ИНТЕРВЈУ ЖБОГАР: Очекувам преговорите за членство во ЕУ да ги почнете во втората половина на годината
Објавено во: Македонија, Интервјуа 07 Мај, 2020
Нацрт- преговарачка рамка за државава треба да биде завршена до јуни. Земјите-членки на ЕУ тогаш ќе го дискутираат тој нацрт, и треба едногласно да се согласат за конечната верзија, по што, веројатно во втората половина од годината, ќе се одржи првата меѓувладина конференција. Ова во интервју за Фактор го најавува Самуел Жбогар, амбасадор на Делегацијата на Европската комисија во земјава. Европскиот совет, нагласува евроамбасадорот, едногласно ја одобри одлуката на Советот на министри за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, и во нив е изразен ставот на ЕУ. На прашањето дали очекува вето од Бугарија, Жбогар одговара дека едностраните изјави на земјите-членки не ги менуваат заклучоците на Советот, но и укажува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за проширувањето, поради што е важно договорите со Грција и Бугарија да продолжат да се спроведуваат во добра волја. Во интервјуто Жбогар најавува и дека првата транша од поддршката од 160 милиони од ЕК за Македонија треба да стигне на средината на годинава, а за слоганот „ќебе за тебе“ смета дека е недоразбирање, укажувјќи дека поддршката од ЕУ за земјава значајно ја надминува онаа од другите партнери. Говори и за неговите очекувања дека откако корона кризата ќе помине, македонската економија брзо ќе може да му се врати на растот, но и дека Европската унија ќе биде партнер на кој земјава ќе може да се потпре во секое време...
Пред околу еден месец, Брисел даде зелено светло за почеток на преговори со земјава. Кога ќе се финализира преговарачката рамка, дали е реално да се очекува тоа да се случи во јуни?
Жбогар: По одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, Европската комисија веднаш пристапи кон изготвување на нацрт-преговарачка рамка кој треба да биде завршена до јуни. Земјите-членки на ЕУ тогаш ќе го дискутираат тој нацрт и треба едногласно да се согласат за конечната верзија, по што, веројатно во втората половина од годината, ќе се одржи првата меѓувладина конференција.
Дали очекувате вето од Бугарија за нашата земја во врска со започнувањето на преговорите, бидејќи прашањето за македонскиот јазик е подигнато на највисоко ниво и, дали ќе има можност воопшто да разговараме за проширувањето, бидејќи според „декларацијата на Загреб“ усвоена на вчерашниот Самит, во неговиот текст не беше споменато „проширување“ на ЕУ?
Жбогар: Да потсетам дека Европскиот совет едногласно ја одобри одлуката на Советот на министри за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија. Ставот на ЕУ е изразен во овие заклучоци на Советот. Додека, едностраните изјави на земјите-членки не ги менуваат ваквите заклучоци, важно е да се потсетиме дека, добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Затоа е важно билатералните договори со Грција и Бугарија да продолжат да се спроведуваат во добра волја.
ПРВАТА ТРАНША ОД ПОМОШТА ТРЕБА ДА СТИГНЕ НА СРЕДИНАТА НА ГОДИНАВА
Г-дине Жбогар, нашата Влада сподели информација
дека преговара со Европската Унија за 160 милиони евра од инструментот за
макрофинансиска помош на ЕУ. Кога може земјата да ја очекува оваа поддршка
потребна за надминување на економските последици од кризата со коронавирусот и
дали оваа помош ќе пристигне токму кога е најпотребна?
Жбогар: Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен кажа многу јасно - Имаме посебна одговорност да им помогнеме на нашите партнери во Западен Балкан во оваа пандемија, затоа што нивната иднина јасно припаѓа во Европската Унија. ЕУ обезбедува значителен финансиски пакет, кој ја потврдува силната солидарност. Заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе закрепнеме.
