ИНВЕСТИЦИИ: Дали субвенциите за странските компании се оправдани?
Објавено во: Економија 29 Март, 2016 08:01
Изминативе неколку месеци низ повеќе анализи и стручни согледувања, експертската јавност се обиде да даде одговор на повеќе прашања поврзани со присуството на странските директни инвестиции во слободните економски зони.
Анализата направена во рамки на проектот FISCAST: Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија, спроведен од Finance Think, покажа позитивна додадена економска вредност на странските инвестиции. Имено ако се пресметаат бројките за бенефитите и трошоците базирани на официјалните и достапни информации за јавноста ќе се види дека вкупниот бенефит за државата фактички и претпоставен (за период од 2006 - 2020 година) изнесува 35 милијарди денари (570 милиони евра). Од нив околу 11, 8 милијарди денари (192 милиони евра) се бенефити базирани на официјалните достапни информации за периодот од 2006 та до 2014 година, а периодот од 2014 до 2020 е базиран на процените за работата на компаниите во зоните.
„Според резултатите и анализата за трошоци и за придобивки може да се каже дека оваа стратегија нуди повеќе придобивки отколку трошоци. Фактот дека за секој денар потрошен за оваа стратегија, државата има поврат од 5,38 денари несомнено означува дека стратегијата во нашата анализа дава позитивни резултати“ пишуваат истражувачите во рамки на ФИСКАСТ.
Во анализата се опфатени 14 Странски директни инвестиции (СДИ).
За многумина ваквата бројка е своевидно изненадување, иако и самите изготвувачи на анализата предупредуваат дека работат само со оние податоци кои се јавно достапни, алудирајќи дека мора да се зголеми отчетноста доколку се сака да се види целосната слика.
Моделот е позитивен, но ќе мора да трпи измени
Ако се погледнат бројките по ставки се гледа дека трошоците што влијаат најмногу врз оваа стратегија се трошоците за развој на ТИРЗ, буџетот на АСИПИРМ и загубениот приход од персонален данок. Најголемиот ќар пак државата го има од нето-извозот на овие фирми, исплатените плати и од технолошкиот прогрес.
Професорот Марјан Петрески смета дека моделот за привлекување инверститори е позитивен, иако има недостатоци.
[caption id="attachment_126354" align="alignright" width="480"]
Нам ни требаат инвестиции каде полесно би пружиле поголема додадена вредност, на пример во прехранбената индустрија[/caption]
„Како модел за развој на економијата мислам дека начинот на привлекување инвеститори е позитивен. Видовме досега дека домашните инвеститори не успеаа да креираат доволен број работни места за да го намалат контингентот невработени. Мислам дека на долг рок бенефитите ќе ги надминат трошоците. Секако политиката има одредени недостатоци. Пред се проблемот со транспарентноста. Ние сега не знаме колку пари вложуваме во оваа политика. Тоа се пари на граѓаните. Треба да знаеме да имаме повеќе податоци, за да изградиме консензус и да се согласиме дека на овој начин треба да ги субвенционираме инвеститорие.
Второ е какви инвестиции привлекуваме. Сега привлекуваме инвеститори од автомобилската индустрија, што е добро за подигање на степенот на технолошки развој, но ние немаме работна сила со вештини која може да одговори на потребите на технолошки повисоко развиени фабрики. Тоа може да се види од фактот дека расте извозот, но расте и увозот, а мора да се види нето ефектот. Нам ни требаат инвестиции каде полесно би пружиле поголема додадена вредност, на пример во прехранбената индустрија. Тоа се две главни насоки за кои треба да се размислува во насока на модифицирање на оваа политика“ вели Петрески.
Од друга страна дел од аналитичарите сметаат дека мора паралелно да се работи на други мерки во насока на подобрување на општата клима во земјата, политичка и економска, бидејќи и покрај дадените субвенции, Македонија каска зад останатите земји во привлекувањето инвестиции.
Професорот Крсте Шајноски вели дека „од 2009 до крајот на минатата година (за седум години) во земјата пристигнале едвај 1,37 милијарди евра инвестиции.
