23 Јуни, 2024
0.0355

Иванов vs. Пендаровски: сличности и разлики на кандидатите за претседател во спорот за името

Објавено во: Анализа 02 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Ѓорѓе Иванов е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори. Актуелниот шеф на државата ја доби поддршката да се кандидира за втор мандат на партиската конвенција, а одлуката потоа со потписи ја потврдија и 10.000 граѓани. За опозицискиот СДСМ речиси извесно е дека во претседателска трка влегува Стево Пендаровски. Конгресот за конечна потврда е утре, но според најавите Пендаровски на него ќе биде единствен кандидат. За кандидатурата ќе го поддржат 30 пратеници. И во оваа изборна кампања се очекува да доминира клучното прашање од национална важност – нерешениот спор околу името со соседна Грција, уште повеќе што заедно со кампањата за претседател, веќе е извесно дека ќе се тера и кампањата за парламентарните избори. Какви се ставовите на Иванов и Пендаровски во спорот околу името? Ќе понуди ли новиот претседател конечно решение за спорот што ги блокира македонските соништа за влез во НАТО и ЕУ? „Јасните црвени линии“ на Ѓорге Иванов Актуелниот шеф на државата веќе еден мандат е дел од државниот врв и од сите разговори и дипломатски напори за надминување на спорот со Грција. За време на петгодишниот мандат на претседателската функција, од претседателите на сите соседни држави, Иванов најмалку се сретнал со неговиот грчки колега Каролос Папуљас – само еднаш на барање на Иванов. Македонскиот претседател неколкупати го канеше Папуљас во посета на Македонија, но без успех. Поканата ја повтори и при последната посета на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос во Скопје. Иванов вели дека не е обесхрабрен и оти верува дека ќе дојде ден кога претседателите на Македонија и Грција ќе можат да разговараат за заедничката иднина на двете држави во ЕУ и НАТО. Во своето обраќање пред партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ вчера Иванов вели дека има „јасно исцртана црвена линија во спорот за името“, која ќе ја следи ако добие втор мандат.
„Нема да прифатам промена на Уставот со цел да се промени уставното име на државата. Нема да прифатам идеи кои го загрозуваат националниот идентитет на македонскиот народ. Само како Македонија и Македонци сме придобивка за светот. Само како Македонија и Македонци, Европа е придобивка за нас. Го бараме она што сме го заслужиле –ни повеќе ни помалку. Како за другите така и за нас. Уморни сме од двојни стандарди“, рече Иванов пред делегатите на Конвенцијата.
Тој ја цитира и изјавата на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун дека „не може да се прави компромис со основните вредности“. Стево Пендаровски: За решение ни треба широк политички консензус Се поизвесниот кандидат на СДСМ за претседателските избори Стево Пендаровски, исто така долги години е инволвиран и го следи македонско-грчкиот спор околу името. Како претседателски советник во кабинетите на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, Пендаровски активно бил вклучен во разговорите за надминување на разликите со Атина. Во јавните настапи, Пендаровски инсистира дека во разговорите никогаш не бил доведен во прашање македонскиот идентитет, туку дека разговорите се водат исклучиво околу компромисно име.
„Немам дилеми дека битката за името и идентитетот која наводно во наше име ја водат сите овие години на сите меридијани само успешно го покрива нашето стравично пропаѓање во однос на трите стратешки приоритети од витална важност за иднината на Македонија – економијата, демографијата и демократијата“, изјави Пендаровски неодамна во интервју за Фактор.
Како претседателски кандидат, тој најавува дека доколку победи ќе се обиде да го врати меѓународниот углед на земјата, но и изгубените стратешки партнерства кои можат да помогнат за решавање на долгогодишниот спор со Атина.
Прв предуслов е постоењето на широк политички и меѓуетнички консензус во Владата, но и меѓу владата и опозицијата со цел да се изгради државна позиција за спорот за името. Таков консензус не само денес, туку со години наназад – не постои. Втор предуслов е поддршката од релевантен меѓународен фактор што некогаш ја имавме, а денес – не“, вели Пендаровски за Фактор.
Спорот за името - жежок политички костен уште долги години? И ДУИ иницијативата за предвремени парламентарни избори ја објаснува во голем дел со нерешениот спор околу името со Грција и блокираните евроатлантски интеграции како резултат на тоа. Според ДУИ, деблокирањето на овој процес може да се постигне само со директни преговори и дијалог на највисоко ниво, како и со помош на нашите меѓународни партнери.
„Свесни сме дека овој процес не може да се одвива помеѓу два изборни циклуси и во атмосфера во која оваа тема се третира во изборна кампања. Определени за подобрување на економскиот развој на земјата и благосостојбата, воедно свесни дека истото може да се обезбеди само со зголемување на внатрешните и надворешните инвестиции, ДУИ смета дека ова е поврзано и со интегрирањето на земјата во евроатлантските структури, бидејќи членувањето во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ, се предуслов за постигнување на стабилна политичка и позитивна бизнис клима“, наведува ДУИ.
Никогаш нема да „свиткаме кичма“ за името му возврати премиерот Никола Груевски на досегашниот коалициски партнер.
„Ние по ова прашање освен голема волја имаме и јасни принципи кои досега во повеќе наврати се имаме произнесено.Народот е тој што ќе одлучи, ако Грција и понатаму остане со такви радикални ставови како досега ние секоја година можеме да организираме избори, рече Груевски.
Едно е сигурно, Македонија влегува во предизборна кампања, а додека таа трае, илузија е дека може да се очекува напредок во разговорите за разликите околу името. Овие избори ќе одземат неколку месеци, најмалку до почетокот на мај и формирањето на ново владејачко мнозинство, додека повторно не се појават шанси за нова рунда разговори под покровителство на Обединетите нации. Билјана Арсовска

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите