11 Октомври, 2024
0.0244

Јас од Србија, тој фудбалер од Македонија-ама далечината не нѐ раздели: Љубовната приказна на Александар и Александра Трајковски

Објавено во: Стил 02 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Александар Трајковски е фудбалерот кој во март минатата година, во мечот против Италија го даде одлучувачкиот гол и ѝ ја донесе победата на Македонија за квалификациите за Светско првенство. Стана македонски херој и направи чудо за македонската репрезентација. 

Тој е сопруг на убавата Александра и татко на Матеј и Искра. Денес ви ја раскажуваме приказната на Алекс и Александра, но не фудбалската, туку љубовната. 


Љубов на летување

Алекс и Александра која по професија е гинеколошко-акушерска сестра се запознале пред 15 години, преку заедничка другарка на летување во Црна Гора. 

Александар тогаш имал 16, а Александра 17 години.

„Аца ме освои пред сѐ со вниманието кое ми го подаруваше. Бевме многу млади и вљубени. Тоа беше детска љубов. Бидејќи јас сум од Србија, далечината и училишните обврски нѐ спречуваа да ја одржиме врската. Сепак, на крај ништо не нѐ раздели. Имав 22 години кога ме побара за сопруга. Бевме на вечера со негови роднини во Македонија“, ни раскажува Александра на почетокот од интервјуто.

„Сега сме полни 10 години во брак. Инаку нашата приказна за мене е многу посебна и би би можела за неа да напишам книга“, вели нашата соговорничка.

Плод на љубовта на Алекс и Александра се 6 годишниот Матеј и Искра која има 6 месеци. Александра вели дека во мајчинството се снаоѓа многу добро.

„Децата ми се на прво место. Се друго може да чека. За нив не ми е ништо тешко да направам. Секако дека не е секогаш лесно, но се тоа е составен дел од животот.

Мојата мајка ми е од голема помош, често доаѓа кај нас, како и свекрвата.


Колку мајчинството ја променило Александра

„Мачинството сигурно ја менува жената. Тоа е наша нова животна улога, која ни дава таква сила што ни самата жена не е свесна колку всушност е силна и способна. Своите карактерни особини не ги променив воопшто, но своите приоритети ги променив, да“, ни открива шармантната сопруга на фудбалерот кој ја покори Италија.

Александра и децата моментално се во Македонија. 


„Овој пат сакав својата бременост да ја водам во нашата земја, така да одлучив да останам тука. Во истовреме Аца потпиша за клубот Ал Феиха во Арабија. Сега го чекаме летото, па ќе видиме дали ќе му се придружиме“ - ни откри Александра, која вели дека нејзиниот сопруг на своите деца им е навистина најдобар татко на светот.

„Тешко му паѓа моменталната раздвоеност. Секојдневно ги гледа на камера, и само ги брои деновите до доаѓањето. Додека живеевме заедно секогаш ја имав неговата помош. Тогаш беше роден само Матеј, така што секогаш своето слободно време му го посветуваше нему“, вели Александра.

Повеќе детали на Женски магазин