Јанева: Ќе се избориме со сите опструкции што ни ги правите
Објавено во: Македонија 26 Септември, 2016
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева денеска пред пратениците кажа дека ќе се борат со опструкциите.
„Сакам да порачам дека јас и мојот тим ќе се избориме со сите опструкции што ни ги правите и ќе се потрудиме да се врати довербата во институциите“ - рече обвинителката.
Таа петти ден одговара на прашањата на пратениците на Комисијата за политички систем.
На прашањето од Владанка Авировиќ од владејачката коалиција, зошто Јанева има преслушано само 12% од разговорите, специјалната обвинителка одговори дека е човек, а не „супермен“.
Јанева вели дека извештајот од 16 страници е слика на работата на СЈО во изминативе шест месеци.
„ Изминатите десет години, како што знам, никој не ги брани извештаите како јас, а во изминатите пет никој дури и не доставува извештај. Ако видев пример во некој извештај, сега можеби ќе бев посуштинска“ – рече Јанева.
Додаде дека снимките што протекле за луѓе откако СЈО ја презело надлежноста на прислушуваните материјали биле пратени кај вештаци од Македонија за да направат вештачење, но тие одбиле да направат. Според закон тоа не е казниво и затоа СЈО ги пратило снимките во меѓународни институции, објаснува Јанева. Таа рече дека ѝ е драго што изминативе неколку дена „од кома“ се разбудиле неколку институции како што се Советот на јавни обвинители, Врховниот суд и Судскиот совет.„Би сакала да ја прашам Лидија Неделкова колку време ѝ треба да одлучи по иницијативата од Специјалното јавно обвинителство за барање за оценување на законитост на Едмонд Темелко. Исто така, би го прашала Судскиот совет од Кривичниот суд за роковите во однос на судењето за случајот „Пуч“ и другите случаи. Јавнообвинителскиот совет го прашувам согласно кој закон и кој член одлучува чија е надлежноста на случаите кои им ги предава Јавното обвинителство, а СЈО по службена должност бара надлежност“ - изјави Јанева.
Јанева појасни дека правните експерти се ангажирани законски и ниту еден од нив не сакал паричен надомест, но таа инсистирала на тоа затоа што работат со доверливи материјали.