траеше предолго, како и со речиси сите соработници на „градската мајка“, освен можеби само ДУИ останаа во добри односи. Зошто „пукна тиквата“ меѓу вас, дали тука имаше улога поделбата на директорски места и неостварени ветувања или едноставно ви се разидоа интересите?
Трајановски: ГРОМ никогаш не водел политика првично во интерес на партијата, ние понудивме искусни луѓе, а се нафативме да понудивме решенија и разултати што и се манифестираше преку перформансите во Комунална Хигена, Паркинзи Скопје и секако ЈСП. После Косана Мазнева и Крсте Петревски како директори знаете и сами на каде отиде работата. ГРОМ и јас преку моето дејствување во советот не отстапивме од она за што ја добивме довербата од граѓаните за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Останавме конструктивни и константни во реализација на програмата и ветувањата кон граѓаните не кон партијата.
Како советник и заменик градоначалник имате увид во динамиката на носење одлуки во град Скопје и во Советот. Сметате ли дека треба да се направат измени како на пример отповикување градоначалник или иницијатива за смена на советници од страна на тие што ги избрале со оглед на епската нефункционалност на овие институции и огромниот гнев и насобраното незадоволство кај граѓаните?
Трајановски: Лично мислам дека ова со отповикување на градоначалник е чист популизам и уште една политикантска манифестација во јавноста. Постојат воспоставени методи и пракси. Владата можеше и се уште може да ги одземе ингеренциите и овластувањата во било кој сегмент од работата на Град Скопје или било која Општина. Ако ме прашувата мене, деловникот за работа на Совет на Град Скопје треба да претрпи сериозни измени и конкретизација околу дејстувањето на советниците. Политиката и партиите сериозно ја имаат денунцирано оваа функција, избраниците (советниците) не ги застапуваат граѓаните и нивните потреби и интереси, туку партиските потреби и наративи. Затоа назадува градот, наместо да оди напред.

Претходните искуства покажуваат дека град Скопје функционира единствено кога градоначалникот е од иста партија со учесниците во централната власт и без поголема поддршка од Владата не може да реализира поголеми проекти. Во овој контекст како би ја оцениле вашата кандидатура и претензии за градоначалничкото место во град Скопје?
Трајановски: Како што напоменав и погоре. Поразително за мене е ако убаво и чисто Скопје зависи од апсолутна власт на една партија. Тоа повторно укажува дека институциите не се водат за потребите и интересите на сите граѓани, туку за капитализација на еден политички центар и неговите елити и послушници. Не ја прифаќам логиката и наративот на апсолутна власт, напротив можеме и мораме да се надминеме и да соработуваме за сите да биде подобро, особено за Скопје, незрело е да неможеме заедно да победуваме и да се подобруваме.
Кај ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот Орце Ѓорѓиевски има одредена самоувереност дека „изборите се веќе готови“. Како би им одговориле вие, сепак во трката влегоа осум кандидати, се понудија интересни концепти, која е вашата главна предност и со каква платформа ќе настапите во изборната кампања, зошто вие би ја заслужиле довербата на скопјани?
Трајановски: Ниту јас не би влегол во оваа трка ако не бев самоуверен. Разликата е што јас не се потпирам на партиската машинерија и централната власт, туку на потребите на градот и граѓаните. Ги познавам проблемите на Скопје од внатре и од надвор. Осум години сум дел од Советот на Град Скопје, знам точно што му треба на градот за да брзо го вратиме на вистинскиот пат, но и да го вратиме достоинството на граѓаните пред се. Верувам дека граѓаните тоа и ќе го препознаат.
ГРОМ на овие избори ќе настапи во една необична формација, со партии и од левиот и од десниот спектар. Како дојде до формирање на оваа коалиција со ЛДП, Интегра и ПЦЕР, каде ги гледате најголемите шанси за успех?
Трајановски: Оваа коалиција не се формираше од идеолошки или политичко постулатски гледишта и интереси. Напортив, токму идеолошкото шаренило покажува дека сме се здружиле за да понудиме решение за сите граѓани, затоа што проблемите на градот и скопјани се исти, немаат идеологија или припадност. Во оваа коалиција има луѓе со огромно искуство, кои се докажани и оставиле свој белег, луѓе кои умеат и знаат да понудат конкретни решенија за проблемите. Очекувам скопјани да ја препознаат понудата и да ни ја дадат довербата.
Неизбежно е да се проговори и за партискиот лидер Стевчо Јакимовски, ставен на црна листа на САД, судски пресуди, сомнежи за корупција и злоупотреба на службена положба, и политички скандали. Сметате дека тој е „товар“ за вашата политичка платформа или пак можеби адут, со оглед на неговата популарност меѓу карпошани?
Трајановски: Ако за кандидатот на ДУИ не е товар што Артан Груби е на црна листа и во бегство, за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ не е товар што Никола Груевски е на црната листа и во бегство, зашто за мене би било? Јакимовски е тука, било кој истражен орган да го побара знае каде да го најде во врска со сите обвинувања кои ги напоменавте. За мене и за граѓаните товар е довербата во судството од 2%, и види преседан, актуелната власт обвинува за неефикасност на судиите и партиска припадност, а тие частат и унапредуваат судии кои судат во нивна полза и корист. Конкретно судиката која го осуди Јакимовски, а потоа беше унапредена во в.д претседател на Основниот кривичен суд Скопје.
Во некои претходни циклуси на локални избори многу повеќе се говореше за развојни проекти, за модерни инцијативи, а сега како да сме вратени еден век назад и говориме за базични проблеми како на пример прекин на јавниот градски превоз или преполни контејнери на улиците. Во ваква атмосфера многу повеќе се говори за политичката волја отколку изборни програми, но и за одговорност. Кој според вас треба да ја понесе, а притоа ќе ве замолиме да не се изоставите и себеси, со оглед на вашите досегашни учества во институциите на град Скопје?
Трајановски: На избори секогаш се ветуваат брда и долини. И на овие избори се говори за метроа, трамваи, па и возови. Градот ги преживеа најдушманските четири години, а еден од главните кривци е токму ВМРО-ДПМНЕ, конкретно дејствувањето на нивната советничка група во Советот на Град Скопје. Иронијата е што токму причинителот на овие проблеми сега се нуди како решение на скопјани, а речиси истите луѓе се на нивната советничка листа како кандидати. Оној што го девастираше Скопје изминативе четири години треба да сноси одговорност, а не власт. Јас не се изземам од одговорност, но затоа сега ја барам довербата на граѓаните да ме поддржат мене за Градоначалник и очекувам со поголем број советници да ги застапуваме скопјани, сам во Советот не можев, не успеав.
А.К.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





