28 Септември, 2024
0.0334

ИНТЕРВЈУ Златко Ориѓански: Станавме општество за една вечер!

Објавено во: Анализа 16 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Мојот личен однос кон величината на Вања Лазарова е само еден мал чекор да почнеме да ги уважуваме вредностите. Ние немаме правец на движење, затворени сме во самодоволноста. Во Македонија надладеа провинционализмот. Ние не се движиме никаде, ја промовираме самодоволноста. Ова за Фактор го вели Златко Ориѓански, врвен композитор и аранжер, гуру на култнатаАнастазија. Ние сме општество без мерка, без правен систем, без институции…Последните избори говорат дека Македонија се наоѓа во канџите на она што е балканска мафија. Таа е спремна и способна да изманипулира и намести избори во поголеми земји, не па во Македонија”, одговара Ориѓански. Тој открива дека неговата последна композиција отпеана двојазично, со спот и на албански не се емитува на медиумите на македонски јазик. Фактор:  Му пишавте писмо на премиерот  по одлуката на Министерство за култура да го  одбие барањето за статус на Национален уметник на доајенот на македонската народна музика Вања Лазарова.  Очигледно  Никола Груевски  го прочитал писмото, а министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска  ја преиспитала својата одлука. Лазарова ќе добие национална пензија. Како ова го толкувате? Ориѓански: Дваесет години одев дома кај Вања и чичко Душко (нејзиниот сега покоен маж). Таму јадев леб од нејзините раце, Душко ми беше повеќе од татко. Дваесет години делевме разни нешта, помеѓу музика, семејни радости и трагедии. Една ноќ, беа дојдени на гости кај мене. Знаете колку часа траеше средбата? Дојдоа во 19 часот навечер, ги испратив  другиот ден сабајлето во девет. Пиевме ракии, јадевме пита, пеевме песни до зори. Такви наши сеанси имавме многу често. Тоа се луѓето од кои јас ги учев принципите и тајните на она што е македонска традиционална музика, нешто без кое не можете да влезете во таа одаја каде ќе создавате своја музика поставена на македонски темели. Што ви говори ова? Тоа е моја обврска кон нив двајца, мој долг. Два дена пред Душко да почине седевме во еден парк во Аеродром. Неговите последни реченици додека ми ги стегаше рацете беа: „Сине,немој никогаш да престанеш со музика,немој никогаш да ја изневериш Македонија“. Ете оттаму, од овие мали, а за мене големи детали му напишав на почитуваниот премиер... Бев апсолутно сигурен дека ако тоа стаса до него, тој ќе сфати што е пораката. Дали ја разбравте до крај поентата на моето писмо? Не е се во парите ами во честа, во редот, во тоа дека треба како општество да се научиме да почитуваме, да создадеме мерка за вредност. Тоа нешто не го направивме изминативе 25 години. Не знам, но претпоставувам дека Премиерот воопшто не знаел за оваа работа. Ако ние бевме нација со свест, Вања требаше ова да го добие уште пред дваесет години. Денес,потегот на Министерството е симболичен, но и значаен на свој начин за следните чекори кои ќе ги прават во тој правец. Фактор: Дали знаете според кои критериуми се делат Националните пензии и кој според Вас друг треба да добие статус на национален уметник?  Ориѓански: Да, критериумите ми се познати и - нелогични... Искрено, не знам дал воопшто се потребни ваков вид на признанија... Некако, ко од некое друго време ми се... Ко од Советска Русија... Кој друг треба да добие? Па не сум ја Комисија за да кажувам, хаха... Не знам, не се занимавам со такви прашања... Ова со Вања, мислам дека одговорив..тоа е нешто сосем лично... НЕ СУМ ГНЕВЕН, ИМАМ СТАВ Фактор: На  вашиот Фејсбук профил напишавте : “Еден ден, ко ќе се наситите, ко ќе видите дека сопственоста е илузија и ништо в гроб не ќе однесете, ниту вие, ниту децата ваши, и дека денот и со обичен леб и сирење се поминува ко крал, од таму натака, може и ќе се формираме во некаква држава, народ, нација… Сум видел лакомост..ама вакво чудо немам никаде сретнато..