29 Септември, 2024
0.0489

ИНТЕРВЈУ ВИСАР ВИШКА: Во светот те сакаат ако вредиш, овде ќе се испоубиеме!

Објавено во: Анализа 26 Август, 2014

Добивај вести на Viber

 „Гниди ќе ме истерате од дома, од мојата земја. „Не еднаш, туку по втор пат, со доза на гнев на својот Фејсбук профил, напиша Висар Вишка, актерот кого филмската камера го сака, а тој му прупаѓа на театарот. Пред само четири години стана член на МНТ, иако повеќе од една деценија беше глумец по договор за дело во Албанскиот театар. Додека не се промени ситемот на финасирање на културата, додека меценството не стане дел од творешките проекти, ке има ваши и наши актери, режисери, сликари, писатели. После избориве, на шега на смеа реков, со ваква опозиција, најпаметно е сите да облечеме дресови на победникот, и да се потрудиме одвнатре, рамноправни, да се бориме за нашите идеи. Ама сите да земеме членски карти”, одговара за Фактор Висар Вишка. Фактор: „Денес има потреба да се биде вработен, послушен и сит, но нема потреба да се биде слободен“ , ќе рече еден од наш истакнат режисер.  Дали театарот е во стегите на политиката и неможе да се ослободи од нив? Висар Вишка Затоа што веројатно тој режисер кога имал можност да промени нешто, не го направил тоа затоа што тој систем и правила на игра тогаш му одговарале и помогнале да стане истакнат. Театарот, а и таа повисока или поелитна култура е финансирана исклучиво од државата. Затоа што таа висока уметност нема широка аудиенција за да може да си се исплати и одржува само од продадени карти. Затоа државата е тука мецена.  И како мецена, таа ќе покрие и финансира тоа што и се допаѓа или мисли дека треба да подржи. Многу просто. Јас со години заговарам да се смени моделот и законот за финансирање на уметноста и проектите преку спонзорства во културата. Како што е во САД и други држави. Големите компании, па дури и тие од средна класа, можат да подржат некој уметник или проект и таа сума да им биде одбиена од данокот. Како што е случај во многу други полиња, спортот, хуманитарни акции итн. Веројатно се соочуваме со стравот дека тогаш не ќе можат да контролираат кој ќе биде најистакнат режисер, актер итн. Затоа што ќе има и други мецени, или ќе соберат пари од добронамерни луѓе кои  ќе финансираат некој проект што ќе биде поуспешен или не ги дели истите идеали и вкусови со власта. За овие дваесет и кусур години талкање по нов систем и правила, ниеден уметник, а најчесто режисерите. имале таква моќ за промена на правилата на игра не направиле ништо. Затоа што кога можеле, овие правила им погодувале на нивните амбиции и потреби. Фактор: Зошто  политиката е навлезена во сите пори на општество и на што се должат внатрешни поделбите што се очигледни  речиси сите нивоа ? Висар Вишка Тоа секогаш така било од камено време. Сите сме и треба да сме активни во креирањето на нашето друштво. Поделби секогаш ќе има,  не мислиме сите исто и затоа напредуваме како човештво. И има разноликост. Проблемот е во тоа што сега не сме еднакви. Да ја свртам малку работата на комичност, иако не е смешно. Во предходнот систем било полесно. Имало една партија. Ако сакаш да промениш нешто, или успееш во животот, ќе се вклучиш и ќе се бориш внатре. Сите биле еднакви во споредба со денес. Затоа што денес, ќе се вклучиш во една партија и се додека е таа на власт ќе имаш шанса да работиш, а додека не е на власт, ќе работиш гратис додека ”твоите” пак не се вратат. Треба да си паметен на што ќе типуваш. Секоја чест на исклучоци кои менуваат дресови без тронка совест, и им успева да се вметнат во секоја постава. После избориве, на шега на смеа реков, со ваква опозиција, најпаметно е сите да облечеме дресови на победникот, и да се потрудиме одвнатре, рамноправни, да се бориме за нашите идеи. Ама сите да земеме членски карти.
