05 Декември, 2025
0.0651

Јужен Кавказ – нов предизвик за Русија

Објавено во: Колумни 21 Јули, 2025 10:05

Добивај вести на Viber

Делегациите за преговори на Русија и Украина се подготвуваат да се сретнат во Истанбул, најверојатно неделава, како што предложија од Киев. Досега во тој град поминаа две рунди преговори. На нив беа договорени размените на заробени војници, тела на загинати војници, а меѓусебно си ги претставија меморандумите за условите за прекин на огнот  и мир. Како и што можеше да се очекува, двата меморандума се сосема спротивни.

Москва подолго време повикуваше на одржување на третата рунда од преговорите, што создаде впечаток дека неа и се брза за нова средба. Од Украина, пак доаѓаа изјави дека нема големо фајде од преговорите. И дека нема смисла  да се продолжи истанбулскиот формат на преговори. Во Киев сакаат преговори во кои, покрај Турција, би се вклучиле и ЕУ, Британија и САД. Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, по кадровските промени во владата,  го повика првиот украински преговарач, досегашен министер за одбрана, а сега прв човек на украинскиот Совет за национална безбедност, Рустем Умеров, по што изјави дека Украина и предложила на Русија да се одржи нова рунда на преговори. Да продолжи дијалогот за размена и исполнувањето на досегашните договори и дека станува збор за нови размени. Според Зеленски, „динамиката на преговори треба да се засили“ и Русија „да не бега од решенија“. И пак повтори дека за да се постигне мир, треба да има лична средба со рускиот претседател, Владимир Путин, за да се обезбеди вистински и стабилен мир, а Украина е подготвена за таква средба.

Повеќе пати сум пишувал дека до мир во Украина ќе дојде, кога ќе сакаат Американците. Зашто станува збор за прокси војна на Западот со Русија, и намера на САД да ја „уништат“ Русија. Тоа го потврди и бразилскиот претседател , Лула да Силва, прераскажувајќи го неговиот разговор со американскиот претседател, Џо Бајден. Русија сега не изјавува дека нема намера да води преговори со режимот на Зеленски, бидејќи украинскиот претседател не е легитимен соговорник за нив. А и Зеленски веќе не зборува дека нема директни преговори со Путин, кои ги забрани со декрет во 2022 година. Излегува дека двете страни сакаат преговори. А во позадината е американскиот претседател, Доналд Трамп, кој ги критикуваше и Зеленски и Путин, но останува на „желбата да стави крај на жртвите во војната“. Значи, не желба да победи Русија или Украина. Нему му е сеедно. Независно од тоа кој какви придобивки или загуби ќе има од војната. Тој тоа го  вети на почетокот од неговиот мандат, а некои ја споменуваа и неговата желба да ја добие Нобеловата награда за мир. Ама работите не одат така лесно.

ЗАКАНИ

Во очекување на новите преговори со Украина, Русија е пред нов предизвик. Јужниот Кавказ крева глава. Односите со Азербејџан се заоструваат, а Ерменија полека преминува на западниот колосек. За неколку недели неочекуваниот конфликт меѓу Азербејџан и Русија се качи на досега невидено остро ниво во меѓусебните односи. А се почна во Екатеринбург  , кога десетици Азербејџанци беа задржани под обвинение за убиства од пред десетина години, па претепани, од кои двајца умреа. Азербејџан жестоко реагираше, па ги обвини Русите за намерно убиство, па ги прекина сите најавени настани од културата поврзани со Русија, затвори неколку соработници на агенцијата „Спутњик“, па најде и претепа неколку Руси, ИТ-работници, обвинувајќи ги во трговија со наркотици и кибер криминал. Медиумите ја напаѓаа Русија, споредувајќи ја со хитлеровиот режим од 30-тите години, На руски државјани им се вршеа контроли на документите, проследено и со тепање. 

Односите на Москва и Баку се заострија лани кон крајот на годината кога со руска ракета, по грешка при одбрана од украински дронови,, беше погоден азербјџански патнички авион,. На почетокот Русија не го признаваше уривањето на авионот, ниту да ја презема одговорноста. Напнатоста се намали  кога рускиот претседател Путин јавно се извини,најави исплата на компензации, а во Москва беше откриен споменик на Гајдар Алиев, таткото на сегашниот азербејџански претседател, Илхам Алиев. Но деновиве работите одново кулминира. На средба со новинари во поранешниот главен град на Нагорно Карабах Степанакерт, а сега Ханкенди, Алиев уште повеќе ја зовре состојбата во односите со Русија. Најнапред изјави дека ќе ја даде Русија на меѓународни судски инстанци во врска со урнатиот авион, бидејќи Русија ја одолговлекува истрагата. Второ, беше изјавата дека Украина не треба да се согласи на окупација. „Мислам дека ова е во согласност со аспирациите на украинскиот народ, кој не е подготвен да се справи со окупацијата. Ова е главниот совет. И тоа е она што го направивме“, рече тој, повикувајќи го Киев да го искористи искуството на Азербејџан, кој го постигна враќањето на Карабах со воени средства.