На крајот, ќе останете 200-500 милионери и неколку илјади полицајци кои ќе ве бранат еден од друг.. Народот ќе си замине, цвеќињата нема да цутат, деца нема да се раѓаат… На што се должи  ваквиот Ваш гнев и  разочараност? Ориѓански: Не знам зошто, но многу често македонските новинари, во мигот кога некој ќе искаже став, веднаш го лепат зборот „ГНЕВ“. Тоа ви звучи некако посебно? Или? Данило Киш при една пресметката со тогашната југословенска власт која го нарече плагијатор, напиша книга од 500 страници „Час по анатомија“, која беше лекција по литература и силен одговор против власта и неталентираните писатели. Никој тоа не го нарече гнев или разочараност. Дал лично јас нешто барам од Власта? Не... Не барам ниту пензија ниту работа, не барам ништо... Значи, искажувањето став за моментот, за местото и земјата каде што живеам не значи ниту гнев ниту разочараност. Не сум бил јас од претходниве власти „очаран“, па сум од овие „разочаран“. Сосем е природно да имам политички став. Само провинцијална средина, онаа која нема граѓанска класа, таа смета дека уметникот не треба да има став, туку треба да си пее и да си молчи. Зарем такви ставови немаа Брехт, Кундера, Чаплин, Форман, Дилан, Хендрикс... Да го упростам... Тоа е класна борба... Од Маркс наваму, нема нова политичка идеја и таа и таква борба е сосем нормална. Во таа смисла, не се чувствувам ниту гневен ниту разочаран. Фактор:  Зошто политиката е навлезена во сите пори на општеството? Ориѓански: Затоа што општеството само по себе е политика. Не е тоа ништо страшно или само кај нас познато. Имате три неплатени сметки за струја, размислувате од каде да најдете пари... Размислувате зошто не можете да ги платите и ете..тоа е веке политика. Ги гледате учебниците од вашето дете, забележувате дека се бескрајно глупаво напишани - и? Сакале-нејќеле, ќе искажете став... Такви општества каде што сите пловат во некој балон, ловат риби и бројат облаци лежејќи на трева - такви општества нема, не постојат. Но,тоа не е ништо страшно... Фактор: Што за Вас е патриотизам? Ориѓански: Не го сакам овој збор... Некако ми е излитен, исшмирглан. Не сакам да припаѓам на мала група. За мене нациите  се измислица, бесмислица која служи за манипулација... Светов го гледам широко, луѓето, јазиците и музиките ги примам со кеиф од каде и да доаѓаат. Имам доволно години за да знам дека сум смртен и како стареам тотално сум растеретен од такви „високи“ чувства на нација, народ, припадност... Припаѓам, најмногу себе си. Тоа ме прави слободен. ЗАГЛАВЕНИ ВО МИНАТОТО Фактор: Зошто постои поделеност меѓу граѓаните, на наши и ваши, на патриоти и предавници, на антички и на Словени ? Ориѓански: Тоа е најголемата измама на векот која се обидуваат да ни ја подметнат што однадвор, што одвнатре. Која е целта? Целта е да се направи забуна и да се загубиме за полесно да остварат политички економски и секакви влијанија на просторов каде што живееме... За несреќа, нашево население уште од време е во најголем дел недоволно писмено и лесно за манипулација... Во 18-тиот, почеток на 19 век, грчката црква тотално на истата финта се обидувала да го погрчи македонското население. Со истите приказни за Александар, антички и сл. Денес, најголемите подржувачи за таа античка припадност знаете кои се? Во најголемиот дел тоа се луѓе кои во изминативе години беа неуспешни поети, музичари, сликари. Милион пати кажав. Појдете во Охрид и застанете пред црквата Св.Софија. Таа е црква од 11 век, период на Византија. Византија презеде се што беше убаво и умно од Антиката. Денес ќе кажете дека мајсторите кои ја градеа беа глупави??? Дека заборавија да додадат антички столбови? Тие историски реки не течат на тој начин. Но на недоволно образувано население можеш да му кажуваш дека економски сме посилни и од Германија, а тоа да ти поверува без да се сети дека само фабриката Мерцедес има поголем приход од цела Македонија. Фактор:  Зошто провинцијализмот го потисна интелектуализамот? Ориѓански: Затоа што од една страна, голем дел умни луѓе си заминаа од овде и поради нашиот менталитет, се она што е добро и вредно, на крајот да го понижиме и исплукаме. Почнете од Мисирков, преку Милчо Манчевски, завршете со Панчев и Пандев. Ете, пак ќе се вратиме на почетокот... Ние сме општество без мерка, без правен систем, без институции... Се е така, прекутрупа, колку