[caption id="attachment_155166" align="alignright" width="446"]
Крајно време е да се конципира и изгради стратегија на долгорочен развој која ќе се потпира, пред сѐ, врз сопствени сили, а странските вложувања да бидат од дополнителна помош[/caption]
„А само во 2007 и 2008 година во земјата странците инвестираа над 900 милиони евра. Износите од овие две години (506 и 400 милиони евра) не само што не се остварија до денеска туку имаат тренд на намалување, особено изразен во последниве три години. Во 2013 година беа вложени 252 милиони евра странски средства, во 2014 -205 милиони и во 2015 година само 157 милиони евра.
Веќе никој не треба да се убедува дека се сруши концептот за развој на Македонија со туѓи средства. Тоа, впрочем, никому не му пошло од рака, а најмалку може да успее кај нас, како мала и недоволно развиена земја. Крајно време е да се конципира и изгради стратегија на долгорочен развој која ќе се потпира, пред сѐ, врз сопствени сили, а странските вложувања да бидат од дополнителна помош. Нивното фаворизирање уште повеќе ќе ги влоши состојбите во економијата“ смета Шајноски.
Кои се вистинските ефекти од извозот?
Инаку според истражувањето нето извозот што го оствариле компаниите во периодот од 2006та до 2014 та година изнесува околу 250 милиони евра, додека ако ги земеме и предвидените биланси од 2015 до 2020 оваа бројка би се кренала на 795 милиони евра.
„Овие компании имаат значително влијание врз извозот. Учеството од 31,87 проценти во вкупниот извоз на РМ и подобрената покриеност на извозот во однос на увозот укажува дека овие СДИ влијаат позитивно на извозот. Исто така, соработката со домашните фирми укажува дека до некој степен има позитивно влијание на регионалниот развој и на технолошкиот прогрес врз македонската економија“ пишува во истражувањето.
[caption id="attachment_172517" align="alignright" width="451"]
Извозот од слободните зони во 2015 година изнесува милијарда и пол евра и е 36 проценти од вкупниот извоз во земјата.[/caption]
„Извозот од слободните зони во 2015 година изнесува милијарда и пол евра и е 36 проценти од вкупниот извоз во земјата. Годинава учеството на извозот од зоните ќе се зголеми за дополнителни 25 отсто, вели Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски зони во интервју за „Телеграф“.
Додава дека има и раст на извозот од зоните во однос на вкупниот извоз од државата.
„Во 2015 година придонесот на извозот од зоните од вкупниот извоз од државата достигна 36 отсто, додека во 2014 година извозот од зоните изнесуваше 1,170 милијарда евра, а придонесот на истиот достигна 31 процент. За првите два месеца годинава евидентиран е извоз од речиси 264 милиони, што претставува зголемување од околу 25 отсто споредба со јануари и февруари 2015 година. Во блиска иднина може да достигнеме извоз од 2 милијарди евра само од зоните“ - потенцира Мизо.
Според професорот Шајноски пак, извозниот ефект не може да даде целосна слика, ако се види дека во изминативе 5 години се намалува извозот на домашните бизнисмени, а треба да се одговори на прашањето зошто тоа се случува.
“Илузијата дека во странските вложувања е спасот се распрскува со податоците кои се земаат како нивен неспорен придонес во развојот на економијата. Повеќе пати се слуша дека извозот од ТИРЗ-овите веќе достигнал 1,5 милијарди евра. Тоа е веројатно точно. Меѓутоа, не се кажува дека извозот во изминатите пет години во евра пораснал само за околу 800 милиони евра. Тоа кажува дека за 700 милиони евра е намален извозот од домашните бизнисмени“ предупредува Шајноски.
Кои луѓе се вработуваат во зоните?
Речиси никој не го оспорува порастот на вработеноста, како резултат на вработувањата во ТИРЗ. Од 2006 до 2014 на овие вработени се исплатени нето плати во вредност од 49 милиони евра, а се очекува оваа бројка да порасне до 271 милиони евра до 2020 та година.
[caption id="attachment_207907" align="alignright" width="450"]Ангел Димитров од агенцијата на работодавачи, смета дека субвенциите што Владата ги дава за вработувањата треба да се однесуваат на нововработени лица.
