01 Декември, 2024
0.0255

Јазот меѓу развиените и неразвиените – темпирана бомба во Унијата

Објавено во: Колумни 26 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Се додека на седумгодишниот буџет на Унијата (2014-2020)  се гледа  како  на вреќа полна со пари од која секој може да земе колку му треба, а да издвои колку што сака, се дотогаш креирањето на европската државна каса ќе биде проблем кој нема да може да биде решен не со еден туку со неколку самити. Со оглед на факот што големината на буџетот за кој станува збор се планира да изнесува околу 1.000 милијарди евра што претставуваат само 1% од БДП на Унијата веднаш станува јасно дека проблемот не е во сумата на пари. Тогаш каде  е проблемот и која е причината за  стравувањата за иднината на Унијата? Во одговорот на ова прашање ќе се послужам со една споредба. За познавачите  на сложените заедници, борбата околу европскиот буџет потсетува на жестоките дискусии меѓу развиените и помалку развиените републики во Југославија, по што дојде и до нејзино распаѓање. Притоа, таа беше формално-правно поцврста економска и политичка заедница отколку што е Унијата, со единствен пазар, единствена валута и.тн., со Фонд за побрз развој на помалку развиените републики и покраини. Караниците почнаа околу средствата за фондот. За развиените средствата што се издвојуваа беа многу- 1,8% од БДП, а за помалку развиените беа малку. Расправите прераснаа во оптужби кој кого експлоатира. За  постигнување на „чисти сметки“ беа воведени платнобилансни позиции на републиките и покраините, а тоа беше чекор кон разбивање на единствениот југословенки пазар и растурање на државата. Асоцијацијата е очигледна . Во жестокоста на расправите, кои се движеа од закани со вето, преку најави за излез од Унијата, па се до најави дури и за исклучување не може а да не се види инспирираноста од беспоштедното застапување на сопствените интереси на земјите членки(тогаш во Југославија денеска во Унијата). Повеќето пресметуваат колку треба да издвојат, но не и колку добиваат од функционирањето на единствениот пазар на Унијата. За волја на вистината егоизмот не е позиција од која може да се гради заедништво. Од тука и покрај јавно декларираните определби, во односот  на членките кон буџетот на Унијата се гледа недостатокот на волја за засилување на заедничките интереси како основа за несметан и одржлив развој на Унијата како целина и на секоја земја  членка одделно. Притоа, се  разбира, не значи дека таквата цел може да се остварува само со зголемување на обемот на буџетските средства на Унијата. Меѓутоа, тие играат значајна улога во намалувањето на јазот во развиеноста  меѓу одделни земји, а нивното отсуство односно недоволна дозираност за остварување на целта генерира незадоволство и отпори во остварувањето на заедничките интереси. Проблем е што за ова прашање не се дискутира. И натаму се чека единствениот пазар да ги реши проблемите на развојот на помалку развиените членки, иако е очигледно дека само тоа е недоволно. Сериозен проблем на Унијата е и тоа што во расправите за седумгодишниот буџет се води огорчена борба меѓу нето донаторите и нето корисниците на буџетските средства. Првите настојуваат да издвојуваат помалку, а вторите да добијат повеќе, независно од тоа дали се остваруваат заедничките цели. Проблем е што и по неколку децении опстојување на Унијата, претседателот на европската комисија Баросо се уште има потреба да истакнува дека од неа имаат корист и тие што даваат и тие што земаат. Меѓутоа, вербалноста не е доволна за да запрат караниците. За регулирање на односите меѓу развиените и помалку развиените земји во Унијата мора да се воспостави механизам со кој ќе се забрза развојот на помалку развиените, но нема да се загрозува развојот на поразвиените. И едните и другите остварувањето на своите интереси треба да го гледаат во остварувањето на заедничките цели од кои, како што вели Баросо, корист имаат и тие што даваат и тие што земаат. Додека ова не стане аксиом, сознание што не треба да се докажува, кавгите, судирите, па и поставувањето вето ќе бидат и натаму присутни во односите на Унијата, а таа ќе има вградени пречки во развојот, односно ќе има вградена темпирана бомба во клучните механизми. Со одложувањето на договорот за буџетот само се покажува дека, засега,  помоќни се силите за одржување на статус кво односи и дека нема доволна критична маса за пробив на заедничките интереси како основа за несметан  и одржлив развој на Унијата како целина и на секоја земја членка. Се смета дека за таквиот однос  е виновна и тригодишната должничка криза. Меѓутоа, очигледно е дека и таа нема да се надмине брзо, доколку ефикасно не се решаваат и помалите пречки, како што е донесувањето на буџетот.   Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.