за една вечер. За таа состојба се виновни сите власти вклучително и последнава. Фактор:  Каде го лоцирате проблемот што во едно мултиетничко општество меѓу двете најголеми заедница во државата, Македоници и Албанци се уште постојат предрасуди, меѓусебна недоверба и нетрпеливост? Ориѓански: Заглавени сме во минато. Погледајте ја и опозицијата и власта. Кој век е, кое време е, кај нас се уште имаме строго затворени етнички партии. Тоа е смешно, трагично. Тоа говори дека сме назад 150 години од она што е сегашен историски момент. Јас немам такви проблеми... Имам чувство дека Албанците ме почитуваат дури и повеќе од Македонците... Немам проблем со нивниот јазик, дури сметам дека тој јазик е сосем природно да се изучува насекаде во нашава земја. Која е штетата од тоа? Која е штетата ако знам да кажам „Дајте ми леб!“ на албански? Значи за нас е логично да знаеме англиски, ама не и албански... Зарем тоа не е малку наивно? Пред еден месец објавив песна на албански... Знаете што се случи? Никој од македонските медиуми не сака да ја пушти. Ја возат само македонската верзија... Истовремено, десетина Албанци ми се јавија и сите се понудија да платат за да се изработи спот и за двете верзии... Тоа зарем не ви говори дека проблемот сме ние со својата затвореност и увереност дека некого треба да го третираме ко слуга, а ние сме газди? Не! Ние живееме сите заедно на овој простор и мене многу ме весели што тој простор е шарен и преполн со јазици, со бои и разно разни музики. Тоа дава, никому ништо не зема. Фактор: Им забележувате на некои од уметниците за нивно кокетирање со политичките партии. Но не е тајна дека Вие ја направивте  музиката за кампањата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Ориѓански: Не знам од каде ви е оваа констатација... Неточна е... Никому никогаш  ништо не сум забележал. Напротив, постојано кажувам, музичарите нек’ си свират, нека добро наплаќаат и летоска нека си одат на море. На крајот, секој има право на свој став. Иво Андриќ беше заменик министер за надворешни работи, ама ги пишуваше оние големи книги... За Стево Пендаровски, дадов едно парченце музика и тоа бесплатно... Значи неточна ви е констатацијата. Друг човек работеше музика за неговата кампања. Парчето беше две минути музика, го дадов од ќеиф и без да го наплатам. Зошто? Затоа што сметам и денеска, дека е поарен човек за таа работа од сегашниов претседател. Тоа е мој личен став. ДРЖАВА БЕЗ ПРАВЕЦ Фактор: Во едно интервју имате изјавено „добра власт не постои“. Одредена власт која и да е после петта година од владеењето губи памет. Но последните изборни резултатите Ве побиваат. Очекувавте промени но желбата не ви се оствари. Ориѓански: Промени се случуваат секој ден. Изборните резултати немаат врска со констатацијата дека секоја власт губи памет после пет години владеење. Таа констатација е изведена набљудувајки разно разни власти во разни историски периоди. Власта дава пари, слава и чувство на моќ. Последните изборни резултати говорат дека имаме неорганизирана опозиција, имаме држава без спроведен попис и уште нешто.  Последните избори говорат дека Македонија се наоѓа во канџите на она што е балканска мафија. Таа е спремна и способна да изманипулира и намести избори во поголеми земји, не па во Македонија. Многу брзо ќе видите дека ваквите добиени изборни резултати ќе и донесат голема штета на нашава држава. Но, понекогаш сите ние избрзуваме со констатации немајќи трпение да ги согледаме или однапред да ги предвидиме историските промени кои ќе следат. Фактор: Во кој правец се движи Македонија ? Ориѓански: Нема правец, тоа е најтрагичното. Ние сме мала затворена средина. Оној миг кога ќе секнат кредитите и парите однадвор, ќе дојдат тешки денови за сите нас... Мислам дека сме многу блиску до тоа. Полека но сигурно, овде царува депресијата и немањето пат... Заличуваме на оној цртеж каде што змијата си ја јаде сопствената опашка. После згрешени 20-тина години, ќе треба барем 30 нови за да заличиме на европска земја. Имам чувство дека и последниот воз си оди, а ние само мавтаме со рацете мислејќи дека чека на нас. Горазд Чомовски