СИТЕ ДА ЗЕМЕМЕ ЧЛЕНСКИ КАРТИ
Фактор: Од месец во месец се проширува  списокот на приматели на национални пензии на уметници кои дале придонес за македонската култура и уметност . Но што да прави уметникот или научникот ако живее во систем чија идеологија не ја прифаќа? Висар Вишка Јас не знам ниту еден уметник да врати награда, а не дај боже пари затоа што не му се допаѓа системот или од кого му е дадена. Размислете малку. Апсурдноста оди до таму, што истите тие уметници кои се растурија од работа и пари, станаа звезди работејќи дури и директно во кампањите на претходниците. Другите, кои не беа директно вклучени во агитирањето тогаш чекаа милост. Но истите и сега работат, директно се ангажирани, а во слободното време меѓу два проекти, ни зборуваат за диктатура. Мораме да бидеме самокритични и да тргнеме од себеси ако сакаме да промениме нешто, и да имаме потполно морално право кога ќе ги критикуваме другите. Фактор: Зошто провинцијализмот го потисна интелектуализмот. Што во земјава  го изгуби,  а во светот го има?     Висар Вишка Бев во Њујорк и се расплакав кога влегов во департаментот за култура. Станаа сите на нозе, само врз основа на моето CV тие ме третираа како  уметник. Се направија да се вклопам и почнам работа во Њујорк. Ми закажаа  состанок со директорката на Меѓународниот Театарски Инситут, ми дадоа лични контакти од деканите на Yale, NYU и Brooklyn College. Ми ги отворија сите врати и можности за неполни два часа. На излегување од просториите, ме испратија до врата трите баби и јас целосно збунет ги прашувам - зошто го правите сето ова за мене? Ме погледнаа чудно во момент не сваќајки го прашањето и ми одговорија истотака со зачуденост. “Тоа е нашата работа”, ми одговорија! Тука солзи ми навираа. Ми текна од каде доаѓам и каков третман ќе имав јас во нашето министерство, во мојата дома, во далечната 2001. Дента кога отидов да потпишам договор со тој најдобриот театар во Менхетен, веднаш решив да се вратам, затоа што војната дома се вжешти. Директорката на театарот во њујорк се јавила на “моите баби “дека не сум потпишал и дека бегам од Њујорк. Тие ми се јавија додека излегував од театар и ми понудија пасош за две недели, ако е проблем визата. Е тоа го нема овде. Во светот, луѓето прават се да те задржат или да се блиску до тебе ако вредиш. Овде ќе се испоубиеме. Неверојатен менталитет сме. Качувањето на врвот не го гледаме како тимска работа, заедно да се качиме. Туку уривајќи ги другите кои се повисоко во моментот. 
ГНИДИ ЌЕ МЕ ИЗБРКАТЕ ОД ДРЖАВАТА
Фактор - Зошто во едно мултиетничко општество, меѓу двете најголеми заедница во државата, Македонците и Албанците се уште постојат предрасуди, меѓусебна недоверба и нетрпеливост? Висар Вишка Не би рекол дека е така. Во тој однос сме многу порелаксирани од многу демократии. Проблемот е во тоа што ни се сервира, како понуда за дебата, за тема, што гледаме на телевизија. На тоа работи цела власт, со само две милијарди буџет, а мала држава сме. Раздели па владееј. Класика. Фактор:  Македонците го  имаат Александар Македонски ,  албанците  Скендер бег.  Дали е потребно  се уште да се докажувме кои сме. од каде сме, што сме? Висар Вишка Албанците го имаат и Александар Велики, само што не полагаме целосно и исклучиво право дека  е само наш. Тој припаѓа на светот. Илјадници години порано било тоа. Но, јас не сум човек, или се трудам да се откинам од примордијалната потреба да припаѓам на група. Сакам да мислам на себеси како посебна единка во универзум каде што сме сите поврзани. Сакам да се гордеам со моите постигнувања со одмереност, со постигнувањата на син ми. Ја сваќам потребата на другите да се китат и присвојат туѓи успеси, кога не се задоволни со своите. Затоа сме ние уметниците тука. Да ги научиме луѓето да се запознаат подобро себеси и можеби ќе почнат да се ценат повеќе себеси.    