Северна Македонија аплицираше за пристап до макрофинансиската помош на Комисијата (МФП). Врз основа на прелиминарна проценка на вашите финансиски потреби, Комисијата предложи 160 милиони евра да бидат ставени на располагање на Северна Македонија. По усвојувањето на предлогот на Комисијата од страна на Европскиот совет и Европскиот парламент, ќе преговараме со Сeверна Македонија за начинот на кој овие фондови ќе бидат ставени на располагање. Планот е тaa да се исплати во две транши – првата транша се очекува да се исплати кон средината на 2020 година и втората транша би можела да се исплати на крајот на 2020 година или првата половина од 2021 година, зависно од тоа колку брзо Северна Македонија ги спроведува договорените мерки.
Предложената макрофинансиска помош на Комисијата ќе биде дополнување на веќе вообичаените фондови на ЕУ (ИПА). Така, 66 милиони евра се доделени за ублажување на последиците од кризата, од кои 4 милиони евра за справување со итните здравствени потреби, и 62 милиони евра за социјалните и економските потреби.
Освен тоа, ЕУ ги третира земјите од Западен Балкан како привилегиран партнер, обезбедувајќи им пристап до многу иницијативи и инструменти резервирани за земјите-членки на ЕУ. Северна Македонија имаше невиден пристап до европските инструменти за справување со Пандемијата на Ковид-19, како што се Заедничкиот договор за набавки, „зелените ленти“ за нормален проток на неопходните продукти низ регионот, поврзана со работата на релевантните здравствени организации на ЕУ, активирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, итн.
Дали ова ќе биде грант или земјата ќе треба да го врати целиот износ или дел од оваа помош?
Жбогар: Макрофинансиската помош на ЕУ (МФП) е во форма на среднорочен заем, за кој Комисијата ги позајмува неопходните фондови на пазарите на долгорочни кредити и и ги позајмува на Северна Македонија. Заради нејзиниот рејтинг, Комисијата може да добие подобри услови за позајмување од Северна Македонија на пазарите на долгорочни кредити, особено во контекст на предизвиците од Ковид-19.
Предложените МФП заеми ќе покријат дел од итните надворешни финансиски потреби во Северна Македонија, со што се намалува ранливоста на билансот на плаќања на краток рок, продлабочена поради кризата со Ковид-19. Едноставно кажано, МФП ќе ja поддржи надворешната стабилизација и со тоа ќе обезбеди простор на властите за спроведување на мерки за справување со економските последици од Пандемијата на Ковид-19.
Додека МФП има за цел да помогне околу надворешното стабилизирање, Европската комисија подготви низа мерки за поддршка на социјалното и економското закрепнување и на здравствениот сектор. Исто така, продолжуваме да ги поддржуваме реформите на вашиот европски пат. Поголемиот дел од оваа поддршка - како 66 милиони евра од ИПА средствата - ќе бидат во форма на грантови.
Дали Европската Унија ќе постави некои услови за начинот на кој земјата би ги употребила овие пари и, дали ЕУ ќе направи проверки за тоа како парите се потрошени, односно дали тоа е во согласност со намената за надминување на кризата од коронавирусот и во согласност со законот?
Жбогар: Макрофинансиската помош (МФП) не еусловена, ниту пак назначена. Ќе биде исплатена на Народната банка на Северна Македонија. На барање на Владата, и предмет на одредби кои треба да бидат договорени во Меморандумот на Разбирање со Северна Македонија, фондовите може да бидат префрлени на Министерството за Финансии како краен корисник, со што се обезбедува финансирање на буџетот. Во таков случај, Владата јаприфаќа одговорноста за плаќање на камата, и, по нејзиното достасување, за отплата на главницата.
Во врска со нашата помош од ИПА, Комисијата редовно ги мониторира предвидените активности и прави преглед нa напредокот кон постигнување на очекуванитецели, вклучувајќи и резултати, особено во форма на неколку мониторинг комитети во текот на една година. Преку овој постојан дијалог, Комисијата проверува дали парите се соодветно потрошени.
