Каде запна владиниот проект за изградба на спортски сали?
Објавено во: Македонија 02 Октомври, 2013 10:11
“Секогаш кога мојата ќерка на распоред има физичко знам дека или часот ќе биде заменет за некој друг предмет, или ќе трчаат во дворот на школото. Се прашувам каде е одборот на родители, наставничкиот колегиум или незнам одговорните да се заземат за овој проблем. А, не заборавија на почетокот на учебната година, на родителски состанок да побараат пари за листови за принтање, топки и што уште не. Па со која топка и каде ќе играат децата” – прашува К. И –родител на ученик во второ одделение од ова основно училиште.
Поради дотраеност, старост и лоша инсталација пред околу три години скоро половина од ова училиште беше зафатено од пожар. Се санираа штетите, но не и спортската сала која со години чека за реконструкција. Од ресорното министерство велат дека во ОУ” Вера Јоциќ” е планирана изградба на училишна спортска сала со димензии од 650 м2. Нејзината изградба ќе започне во моментот кога ќе се исполнат сите услови, односно кога ќе се обезбедат сите потребни градежни дозволи.
Менувањето на часовите по физичко е фатално за младата популација!
Експертската јавност смета дека менувањето на часовите по физичко воспитување е на директна штета на децата, особено во претшколската возраст. Тогаш се создаваат навиките за здрав живот кои ќе ги следат и во иднина. Недозволливо е кој било предмет од редовната настава да се смета за побитен од физичкото воспитување од кое зависи здравјето на детето. Професорот на факултетот за физичка култура, Вујица Живковиќ, вели дека поразителни се бројките на децата со деформитети, особено во основните училишта. Смета, дека дури е потребна промена во образовниот систем, во кој од најрана возраст ќе бидат вклучени стручни лица, професори по физичко образование кои професионално ќе ги насочат децата како и со кои вежби да се постигнат вистинските резултати.
“Менувањето на часовите со математика, јазик или друг предмет останува пракса и незнам кој тоа треба да го стопира? Поважни биле математика, англиски, македонски и сл. Видете, јас просто ќе кажам-додава професорот Живковиќ -јас можам да одам и сега да учам математика или некој јазик, но нема шанси да го исправам деформитетот или да влијаам на висината, тежината и здравиот развој. Физичкото е различно од другите предмети, бидејќи треба на детето да му се даде тогаш, и веќе во друго време е прашалник дали е можно? Јас. англиски научив на стари години. Јас не велам да ги омаловажам другите предмети, но тие може да почекаат за друг период, ако веќе се пребукирани. Прават преобемна програма за децата и леле што правиме сега? Е, сега тоа е грешката што ја правиме па најлесно е ајде од физичко земете! Ја прават таа катастрофална грешка, му земаат на детето нешто што никогаш никој не смее да му го земе,дури ни родителот. Развојот на децата е индивидуална работа и грев е било кој да влијае, било како или да го одземе, компјутер му даваме, англиски му даваме, незнам уште што, и на крај излегува не сме направиле ништо” - потенцира професорот Живковиќ.
Часовите по физичко мора да претрпат структурни промени, за поголеми ефекти!
Додека дел од училиштата, како во урбаните така и во руралните средини “ бијат” битка како да ги реализираат часовите по физичко, без спортска сала и спортски реквизити и опрема, некои училишта одат чекор понапред.Па така, во наставата вметнуваат и нови, модерни содржини кои не само што ќе го збогатат и направат овој час интересен за учениците, туку и преку едноставен а сепак современ начин ќе го придобијат вниманието на децата.
Професорката по физичко образование Маријана Кочовска, која работи во едно од приватните скопски училишта, за Фактор, вели дека веќе шест години, покрај основните теоретски и практични знаења по предметот, внесува и аеробик, возење ролери и велосипед, пливање, одбојка на песок-методи и спортски дисциплини кои часот по физичко го прават интересен и прифатлив за ученикот, а од друга страна и за наставниот кадар. Овој предмет, смета Кочовска, не смее да биде монотон и стереотипен, бидејќи тие времиња одамна треба да се зад нас.Европските искуства покажале дека токму часовите по физичко се најпосетуваните, најбараните и најефективните преку кои се учи вистинската животна лекција “во здраво тело-здрав дух”.
