28 Септември, 2024
0.0358

Изборна победа, психолошки пораз?!

Објавено во: Анализа 28 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Психолошка траума и стрес и за политичарите и за граѓаните,  вака психолозите и социолозите ги оценуваат  изборните процеси. Не само последните претседателски и предвремени парламентарни, туку и сите претходни.Финансиски ослабени, психички исцрпени, економски дотолчени,  граѓаните од секој изборен процес излегуваат посиромашни, не само по џебот туку и по духот-сметаат дел од психолозите. Според нив, наместо јасно дефинирање на партиите како политички организации кои бранат одредени интереси на граѓаните, систематски се создаде привид дека партиите ги бранат луѓето едни од други. Или уште повеќе, дека луѓето кои имаат различни интереси по одредени политички прашања, немаат ама баш ништо заедничко по ниту едно прашање и треба да се борат едни со други.
“Ние веќе сме доведени до стадиум кога политиката, т.е одредени политички и економски центри  го креираат јавното мислење. Политичките кампањи во основа се темелат на предизвикување одредени емоции кај електоратот и најчесто тоа се емоциите на страв, моќ, илузија на слобода, ветувања за среќна иднина или победа над некого . Базично слабото општо образование и дефицитот на критична маса на интелектуално мислење овозможува лесно манипулирање со електоратот. Особено е важно што наспроти се поголемиот број млади со високо образование и академски титули, нивото на образованието во Македонија со тек на време драстично опадна, а добар дел од интелектуалците емигрираа во странсвто. Особено е важен моментот со високата невработеност во државата што кај овие граѓани создава чувство на несигурност, непотребност, безвредност и зависност, а тоа се чувства со кои лесно се манипулира”-вели за Фактор,  психологот Лидија Зорба.
И  наместо од секој нов изборен процес да се извлече поука, зад нив остануваат само навредите и критиките. Колку чини цената на секоја од нив? Изборите ги оттуѓуваат граѓаните Отуѓувањето помеѓу луѓето, додава психологот Зорба, има основа во емоциналната неписменост која произлегува од попреченоста во емоционалниот развој на многу генерации наназад. Нашето образовани, според неа,вештачки и неадекватно транзитираше со политичката и економската транзиција на земјата, неможеше и не може да обезбеди развој на чувство на емпатија и национална кохезија меѓу луѓето, особено поради силните кампањи за поделби на етничка и партиска основа.
“Овде станува збор за вешто употребени психолошки механизми со кои одредени центри на моќ, политичките разлики меѓу луѓето ги ескалираат до ниво на лична нетрпеливост и  креираат чувство на анксиозност и кај оние кои имаат одредена политичка определба и активност и  кај оние кои не знаат или свесно не сакаат да ги декларираат своите политички погледи”-додава  психологот Лидија Зорба.
Поделби меѓу младите Младите вели  психологот Верица Трајкова, се помалку се едуцираат што вистински значи бранење на политички ставови на една партија, кои демократски методи се применуваат и која е суштината на демократијата.Секој глас е подеднакво важен за тестот на демократијата да биде положен, бидејќи секој треба да знае зошто ја избрал политичката опција и кои се бенефитите од истата, а не само слепо следење на курсот на партијата. Според неа  жално е што во секој изборен процес се повторува губење на  есенцијалното  чувство на одговорност, поделба која се продлабочува во омраза и негативни ставови кон оној кој размислува различно.
“Јас лично не ја оправдувам оваа да ја наречам психолошка војна на одредени политички противници кои директно или индиректно ги трујат и младите со меѓусебна омраза. Аналитичарите за жал се изгубија во анализите кој повеќе ќе добие  моќ на политичката сцена, а без притоа да размислат или можеби дебатираат дека ги губиме основните услови за демократско општество-грижа и меѓусебна почит”-вели психологот Трајкова.
Таа додава дека многу брзо со ваква динамика на меѓусебна омраза може да се соочиме со сопствено емотивно себеуништување. Зошто изборите кај нас сеат страв и недоверба, место да е обратно? Според социологот Илија Ацевски во секој изборен процес  имаме хистерично-патолошки показатели на нетрпеливост и омраза едни кон други. Политиката според него,  за жал наместо да спојува таа кај нас го продлабочува јазот. Корените  на ваквите состојби се длабоки но последиците се поголеми бидејќи директно влијаат на тоа како функционира еден систем.
“Политиката се злоупотребува и наместо изборите да бидат празник на граѓаните, кај нас сеат страв, недоверба и несигурност. Политиката во секоја развиена демократска држава треба да ги направи разбирливи разликите на комуникација, како социолошките, економските, политичките така и културните и етничките. Но, наместо тоа ние се враќаме чекор назад со меѓусебни навреди и понижувања. Да не зборуваме за слободна мисла на говор, одлука од кои сме се подалеку”-вели Ацевски.
Тој додава дека додека една партија кај нас прави грешки, другата ги усовршува преку навредлива реторика на скоро секој изборен процес,  која е лош модел за младите. Додека соседите и покрај проблемите во изборните процеси кои не се само причина за славење,туку и обврска повеќе,  научија дел од лекциите и отидоа чекор напред, ние сепак остануваме назад-додава социологот Ацевски. Кај нас според  дел од научната и експертската јавност  недостасува општо образование и особено недостасува образование со кое идните професионалци ќе знаат да работат кога ќе излезат од универзитетите. Ние имаме многу дипломци и постдипломци кои не знаат ништо да работат и одамна се свесни дека десетките во индексите не се гаранција дека ќе можат да си го заработат лебот. Степенот на психолошко образование кај младите интелектуалци е од клучно значење за тоа во која насока ќе се развива демократијата во Македонија, не само во контекст на креирањето на политиката на државата,туку  во сите сфери на живеењето. С.Б.