ИЗГОРЕА ШУМИ, ПОСЕВИ, ОБЈЕКТИ: Жителите на светиниколско чекаат обештетување, надлежните се на потег
Објавено во: Македонија 13 Ноември, 2024 07:24
Жители на селата во околината на Свети Николе летово во пожарите останаа без своите домови, посеви, помошни објекти и чекаат обештетување од државата. Надлежните за ова прашање, велат дека проценката се врши на терен и процесот не е целосно завршен.
Сепак, од Владата порачуваат дека грижата за граѓаните ќе остане во фокусот.
„Фокусот на Владата е да грижи за граѓаните и стопанството во случаи на природни/ елементарни непогоди и други несреќи, да излезе пресрет на сите, вклучително и на единиците на локалната самоуправа каде е причинета штета. Ве информираме дека на подрачје на Општина Свети Николе во врска со пожарите од месеците јули и август до сега од страна на оштетени граѓани се поднесени 209 записници за причинета материјална штета коишто настанале како резултат на пожарите каде што во прилог ни се доставени и имотни листови од оштетените граѓани. По однос на опожарени куќи и помошни простории, угинати животни и земјоделски посеви во моментов не располагаме со точна бројка од причина што увидите по доставените записници за штета се во тек. По однос на доставените елаборати од страна на граѓаните, истите имаат доставено имотни листови и парична проценка за направената штета по што, по наредба на ОЈО, од страна на судски вештаци од соодветна област во содејство со ОВР Свети Николе се прават записници за направените штети. По дадени насоки од ОЈО Свети Николе, постапката ја води МВР - ОВР Свети Николе“, ни одговорија од Владата.
Локалните жители велат дека оние кои останаа без своите домови, главно постари лица, сега се кај децата во Свети Николе или во главниот град.
„Имам изгорена шума. Изгорени се 4-5 хектари. Помина комисија, чекаме дали нешто ќе обештетат. Многу брзо се случи пожарот, многу брзо се ширеше огнот“, вели Димче Јосев, кој поседува имот во околината на Свети Николе.
Други жители додаваат дека штетите се големи и луѓето треба да бидат обештетени час поскоро, затоа што тие не се виновни за лошото справување на државата со пожарите. Во огнената стихија настрадале постари, но и живеалишта кои биле во солидна состојба.
„Има многу штети и во селото Орел, изгорени куќи и шума. Имаме еден роднина, во Немањици, нова куќа му изгоре и сега е кај децата во Скопје. Посевите исто изгореа. Друг роднина, имаше насади со ореви, му изгореа и кого да тужи, кај да се обрати?“, вели човек кој поседува имот во Орел.
Според информациите објавени во медиумите летово, изгореле педесетина куќи во селата Немањици, Орел, Малино, плевни, земјоделска механизација, пчелни семејства.
Повеќе држави летово помогнаа на Македонија да ги стави под контрола пожарите. Големи шумски пожари во земјава имаше и во 2021 година. Имаше многу укажувања дека недостигаат пожарникари, опрема, нови противпожарни возила.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
КАБИНЕТОТ НА ГАШИ ЗА ОДЗЕМАЊЕТО НА ИНУМИТЕТОТ НА ЈАНЧЕВ: Барањето е доставено до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања
АНГЕЛОВ ЗА ДЕНЕШНИОТ ПРОТЕСТ НА ДУИ: Дали се работи за добро осмислено и подготвено сценарио за напад врз власта?
ЈАНЕВА ГО НАПУШТИ КПУ „ИДРИЗОВО“: Доби условен отпуст
ЕВЕ КАКВО ОРУЖЈЕ ЌЕ УНИШТУВА МВР ДЕНЕС: Запленето е пред 15 години, ќе биде транспортирано на Криволак со воени возила
Каде е Лазе Радески? Првиот осуден сериски убиец во Македонија - наводно на жртва му извадил срце и го изел
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
БЕЌАРОВСКИ МУ СЕ ОБРАТИ НА ЃОРЃИЕВСКИ: „Почитуван градоначалниче, еве една јавна депонија која треба да биде чиста како во аптека“
СДСМ: За мигрантите мора да одлучува Собранието, а не општините
Скопјанката која стана една од највлијателните жени во технологијата во Холандија и САД: Интервју со Снежана Зивчевска-Сталперс