ПОДДРШКАТА ОД ЕУ ЈА НАДМИНУВА ОНАА ОД ВАШИТЕ ДРУГИ ПАРТНЕРИ
Преку вашиот Твитер профил објавивте дека нашата земја, преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ќе добие генератори, шатори, душеци како и илјадници ќебиња, но брзо потоа, евроскептични кругови објавија слоган „Ќебе за тебе“, како ироничен потсетник на ‘ЕУ за тебе’ кампањата. Некои дури прашаа дали целта на шаторите и ќебињата е да бидат користени од мигрантите. Како го коментирате ова?
Жбогар: Имаше некое недоразбирање и, искрено да кажам, степен на дезинформација во врска со овој дел од помошта. Дозволете ми да појаснам. Како земја партнер, Северна Македонија можеше да побара поддршка од заштитниот механизам на ЕУ, кој резултираше со испорака на генератори, шатори, ќебиња, душеци како и комплети за хигиена. Надлежните власти треба да утврдат како да ги искористат овие набавки во нивните напори да се справат со предизвиците поврзани со Ковид-19.
Но, ова е само мал дел од помошта на ЕУ за земјата поврзана со Ковид-19, која вклучува поддршка за итните медицински потреби како и за справување со економските последици од пандемијата. Дозволете ми да потсетам дека ние бевме првиот донатор кој обезбеди респиратори за земјата во време на голема побарувачка и голем недостаток ширум светот. И ова не е се. Само оваа недела, нова набавка на 8.800 единици на најитните медицински материјали (системи со пумпи, катетери, шприцеви, инфузиски систем и линии за продолжување) беа доставени до Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Tреба јасно да се каже дека поддршката и соработката обезбедена од ЕУ, го надминува она што други партнери и го имаат обезбедено на земјата и на регионот. Ќе продолжиме да покажуваме солидарност и да даваме поддршка во справување со овој заеднички предизвик.
ММФ и Светска банка веќе ги објавија нивните прогнози за тоа колку ќе биде голем падот на БДП во Македонија оваа година, а со свои прогнози излегоа и Владата и Народната банка на земјава. Кои се очекувањата на Европската комисија за земјите-членки на ЕУ и колку ќе биде голем минусот за нашата земја, имајќи предвид дека овие земји се нашите најголеми трговски партнери? Дали македонската економија ќе успее да се извлече без колапс на компаниите и без граѓаните да паднат во сиромаштија во голема мера?
Жбогар: Oваа криза е невиден шок што го изненади светот и нeговата економија. Во оваа непозната територија, да се направи економска прогноза, е посебен предизвик поради големата неизвесност што произлегува од надворешни фактори, како што се обемот и влијанието на меркитекако социјалната изолација, напредокот во развој на вакцина, степенот на прекини во снабдувањето и промени во однесувањето на луѓето.
Европската комисија во моментов ги подготвува Пролетните економски прогнози за 2020 година кои ќе бидат објавени на 7 мај 2020 година (денеска – н.з.) и ќе даде поголем увид во точното влијание на кризата со Ковид-19 врз земјите-членки на ЕУ и на партнерите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Едно е сепак јасно. Како Европа, така и остатокот од светот, Северна Македонија се очекува да се соочи со рецесија во 2020 година, чија големина ќе зависи од траењето на пандемијата Ковид-19 во Европа. Сегашните проекции на Владата и меѓународните институции предвидуваат рецесија помеѓу 2-4 отсто во 2020 година.
За среќа, Северна Македонија влезе во оваа криза со растечка економија, стабилен и ликвиден финансиски систем, подобрени услови на пазарот на трудот и контролиран дефицит на тековната сметка. Затоа, се надеваме дека откако кризата ќе се смири, земјата ќе може брзо да го врати растот, таканаречено закрепнување во форма на латиничната буква V.
