Истрагата за инцидентот со Спасов завршена, ќе следат пријави
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2016
Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека истрагата за инцидентот со заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој предизвика две сообраќајни несреќи во петокот е завршена.
Случајот е „чист како солза” кратко велат од МВР. Оттаму велат дека најдоцна до утре ќе бидат поднесени соодветни пријави против учесниците.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спавоски не кажа кој ќе се гони прекршочно, а кој ќе добие кривична пријава. Спасовски рече дека Законот ќе важи поддеднакво за сите, без разлика дали некој е министер или обичен граѓанин.
„Во текот на денешниот ден ќе ги завршиме сите постапки и ќе ги добиете сите детали околу овој случај. Сакаме да знаете дека законите ќе важат еднакво за сите“ – изјави Спасовски.
Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски веќе најави кривична пријава против Спасов за неовластено користење на „туарегот”.
Инцидентот се случи во петокот вечерта, кога Спасов со службеното возило удрил два автомобили и избегал.
Него го запрела полиција, а додека го утврдувале идентитетот на неговата сопатничка Т.К, Спасов со трчање избегал. Потоа, по два часа в полиција дошло лице вработено во министерството на Спасов кое рекло дека тоа управувал со автомобилот, но не знаел да ги каже деталите од приказната.
Другиот ден пак, Спасов пријави в полиција дека го бркале Албанци.