20 Април, 2024
0.0570

Историски мирни избори со досадни пораки

Објавено во: Анализа 02 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Македонија по подолго време има доста мирни и пред се досадни денови од изборната кампања за претстојното гласање за градоначалните и совети на општини. Измина првата недела од кампањата во која кај најголемите политички партии не видовме преголема свежина и кондиција, најверојатно исцрпени од последните предверемени парламентарни избори кои се чини како вчера да беа бидејќи беа долгометражни со тешката политичка криза и долгото чекање за формирање влада.

Ако направиме кратка анализа на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ можеме да зебележиме дека главен кандидат за градоначалник е Никола Груевски. Незамисливо е за големиот лидер по 11 години поминати во апсолутна моќ да настапува од опозиција со скратени можности за себепромоција и претставување на успеси и проекти. Груевски исто така е безидееен во оваа кампања. Користи флоскули кои претходно ги користеше Зоран Заев. На граѓаните им порачува со пенкало да одлучеле на 15 октомври. Ако се секаќавате токму Заев велеше дека со пенкало го срушиле режимот на Груевски. 

ВМРО-ДПМНЕ има криза на идентитот под водство на Груевски, истовремено сака да покаже дека прераснале во граѓанска партија која има осет за екологијата, урбанизмот, локалниот развој и проблемите на граѓаните, но истовремено не може без националистичките испади и десничарските параноји дека државата е под напад и дека баш токму на овие избори граѓаните мора да си ја одбранат Македонија, идентитет, името. 

Груевски и ВМРО-ДПМНЕ фрлаат се од ракав и чекаат да видат што ќе се залепи, но тоа се помалку им успева. Веќе ги нема толку силно параноите за масовната преселба на илјадниците бегалци во социјални станови во Македонија. Сега речникот е полн со опозициски флоскули како недемократска атфмосфера, тензии, насилство на власта и полицијата на Оливер Спасовски, додека пак ветувањата се неуверливи и се повторуваат.

СДСМ како актуелна власт единствена поголема забелешка за досегашното водење на изборната кампања е што се однесува како да е опозиција. Да, тоа е вистина ако се земат повеќето општини на локално ниво, но и натаму Заев говори за рушење на режимот на Груевски, иако и тука се подразбира на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои нему му се лојални и заедно спроведуваа многу политики иницирани од централната власт. 

СДСМ има поголем фокус на кампањата, јасно беше од старт дека ќе се говори за животната средина, зеленилото и урбанизмост, додека пак помалку ќе има расфрлање со „проекти“ и ветувања за три базени, четири детски градинки, шест училишта, болници, булевари, тениски игралишта. 

Кај СДСМ мора многу повеќе да се посвети внимание на самите кандидати бидејќи на локалните избори токму кај неопределните гласачи или пак кај тие кои се неодлучни голема улога може да одигра личноста на кандидатот. Освен за Скопје и неколку општини немаме јасна слика кој се е дел од трката за повеќе скопски општини, како и повеќе важни градови низ републиката но, има уште две недели до крајот на изборната кампања за овие грешки да се поправат и гласачите да добијат подобра претстава за кого ќе гласаат.

Самата изборна трка ќе се засилува во наредните десетина дена пред самата кулуминација и очекуваме ако ништо друго барем уште неколку добри дебати и соочувања на кандидати. Во секој случај добро е што нема тензии, ниту пак поголеми инциденти.

Автор: Христијан Станоевиќ