Важно е да се напомене дека среднорочните и долгорочните модели на економски развој, поодржлив и правичен раст, издржливост на надворешни шокови како Ковид-19, како и приближување кон стандардите на ЕУ, ќе зависат од забрзување на потребните структурни реформи во земјата, како справување со несовпаѓање на вештините на работниците со барањата на работодавците, намалување на неформалната економија, зајакнување на инстражувањето и иновациите, итн.
Дали верувате дека економските мерки на владата се добро дизајнирани, доволни, и, дека ќе дадат добри резултати, или пак, се потребни нови мерки кои би значеле поголема буџетска „инекција“ за економијата?
Жбогар: Најважните мерки се субвенциите за плати и социјални придонеси, одложени даночни плаќања и заеми без камата за малите и средните претпријатија. Овие мерки имаат смисла и се многу слични на тие од земјите-членки на ЕУ. Тие и обезбедуваатликвидност на економијата, одржување на работните места и го намалуваат ризикот од стечај. Се разбира, колку подолго трае сегашната ситуација, толку потешко ќе и биде на Владата да продолжи да ги финансира овие мерки. Гореспоменатата макрофинансиска помош на ЕУ ќе помогне во овој поглед. Би сакал, исто така, да потсетам дека ЕУ ќе обезбеди дополнителни 40 милиони евра буџетска поддршка (грантови), поврзано со - меѓу другото - Владината шема на бескаматни кредити и грантови за микро и мали претпријатија.
ТРЕБА ДА БИДЕТЕ ГОРДИ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ И НИВНОТО ВОДСТВО
Дали мислите дека здравствените власти во земјата се справуваат добро со ова сериозна здравствена криза? Доаѓате од земја која ја има приближно истата големина како нашата, дали може да направите првична споредба за тоа како двете земја ја менаџираат пандемијата?
Жбогар: Јас сметам дека вашите институции донесоа навремени одлуки со цел забавување на ширењето на вирусот. Охрабрувачки е да се види дека мерките превземени последните недели резултираа со очигледно израмнување на кривата на новозаразени случаи и најважното – избегнување да се преоптовари здравствениот систем. Додека кризата не е завршена, мислам дека може да бидете горди на здравствените работници и нивното водство за заштита на граѓаните од посериозни негативни бројки.
Пофалби исто така и до граѓаните за почитување на упатствата дадени од здравстените власти и Владата. Се чини дека социјалното растојание, маските, ракавиците и миењето раце ќе продолжат да нè придружуваат сè додека не се развие вакцината.
Дванаесете донирани респиратори од страна на ЕУ пристигнаа во земјата, тие се дел од четирите милиони евра итна медицинска помош обезбедена од Европската Унија. Но, земјата изгледа дека не успева да набави респиратори од други земји, т.е. некои од тендерите не успеаја. Ако земјата итно би имала потреба од дополнителни респиратори, дали ЕУ би можела повторно да помогне?
Жбогар: Како што веќе напоменав погоре, Европската Унија ја третира Северна Македонија како привилегиран партнер преку давање пристап до европските инструменти за одговор на кризата, вклучително и пристап до Заедничкиот договор за набавки. Ова значи дека и во случај на дополнителни потреби во иднина, вашата земја може да добие респиратори преку овој инструмент на ЕУ.
Кое е вашето лично мислење, дали Европската Унија потфрли во помагање на нејзините земји-членки, како Италија и подоцна Шпанија, кои се соочија со огромен број на жртви од Ковид-19. Дали сега Унијата ќе им помогне да ги залечат раните и во надминување на економските последици?
Жбогар: ЕУ секогаш стои покрај нејзините земји-членки. Ова се однесува и на сегашната криза. ЕУ ги мобилизира сите расположливи ресурси за да реагира брзо, решителнои координирано на пандемијата на коронавирусот.
Од аспект на економијата, ЕУ делуваше преку три главни канали за поддршка на работните места, бизнисите и севкупната економија преку развој на пакет за поддршка во износ од 540 милијарди евра за земјите-членки.
