Југохром доби 1,5 милиони евра државен заем за филтри, но ги нема на повидок
Објавено во: Економија 15 Септември, 2018
„Југохром“ по одобрениот заем од 1,5 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот, поставување филтри, досега има поставено само метални конструкции за филтрите, информира Алсат.
„Металните конструкции се поставени, а наскоро очекуваме да се постават и куполите на филтрите. Потоа ќе имаме прес-конференција за медиумите на која ќе информираме за текот на работите“, рече Бајрам Амити, синдикат на Југохром.
Но, според информациите на Алсат-М, работите се прекинати поради тоа што од комбинатот од Јегуновце се уште му нема платено на ФаКом, компанијата што ги поставува филтрите.
Од општина Тетово побараа од Владата преку Инспекторатот за животна средина да ја контролира работата на Југохром.
„Владата има извршни органи, во овој случај Инспекторатот за животна средина кој треба да провери зошто Југохром не делува во таа насока“, рече Арменд Фазлиу, портпарол на општина Тетово.
Пред три месеци владата на Југохром преку Македонската банка за поддршка на развојот му овозможи кредит од 1,5 милиони евра за поставување филтри, зафат што ќе треба да чини вкупно 4,5 милиони евра.