“Kај нас часовите по физичко се блок -часови, секогаш се последни на распоредот и на нашите часови одиме во теретана, играме пинг-понг, одбојка на плажа, сосема е поинаква програмата од државните училишта. Освен тековните активности во сала, имаме и други активности, возење ролерки,возење точак на Кеј, поинаков пристап и концепт на работата. Од моја гледна точка јас тоа го дадов како предлог, прифатен е од децата, родителите и колегите. Во државните училишта часот трае четириесетина минути и не е изводливо во тој термин доколку е прв час, ниту да го однесете или да го вратите детето за да стаса на втор или трет час. Мислам дека треба да се направи целокупна промена во наставниот план и програма за да може да се имплементира нешто сосема поинакво од она клише што го знаеме и се практикува веќе четириесетина години. Нашето училиште е акредитирано, присуствуваме на сите состаноци поврзани со физичкото воспитување. Мислам дека и колегите се сложуваат дека се потребни промени, токму за овој предмет, и дека треба да се стави посебен акцент и внимание на физичкото. Тоа има директно, позитивно влијание на развојот и животот од најрани нозе до старост. Жално е што во државава сеуште има училишта без спортска сала и тоа е хендикеп бидејќи професорот мора да држи часови во училница и мора теоретски да објаснува. Програмата таква каква што е мора да има нов пристап инаку и резултатите и последиците ќе бидат фатални” - вели Маријана Кочовска, професор по физичко образование.Со која динамика се градат спортските сали од владиниот образовен проект?
До крајот на годинава според Министерството за образование и наука, кое е задолжено за спроведување на проектот 145 спортски сали во основните и средните училишта, предвидено е црвена лента да се пресече во две спортски сали . На Владата и остана повеќе од една година, до крајниот рок предвиден за завршување на мегапроектот за спортските сали. Иако овој проект беше најавуван како еден од најголемите досега, досега топки се стркалаа во нешто повеќе од ¼ од училиштата кои влегоа во проектот. “До сега се завршени 35 спортски сали, а до крајот на година ќе бидат завршени уште 2 спортски сали,во с. Петровец и во с. Лисиче. Проектот ќе биде заокужен во моментот кога и последната спортска сала ќе биде предадена во употреба, односно кога ќе биде направен технички прием на салата. Училишни спортски сали се градат и ќе се градат во сите региони на Република Македонија, односно во училиштата, каде што досега немало училишна спортска сала за да може непречено да се одвива наставата по спорт (физичко воспитување)”-велат од МОН.
Од таму, додаваат, дека при инспекциските надзори, без разлика дали се вонредни или редовни, Државниот просветен инспекторат, ja проверува и усогласеноста на наставните планови со наставната програма и доколку истите не се усогласени се превземаат мерки согласно законот за основно и средно образование. Но, сепак надлежните велат дека тоа се сумирани извештаи на месечно ниво и неможе конкретно да се направи дистинкција дали се работи за интерна промена на часовите по физичко образование, туку дали истите се реализираат според предвидената програма и динамика.
Ако се остварат предвидувањата, за идната година за кога е предвидено да се завршат сите 145 спортски сали во основното и во средното образование, на Владата, ќе и останат за градба и целосна реализација уште 108 спортски сали, за да ја заокружи планираната бројка. Изградбата на салите државата ќе ја чини околу 60 милиони евра, од кои дел се обезбедени од буџетот, а дел се пари од кредит од банката за развој при Советот на Европа. Според проектот се градат два типа сали, во зависност од бројот на ученици во училиштата што ќе ги добијат новите спортски објекти. Првите се мали сали од 650 квадратни метри, од кои една чини 23 милиони денари, а другите за кои се одвојува по 39 милиони евра се со трибини и се простираат на површина од 1.300 квадратни метри.
Со овој проект според планираното,115 спортски сали треба да добијат основните, а 30 средните училишта во земјава.
С.Б.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Исповед на Надалина, ќерката на актуелниот градоначалник на Кочани која ја преживеа трагедијата: Последната слика на која се сеќавам е луѓе како врескаат, обидувајќи се да излезат
(ВИДЕО) ОГРОМНА ПУКНАТИНА ВО ЛИПКОВО: Жителите се вознемирени
Прекршочна за Менди Ќира и Општина Струга: На прославата за Денот на алабнското знаме изостана македонското знаме
ЛЕКОВИ, ЦИГАРИ, ЖЕСТОКИ ПИЈАЛОЦИ, ЌИЛИМИ - Цариниците со голема заплена, еве каде биле скриени предметите
КАКО ЌЕ ВОЗАТ АВТОБУСИТЕ НА ЈСП ВО ПОНЕДЕЛНИК? Еве како празнично ќе се работи
Се огласи Зоран Заев: Никола, до сега ќе си го одлежеше затворот и ќе беше слободен во Македонија
„АКО ИТАЛИЈА СЕ СПРАВИ СО КОЗА НОСТРА, МОЖЕМЕ И НИЕ СО МАФИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ“: Филипче најави „бомби 2.0“
КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДИРЕКТОРКА НА СРЕДНО УЧИЛИШТЕ ОД ДЕЛЧЕВО - МВР ја товари за „фалсификуван тест за англиски“
ЕУ ДА ИЗВРШИ ПРИТИСОК ВРЗ ТИЕ ШТО ГО БЛОКИРААТ ПРОЦЕОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ: Николоски - Македонија одамна засужила да ги почне преговорите