Монетарната политика исто така се искористи преку Европската централна банка која иницираше програма за купување на обврзница за справување со пандемијата во вредност од 750 милијарди евра, со цел стабилизација на пазарите.
Ова се само некои од мерките преземени досега, а во тек се дискусии околу можноста за формирање на посебен фонд за закрепнување од Ковид-19 и користење на следниот буџет на ЕУ за борба против кризата. Овие теми ќе бидат дискутирани од страна на премиерите на земјите - членки во следните недели, но јас сум сигурен дека ЕУ ќе продолжи да ја покажува својата солидарност на дело.
СТАРТОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ ЌЕ ПРАТИ СИЛЕН СИГНАЛ ДО ИНВЕСТИТОРИТЕ
Што ќе се промени за земјата и нејзините граѓани кога ќе започнат преговорите, дали и кога ќе станеме финансиски посилни и посигурни како поединци?
Жбогар: Одлуката за отворање пристапни преговори и членството во НАТО се клучни моменти кон остварување на стратешките цели на Северна Македонија. Со почеток на преговорите, се очекува понатамошно зголемување на напорите на Северна Македонија за усогласување со законодавството на ЕУ. Ова значи дека стандардите, на пример во сферата на владеење на правото, политиката на конкуренција, заштитата на потрошувачите и заштитата на животната средина, ќе се доближат до нивоата што ги уживаат граѓаните на ЕУ и ќе помогнат во зајакнувањето на деловната клима. Во исто време, со почеток на преговорите со ЕУ, Северна Македонија праќа силен сигнал до потенцијалните инвеститори. Првенствено е во рацете на самата Северна Македонија како ќе гиискористи максимално можностите кои приближувањето до ЕУ ги носи, особено преку спроведување на политичките и економските реформи повразани со процесот на пристапување.
Кога граѓаните директно би ги почувствувале придобивките од процесот на евроинтеграција? Кои придобивки ќе бидат повидливи?
Жбогар: Процесот на пристапување е темелен процес за земјите кандидати да се подготват да станат земји-членки и да ги исполнат Копенхашките критериуми. Ова значи постепено спроведување на клучните реформи, што доведува до посилно владеење на правото и заштита на фундаменталните права, економија која постепено се движи кон функционална пазарна економија, способна да се справи со конкурентскиот притисок на единствениот пазар, и зајакната јавна администрација. Усогласувањето на законите со законодавството на ЕУ постепено ги приближува земјите до стандардите на ЕУ. Сето ова е постепен процес. Во кои области граѓаните најпрво ќе ги почувствуваат придобивките од интегративните процеси, исто така, ќе зависи од брзината со која Северна Македонија се усогласува со европското законодавство и во кои области остварува најголем напредок.
Дали се согласувате со брзањето за закажување на предвремени парламентарни избори во јуни?
Жбогар: Потребен е консензус меѓу партиите за следните чекори, вклучително и за датумот на предвремените избори. Ја поздравувам иницијативата на претседателот Пендаровски да ги покани политичките лидери на состанок. Не е здраво за демократијата да се биде во вонредна состојба долго време и сигурно не подолго од итната потреба.При организирање на избори, истовремено земајќи ја предвид состојбата со јавното здравство, важно е да се обезбедат услови за кредибилни избори и нивно спроведување во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, меѓународните стандарди и практики.
Дали вие лично очекувате промена на владата после изборите?
Жбогар: За време на изборите, гласачите ќе одлучат за идниот состав на нивниот парламент и Влада. Очекуваме новата влада, кој и да ја формира, да биде кредибилен партнер, кој се залага за благосостојба на своите граѓани, за унапредување на реформите поврзани со ЕУ и за исполнување на претходните обврски со цел да се придвижи на патот кон ЕУ. Tоа е она што граѓаните го сакаат и го заслужуваат.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.