Но Алиев не застана тука. Го спомна и американскиот претседател Трамп. „Многу сме благодарни на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата желба да им помогне на Азербејџан и Ерменија конечно да постигнат договор. Иако е зафатен со поглобални прашања од меѓународната безбедност, тој ја држи и ситуацијата во Јужен Кавказ во своето видно поле“им рече тој на новинарите. „Тој прави одлична работа за конечно решавање на долготрајниот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан. Мислам дека ќе слушнеме уште повеќе добри вести во иднина“, продолжи Илхам Алиев, зборувајќи за Доналд Трамп. „Денес гледаме голем потенцијал за зајакнување на партнерските односи со Соединетите Американски Држави. Добиваме позитивни сигнали од Вашингтон. Како одговор, Азербејџан исто така испраќа многу позитивни сигнали. Нашето партнерство има богата историја“, нагласи Алиев.  Судејќи според изјавите на претседателот Алиев, Баку повеќе не ја смета Москва за посредник и платформа за мировни преговори со Ереван, и покрај фактот дека крајот на втората карабахска војна и потпишувањето на трилатерална мировна изјава во ноември 2020 година, беа постигнати благодарение на напорите на рускиот претседател Владимир Путин.

ГЛЕДАЊЕ НИЗ ПРСТИ

Сегашното однесување на Баку кон Москва е мошне успешно за него, без оглед на причините за тоа. Русија е заглавена во војна со Украина. А Азербејџан и беше важен партнер. Беа постигнати договори и за сојузништво. А има и големи економски проекти од полза за Азербејџан. Русија не ја блокираше азербејџанската блокада во Нагорно Карабах и покрај тоа што,имаше таму свои мировници. Во 2023 година тие не се вмешаа во воената операција на Баку, по што беше ливидиранаа ерменската автономија. За што денес Русија  не е омилен партнер ни за Ерменија.

Нормално сето ова доведе до тоа, Азербејџан да покаже амбиции за наметнување како регионална сила. Особено кога Русија им дава повод за тоа. Во Азербејџа победите го консолидираат општеството. Така беше со Карабах, така е и сега со Русија. Тоа е од полза на Алиев кој е на функција од 2003 година. И во очите на Европа е авторитарна личност, која води немилосрдна битка внатре во земјата со своите неистомисленици. Но таа Европа може да го заборави својот став, сега кога Алиев се крена против Русија. За Западот, вкупно, се’ што е против Русија е добреојдено. Двојните стандарди стапуваат на сила. Да ја земеме само Сирија за пример. Додека беа Русите таму имаше куп санкции. Кога дојдоа исламистите, против кои Западот водеше војна, тие одеднаш станаа омилени. И беа симнати сите санкции воведени во времето на Асад.  

Така ќе биде и сега. Авторитарниот Азербејџан не е сојузник на Русија. Тој е стратешки партнер за Западот, особено со гасот. И Европа многу му прогледуваше низ прсти од таа причина, иако имаше дури и афери на поткуп на европски парламентарци од страна на Азербејџан за да работат на подобрување на неговиот имиџ во Европа. Па затоа Западот сега ќе ги затвора очите на она што се случува внатре во таа земја. Само да и се наштети на Русија. Кон ова можат да се додадат сегашните изјави на Алиев во полза на Украина и посебно во поглед на Доналд Трамп. Русија зафатена со војната во Украина ќе чека таа да заврши, а потоа да преземе некакви чекори. Азербејџан е економски доста зависен од Русија. И неа и’ е јасно дека Алиев сега сака да добие поени внатре во земјата, демек еве ја победуваме и Русија, како што ја победивме Ерменија, а и надворешни од Западот.

РАЗГОРУВАЊЕ НА СТРАСТИ

Официјална Москва се трудеше на никој начин да не ги заострува односите со Азербејџан. Се зборуваше за сојузнички односи, за потребата од мирно решавање на кризата во односите. А наспроти тоа воинствено настроени групи и поединци ја обвинуваат власта за млакост, немање жесток одговор на потезите на Азербејџан. Ваквите настроенија сега по најновите изјави на Алиев само ќе се зголемат. Неодамна турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган и Путин, имаа телефонски разговор. Најмногу разговарале за третата рунда преговори меѓу Украина и Русија, но станало збор и за регионална прашања. Сигурно и за Азербејџан. Ердоган по средба со Алиев изјави дека тој сакал мирно решавање на споровите и дека нема потреба од разгорување на страстите на Јужен Кавказ. Но, веројатно, Путин кажал нешто што не му се допаднало на Алиев, па овој  излезе со најновите изјави. Наредно што може да се очекува, а се шпекулира, е организирање бунт во Русија од страна на азербејџанската дијаспора и евентуално, исламскиот фактор. Што е многу малку веројатно, но е посакувано од Западот.

Ердоган е фактор и покровител на Алиев. Најблизок соработник, покрај Израел и Британија. Франција е во кавга со Баку, особено по јавните понижувања кон Франција и кон претседателот, Емануел Макрон, од страна на Алиев. Русија сега може да влијае преку азербејџанската дијаспора во Русија, која е многу богата и чии пари испратени во Азербејџан сочинуваат околу 40 проценти од странските доспевања во таа земја. Доколку Алиев продолжи со сегашниот однос работите можат да станат и посериозни. Што секако не би му одговарало на Баку. Пред се’ на економски план  Што, пак, може да доведе и до внатрешна нестабилност. Независно од поддршката што ќе ја има од Западот, пред се’ од Турција, нов воен конфликт не доаѓа предвид. Зашто ќе пламне целиот регион. Русија ја има зад себе Организацијата на договорот за безбедност и соработка, која е и одбранбена. Тука е Иран, сојузник на Русија. Од друга страна Турција. Русија има војска и во Ерменија. Неодамна во Украина се појави вест дека Русија го зголемува своето воено присуство во таа земја.

 Но проблемите на Русија не завршуваат со Азербејџан. Тука е и Ерменија. Таа е посебна приказна. Но важна. Но за неа друг пат. Сето погоре зборува дека на Русија на Јужен Кавказ веќе не се гледа како сила на која треба да се смета, а на Кремљ ќе му биде многу потешко да го врати својот углед во регионот.

Мирче Адамчевски

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?