Добивај вести на Viber
По втор пат се одложи стечајот за ДООЕЛ-ите на ЕМО. Новото рочиште најверојатно се одложува за по изборите. До тогаш, се уште останува неизвесна судбината на охридската фабрика.
Соња Јованова Наумовска
По втор пат се одложија рочиштата на кои требаше да се расправа за отпочнување на претстечајна постапка за 46-те ДООЕЛИ на ЕМО. Забраната за прогласување стечај на државни компании за време на избори, според синдикатот, било причината за одложувањето на стечајот. Претходно, проблем беше недоставувањето на финансиски резултати до привремените стечајни управници.
„Објаснувањето беше дека во услови кога веќе се распишани избори не смеело државна фирма да оди под стечај. Со ЕМО се манипулира веќе цела година, така да одложувањето само ја продолжува голготата, односно се држат под притисок партиските вработени додека се уште имаме работници кои 6 години немаат земено плата“, вели
Драган Молкоски, претседател на синдикатот на ЕМО..
Стечајната постапка за ДООЕЛ-ите на ЕМО требаше да биде дел од планот за реорганизација на компанијата, по која со работа требаше да продолжат најново формираните друштва кои пак, би требало да задржат на работа околу 500 вработени од моментално 1.700-те вработени.
За одложувањето на процедурата Фактор побара одговор и од директорот
Зоран Филовски, но тој не беше достапен да одговори во каква кондиција е сега охридската компанија. Претходно тој уверуваше дека и покрај најновите случувања ЕМО работи непречено.
„ Моментално има преку 40 правни субјекти-ДООЕЛИ кои се формирале по потреба, а со стечајните постапки планираме да останат околу пет заедно со акционерското друштво. Инаку, ништо не е застанато, сите фабрики се обезбедени иако потешко набавуваме репроматеријали. Работиме и за извоз во Србија, Италија, Албанија, Бугарија“, изјави Филоски неодамна.
Загубарската голгота на ЕМО продолжува
Пред две години, за тековно финансирање на започнатите проекти, ЕМО позајми 5,1 милиони евра, но заемот не успеа да помогне во надминување на загубарската голгота на компанијата.
Лани ЕМО регистрираше загуба од 4,6 милиони евра која менаџерите ја правдаа со намалените обртни средства за отпочнување нови проекти, но и поради кризата која го отежнала инвестирањето на земјите од регионот во енергетските системи.. Според резултатите, компанијата 2011 година ја заврши со 39% помали приходи, или вкупно 3,81 милиони евра, за разлика од 5,35 милиони евра реализирани во 2010 година. Притоа продажбата на домашен пазар е намалена за 48%, додека приходите од продажба на странски пазар се намалени за 26%.
Ќе се најде ли странски инвеститор за спас на ЕМО?
Ниту една владина стратегија досега не донесе ефикасно решение за ЕМО, Охис, Тутунски комбинат од Прилеп и Еурокомпозит, популарно наречени загубарската четворка, чии загуби се уште се покриваат од државната каса. Пакетот мерки за спас на некогашниот најголем електроиндустриски капацитет во земјава требаше да донесе реорганизација на компанијата, со оптимален број вработени, подмирување на долговите на најголемите доверители и потенцијални странски инвеститори.. Иако досега се шпекулираше за наводно заинтересираност од турски компании, судбината на ЕМО се уште е неизвесна.
Државата има 42 отсто учество во капиталот на охридски ЕМО кој досега помина пет неуспешни обиди за продажба.