„Компаниите од ТИРЗ преферираат да превземаат обучени кадри од нашите фирки, тие работници веднаш влегуваат во производство, односно комапниите од старт располагаат со вработени кои се продуктивни. Затоа ние предлагаме и бараме од Владата да ги ускрати субвенциите за вработувањата во ваков случај, кога странските фирми превземаат веќе обучен кадар од домашните компании. Ние се соочуваме со тој тренд на одлив на вработени и сме принудени повторно да вложуваме во нови, во нивна обука, вели Димитров.
И професорот Владимир Филиповски смета дека е интересно прашањето колку од вработените во ТИРЗ доаѓаат директно од контингентот на невработени, а колку се оние кои напуштаат вработување во некоја домашна фирма и се вработуваат во ТИРЗ.
[caption id="attachment_207908" align="alignright" width="369"]
Доколку вработените напуштаат домашната фирма, тоа барем на краток рок може да има неповолен ефект врз таа фирма. Но, на агрегатно ниво, секако СДИ во ТИРЗ придонесуваат за намалување на невработеноста[/caption]
„Доколку во вториот случај се работи за висококвалификувани стручни кадри, нивното напуштање на домашната фирма барем на краток рок може да има неповолен ефект врз таа фирма. Но, на агрегатно ниво, секако СДИ во ТИРЗ придонесуваат за намалување на невработеноста и со тоа намалување на буџетските, но, пред сѐ, социјалните и психолошките проблеми поврзани со невработеноста кај луѓето. Сепак, тука треба да се има предвид и нивото на платите што ги исплаќаат СДИ, бидејќи тоа е индикатор за влијанието врз животниот стандард на граѓаните што наоѓаат вработување во зоните. Исто така, субвенционирањето на СДИ преку ослободување од персоналниот данок, всушност е еден вид конкуренциска предност на странските во однос на домашните компании на пазарот на трудот, на страната на побарувачка за работна сила“, вели Филиповски во интервју за Фокус.
Да се зголеми отчетноста
Како и да е, сите соговорници се согласуваат со едно, Владата мора да ја зголеми отчетноста за да може прецизно да се пресметаат сите ефекти. И самите изготвувачи на анализата за проекот ФИСКАСТ имаат одредени резерви кон податоците со кои располагаат.
„Мора да се признае дека иако нашата анализа се потпираше на квантификување факти и податоци преземани од соодветни извори од надлежните државни органи, се соочивме со проблеми кога сакавме поточни и подетални информации. Така што, иако нашите податоци се соодветни, не можеме да гарантираме нивна целосна вистинитост. Една од причините за тоа е дека користиме податоци од Буџетот на Република Македонија, а не од завршните сметки. Завршните сметки означуваат подетален извештај за тоа колку трошоци се реализирани од планираното според Буџетот на Република Македонија. Втората причината за ова е тоа што кога контактиравме со надлежните органи со барања за пристап до информации од јавен карактер, ниеден од органите не ни достави податоци и информации за деталите што ги имавме побарано. Според членот 21 од Законот за пристап до информации од јавен карактер, до денот на поднесување на анализата е истечен законскиот рок од 30 дена во кој институциите се должни да одговорат на барањето“ пишува во анализата.
Во анализата на Фискаст како база за пресметка на трошоците потребни за функционирање на фирмите се земени официјалните податоци за парите потребни за функционирање на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извоз на Република Македонија (АСИПИРМ), за функционирање на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), трошоците за уредување, изградба и за развој на зоните, како и загубениот приход по основа на ослободување од плаќање данок на добивка во период од 10 години за СДИ во ТИРЗ и за индустриските зони „Жабени“ и „Телот“, но и загубениот приход по основа ослободување од плаќање персонален данок на доход во период од 10 години за вработените во СДИ. Како база за пресметка на придобивките од функционирањето на овие компании пак се земени, исплатени плати на вработени во СДИ, подобрување на трговскиот биланс на државата како резултат на СДИ (нето), исплатите за социјално осигурување, бенефитите за домашните претпријатија што се остваруваат преку соработка на домашни фирми со СДИ, како и проценки за ефектите од пренесување на know-how и технолошки прогрес.
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




