Извршителите лани со рекордна наплата од физички лица
Објавено во: Економија 31 Март, 2022 07:30
Лани извршителите реализирале 63.069 присилни наплати и според овој податок 2021 е рекордна година. Високата бројка во најверојатно се должи на помалкуте извршувања во 2020 кога овој процес беше запрен за период од шест месеци поради епидемијата. Во таа година имаше 42.233 присилни наплати. Досега рекордна година беше 2018 со 62.515 реализирани извршни решенија.
Вкупната наплата во 2021 година изнесувала 130 милиони евра и е втора година „по успешност“ за извршителите по 2017 кога наплатиле 166 милиони евра.
Од поединците е наплатено за повеќе од 12 милиони евра во однос на една година претходно. Ако во 2020 извршувањето од физичките лица било 24,66 милиони евра, во 2021 тоа изнесувало 37 милиони.Ова е рекордна наплата, а досега рекордот го држаше 2016 со наплатени 35,25 милиони евра од индивидуалци.
Наплатата од правни лица, односно од фирми била 74 милиони евра и таа е помала дури и од 2020, кога од претпријатијата и други правни субјекти биле одземени 89,5 милиони евра.
Државата со нејзините институции била глобена двојно повеќе од извршителите. Во 2021 од неа извршителите наплатиле 20,2 милиони евра, додека само една година претходно сумата била 9,43 милиони. Ова е втора најуспешна година за извршителите во оваа категорија по 2019 со 22 милиони.
Бројот на извршители и вработени во нивните канцеларии останал стабилен минатата година.
Инаку Фактор веќе објави дека почнува постапка за измена на Законот за извршување. Измените кои се планираат беа ставени на единствениот електронски национален регистар на прописи ЕНЕР, а клучни промени кои треба да се доуредат, како што пишуваше, се проблемите кои во праксата на извршителите им се појавиле при спроведување на извршувањата врз недвижен имот. Сепак законот беше тргнат од ЕНЕР и не беше достапно коментирањето.
Како што веќе е познато, на една од средбите кои поранешниот премиер Зоран Заев ги имаше со лидерот на Алтернатива Африм Гаши на која беше договорен влезот на оваа партија во владеачката коалиција беше договорено и редефинирањето на Законот за извршители водејќи се, како што рекоа, пред се од барањата на граѓаните. Сепак повеќе детали не соопштија.
Во пракса граѓаните глава не може да кренат од извршители. Во последно време многу граѓани се изгорени со промените на извршителите па предметите на некои кои одат во пензија се префрлуваат на други. Новите пресметуваат нови камати и надоместоци и буквално ги „соголуваат“ граѓаните.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа




