Јапонски грантови за четири проекти во Македонија
Објавено во: Економија 11 Март, 2013 15:12
Четири договори за грантови во Јапонската канцеларија за врски во Скопје денеска беа потпишани за Програмата за поддршка на мали проекти при Владата на Јапонија во вкупна вредност од близу 226.000 евра од кои бенефит ќе имаат четири општини во Република Македонија.
Станува збор за проект за подобрување на системот за греење во ОУ „Магдалена Антова“ во општина Куманово, проект за реновирање на прозорци, врати и тоалети во градинката „Пролет“ во скопската општина Карпош, проект за унапредување на околината во општина Демир Капија и проект за набавка возило за смет за општина Кочани.
Потпис на договорите ставија градоначалниците на општините Карпош, Демир Капија и Кочани, Стевчо Јакимовски, Трајче Димитриев и Ратко Димитровски и директорот на ОУ „Магдалена Антова“ Живко Стојковски. Стартот на проектите ќе биде означен по потпишување на договорите од амбасадорот на Јапонија во Виена надлежен и за Македонија Шигео Иватани.
На церемонијата на потпишување на грант-договорите во името на Јапонската амбасада во Виена се обрати јапонскиот дипломат Наојоши Јонејама.
- Во процесот на селекција ги земавме предвид напорите за унапредување на етничките заедници. Се надевам дека овие проекти ќе донесат корист за сите етнички заедници во Македонија подеднакво, рече Јонејама.
ОУ „Магдалена Антова“ во кое учат околу 700 ученици се уште се загрева на печки на дрво. Градинката „Пролет“ не е реновирана од 1977 година. Општина Демир Капија досега располагаше со само едно возило за собирање смет, а со средствата од проектот покрај ново возила за смет со капацитет од близу девет метри кубни, ќе добие и 15 контејнери што ќе бидат поставени во околните села.
Грант-помошта за мали проекти Владата на Јапонија ја воведе во 1989 година за поддршка на социоекономски проекти во земјите во развој. Во Македонија овој вид помош почна да се доделува во 1996 година и досега се помогнати преку 90 проекти со вкупна финансиска помош од 4,85 милиони евра.
Потпишувањето на грантовите за помош се случи точно на двегодишнината од катастрофалниот земјотрес и цунамито во Јапонија во кои загинаа околу 16.000 лица, 2.700 се водат како исчезнати, а беше предизвикана голема матреијална штета.
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




