ИЗБОРЕН ПОХОД: Битка без пардон!
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2016
Македонските партии од денеска тргнуваат во изборен поход со надеж дека ќе ги освојат симпатиите на граѓаните кои ќе треба да одлучат на кому да му ја дадат довербата на 11 декември. За многумина ова ќе биде најверојатно една од највалканите изборни кампања исполнета со тензичност и негативна реторика во која ќе доминираат дискредитациите, омаловажувањата и оцрнувањето на политичкиот опонент. Со еден збор кажано битка без пардон.
„Мислам дека веќе се гледа на кои главни колосеци ќе се водат кампањите. ВМРО ДПМНЕ ќе го користи максимално подарокот кој Заев им го даде со изјавите за употреба на албанскиот јазик зајакнато со ставови против федерализацијата на земјата. Ќе го држат силно и фронтот против СЈО и обвиненијата против нив. Истовремено, ќе продолжат да најавуваат проекти и инвестиции. СДСМ фокусот ќе го држи кон борбата за демократија, сакајќи да ја прикаже ВМРО-ДПМНЕ како криминална структура по бомбите. Не верувам дека ке освојат многу албански гласови. Кај албанскиот блок се можни изненадувања во смисол што ДПА веќе не би била најголема опозициска партија. Верувам дека кампањата ќе помине без инциденти. Практично, веќе ги видовме изборните адути“, изјави Бранко Ѓорѓевски , уредник во весникот Дневник.
Според новинарот и сопственик на весникот Коха Арбен Раткоцери очекува кампањата дека ќе биде во рамки на минималните демократски станадарди, додавајќи дека како ќе се наближува денот на гласање така тензиите ќе растат, а ќе кулминираат по завршувањето на изборите без разлика на изборниот резултат. .
Кај албанскиот блок ќе биде по тензично до денот на изборите а кај македонскиот дел после денот на изборите. Кај албанските партии ќе провладуваат претежно обвинувањата за предаство и ќе има заканувања претежно на структурите на партиските опоненти. Значи само платформа програма или политичка понуда нема да има.
А кај македонскиот дел, особено кај двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, се плашам дека тензиите дека ќе се чуствуват на денот на изборите и после тоа. Нема да ме изненади ако се повика народот на протести со аргументот избрите се нерегуларни . Со тоа ќе влеземе во нов циклус на дестабилизација и уште по нејасна иднина за земјата.
Не треба да се занемарат и актуелните случувања во светот а посебно во Европа и регионот , кои исто така ќе влијаат врз Македонија“, проценува новинарот Раткоцери.
Без разлика на зголемениот број меѓународни набљудувачи и очекувањата на Вашингтон и Брисел изборите да поминат во најдобар ред , сепак не се исклучува повторно да има притисоци, уценувања, заплашувања и агитирање.
Според новинарот Гоце Трпковски, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде како главна тема да го наметне она што Владата го сработила, да се држи до автопатите, странските инвестиции и особено до бројките за невработеноста. СДСМ, пак, ќе се обиде фокусот да го стави на содржината на прислушуваните разговори што ги објави, и на истрагите во врска со нив.
Опозицијата малку ќе се осврнува на тоа дали проектите и мерките на Владата дале задоволителни резултати или не (иако мислам дека на ова треба да се посвети најмногу внимание), а владејачката коалиција ќе ја избегнува темата за прислушуваните разговори и на неа ќе возвраќа со преувеличување на изјавите на Заев во врска со употребата на албанскиот јазик (толкувајќи ги како федерализација). Кај ветувањата, со оглед на она што сме го навикнале од ВМРО-ДПМНЕ и она што го претстави СДСМ на последниот конгрес, ќе има буквално наддавање кој повеќе ќе обезбеди државни пари за субвенции, помош за претпријатијата, изградба на објекти и друго, што укажува дека и двете се залагаат за политики со големи буџети во кои државата е доминантен економски играч. Дел од помалите партии и нови движења и коалиции ќе се обидат во кампањата да одат со пораката „двете големи коалиции се исти, гласајте за нас“, но мислам дека тоа е погрешен пристап. Поголем успех ќе имаат оние што би и биле конкуренти на опозицијата во борбата против власта. Кај петте листи на партиите на Албанците ништо не најавува дека ќе има некои промени, таму повторно ќе доминираат етничките теми. Генерално, по две години континуирана политичка криза, може да се очекува дека негативната кампања ќе доминира пред ветувањата или визиите за државата што ќе ги претставуваат кандидатите“ објаснува Гоце Трпковски од весникот Нова Македонија.
Засега не постојат никакви гаранции дека нема повторно да се користи истата манипулативна тактика. Граѓанските организации кои го мониторираат предизборниот период и изборниот ден, сметаат дека најголема гаранција за спречување на изборните манипулации остануваат - избирачите.
Ова ќе биде пред се многу валкана кампања. Ќе течат всушност неколку слоевити кампањи . Онаа која ќе се гледа, со присутност на митинзи средби со граѓани и веќе видено, и валканата која мислам дека овојпат ќе се движи на граници на дозволеното. Се тоа ќе движи до намерни инциденти, од едни на други ,до режирани, колку да се прави простор за алтернативната приказна, отстапница од „фер“ приказната за опавдување за поразот. .Се тоа ќе биде потпалувано со медиумските спотери и партиски мегафони на провладините и таблоидни медиуми. Паралелно внатре во партиите на власта ќе се настапува со притисоци, со вистинска сила , терор врз членството и своите ,кои ќе бидат малтретирани и проверувани ,по список, сите тие кои се офајдиле со бизниси, субвенции и вработувања.Третата слика ќе бидат купувањата на неопределените, така што за овие избори ќе има општа мобилизација во потрага по гласови , агитации и панична суровост од страна на власта на се што значи партиско членство, партиски војници, платеници и извршители.Сепак тоа ќе биде и најголемата причина за поразите, одлевање на освестените гласачи на страната на алтернативниот трет блок, а на похрабрите и на страната на опозицијата“, рече новинарот Драган Антоновски од веб порталот Локално.
Со Пржинскиот договор , лидерите се обврзаа на демократска и натпреварувачка изборна кампања, без насилство и заплашување и дека ќе ги осудат секоја реторика и секоја акција што би можеле да поттикнат насилство и заплашување. Дали ќе се придржуваат до договроеното допрва ќе се види.
Горазд ЧОМОВСКИ