Фактор: На Фејсбук профилот  напишавте -  Преку к** сте ми сите вие смрдливи гниди од кои веќе 36 години не можам да дишам како човек во своја држава, во свој дом. Да, немам ништо заедничко со вас нереализирани души, патетични суштества кои во немоќност да покажете некое свое лично достигнување си присвојувате туѓи, од Александар па се до Мојсеј! А бе од мудата на Букефал сте бре! Од такви гниди со комплекс на ниска вредност, а имаат зошто да се искомплексирани, цел живот ми смрди во Мојата земја. Па како тоа да не беше доволно, се појавија и други гниди кои се повикуваат на делата на Скендербег јеботе! На мајка Тереза! А бе каква врска имате со такви големи луѓе бре, ни јазикот не ви е ист затоа што слушате Цеца и секаков турбо фолк! Кај и да се свртам, што и да фатам да работам во оваа држава, гниди од сите страни”. Од каде овој налет на бес, што толку ве иритира во Македонија? Висар Вишка Па мислам дека доволно јасен бев, што ме изиритира во тие моменти. Фактор: Во македонската општествена јавност се формира мислење  дека кај интелектуалците постои страв кон изложување на критички став. Зошто и од  што се плашат интелектуалците, уметниците  обичниот граѓанин да исжаже свој став  во однос на  проблеми кои ги засегаат ? Висар Вишка Не знам веќе навистина. Треба да ги прашате тие што се плашат, па макар и офф де рекорд. Не сум веќе сигурен дека се плашат. Тие што молчат за нештата, секогаш такви и биле, од основно училиште. На академија ми се повтори ситуацијата. Во класата храбро и без влакна ќе му го кажев на професорот. Другите кои истото го мислеа, веднаш по моето конфронтирање, надвор  му се додворуваа на професорот, па дури и правеа шега на сметка на мојата одважност да се побунам. Не еднаш ми се случило тоа и со многу сериозни последици. Такви се интелектуалците и уметниците за кои вие велите дека се плашат. Не се секирајте за плашливите и подлизурковците. Внимавајте на судбината на храбрите.
СЕ ДОДЕКА Е ЕДОНУМИЕ, ЌЕ ОДИМЕ ПОЛОШО СО ПОДЕЛБИТЕ
Фактор: Дали  Македонија  се движи во вистинска насока ? Висар Вишка Се додека во оваа држава владее едноумие, т.е. другата половина од граѓани кои не гласаат, не можат да се изразат, ќе одиме се полошо во поделбите. Едноумието не е поради Власта, туку во немање алтернативен начин на размислување. Не може во држава да постои опозиција што има идентични ставови  и во декларирање и практикување, со погледите на позицијата. Сите се декларираат граѓански, а делуваат национално, па дури и маалски и роднински. Не може само бојата на дресот да е различна. Пола граѓани во Македонија немаат веродостојна политичка понуда и опција која верно ќе ги артикулира нивните идеи. Еве за момент една симулација која е веродостојна на праксата - не може опозицијата,  во моменти кога е нешто за инает на Албанците, да се солидаризира со владечката партија, плашејќи се да не изгуби некој поен или глас кај избирачкото тело. Тие гласачи си се нивни. Ти треба да најдеш начин да ги слушаш другите што сакаат. или поточно. Ни треба субјект кој ќе зборува со тотално различен јазик, друга синтакса,  во процесите на општествени противречности да понуди друга димензија, за размисла или активизам. Така другата половина, која што не ја прифаќа оваа реалност, ќе ги спознае луѓето кои што ќе им ја сменат диоптријата на погледите, со поинаков начин на размислување, од корен променет. Не можеш перменентно да ја обвинуваш ниту власта, ниту луѓе што ја гласале, затоа што тоа е нивно легитимно и демократско право да изберат како сакаат да живеат. Другата половина, партиска или неопределена, нека се организира подобро и тргне од премисата дека животот може да ни стане подобар само ако и на тој до нас му е добро. разговараше Горазд Чомовски