26 Април, 2024
0.0268

Каде се парите од мега грабежот во НЛБ?

Објавено во: Анализа 02 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Украдените 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра од сефот од НЛБ банка се уште никој не кажува каде завршија. Бобан Смилевски, трезористот на НЛБ за кратко се прочу како крадецот од Македонија со најбогатиот плен откако во рок од неколку дена од трезорот на банката искористувајќи пригодни моменти и пропусти во процедурите крадел од парите наменети за авионски трансфер. Откако не можел да го надомести минусот барем како што наведуваат истражните органи тој се решил да украде уште поголема сума и да побегне. Повеќе одговори за мистериозниот грабеж во вредност од над 3 милиони евра, како и за сите вмешани во скандалот во НЛБ треба јавноста да добие од денешното продолжување на судското рочиште откако првото беше одложено поради повеќе причини. 

Досега од надлежните произлегоа повеќе информации, меѓу кои големо внимание привлече веста за наводната подготвеност на Бобан С. како првоосомничен и дел од останатите обвините да се спогодат со јавното обвинителство да ја признаат вината. Бобан С се согласил да биде осуден, но не и да каже каде се украдените 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, а за која кражба дополнително беа осомничени неговиот брат Горан С.(44), неговиот пријател Борис М.(38) од Скопје како и Е.П.(24), вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ. Нема информации дали и тие како и Бобан С. за кој се смета дека ја осмислил кражбата, побарале да се спогодат со обвинителството. Во притвор се Горан С. и Б.М., а осомничената службеничка и натаму е во куќен притвор.

Трезористот со лепливи прсти

МВР единствено обелодени повеќе детали од истрага за начинот на кој се крадени парите од самиот трезор на НЛБ.

Според Министерството за внатрешни работи, првиот износ Бобан С. го затаил во пратката која требала да биде пратена по авион во износ од 1.000.000 швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе.

Вториот износ го затаил искористувајќи погодна прилика при што незабележан од никого во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа и 300.000 швајцарски франци кои му биле доверени согласно работните задолженија во НЛБ Тутунска банка.

На 10.04.2017 година, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што истите ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Тутунска банка упатувајќи се во непознат правец.

Исто така од извршениот увид во видео записот од безбедносните камери на банката лоцирани и поставени во банката, констатирано е дека пријавениот го искористил процесот на работа и со непочитување на воспоставените процедури за сигурност при работата во трезор, на 10.04.2017 година, во препладневните часови од девизниот трезор присвоил 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра, кои парични средства во кеса ги изнел од службените простории и се оддалечил во непознат правец.

Кој се е обвинет за грабежот?

Скопското Јавно обвинителство по спроведување детална и сеопфатна истражна постапка и утврдување на фактите во предметот за кривично правниот настан во Тутунска Банка до скопскиот Кривичен суд поднесе обвиненија со кои беа опфатени осум лица.

- Обвинителството утврди дека во периодот од 31.03.2017 година до 08.04.2017 година, првите четворица обвинети опфатени во Обвинителниот акт, со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10.04 2017 била извршена кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра.

- Првообвинетиот се гони за сторени кривични дела – Затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45 што значи дека делото е сторено повеќе пати во низа како повеќекратно остварување на истото дело , како и за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товари за истите кривични дела – Затајување и Тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со Обвинителниот акт се товари за кривичното дело – Тешка кражба со помагање, додека пак четвртото лице е обвинето за кривичното дело – Затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство, велат од Обвинителството.

Според Кривичниот закон за кривичното дело тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 месеци до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.

ОЈО поднесе кривични пријави и уште против четири одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ. Две лица сториле кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик, што предвидува вршење кривично дело од продолжен вид, додека другите двајца се товарат за истото кривично дело – Несовесно работење во службата, но за негово еднократно сторување.

Согласно Кривичниот законик, според Обвинителството, предвидена казна за ова кривично дело е затвор од 6 месеци до три години, како и задолжително изрекување и на парична казна за сторителите.