Како борбата против перење пари да биде поефикасна?
Објавено во: Колумни 09 Ноември, 2012 10:30
Се поставува прашањето што е со оние стоки (артикли) кои обично не се предмет на тргување на стоковите берзи. На пример, комитентот на банката купил уметничка слика во странство и сака да плати со дознака. Банката, се разбира, не е во можност да се впушта во толкувања за вредноста на сликата. Не само поради претпоставената некомпетентност на банкарските службеници за оценка на вредноста на уметнички предмети, туку и поради тоа што таквиот предмет покрај материјална, содржи и нематеријална вредност. Во такви ситуации, банката нема друг избор, освен да ја третира трансакцијата како “нормална” и да го дозволи нејзиното извршување без никаков проблем. Токму таквата ситуација може да биде злоупотребена од страна на субјектите кои се занимаваат со перење на пари кои ќе настојуваат во името на набавка на стоки од странство да ги трансферираат “жешките” пари и да им дадат на истите легитимитет.
Ситуацијата во сферата на трговијата со услуги е уште понеповолна за банките кога е во прашање откривањето на сомнителните трансакции. Во овој случај речиси и да не постои начин на кој банката ќе ја открие вистинската вредност на извршената услуга. Субјектите кои перат пари единствено мора да внимаваат да не претераат во поставувањето на неконзистентната цена за одредена услуга. На пример, одредено истражување на пазарот во една мала земја тешко може да чини неколку милиони евра. Сите други техники на перење на пари во сферата на услугите можат да се реализираат без банката (или некој друг субјект) да може да докаже дека станува збор за перење на пари. Дури и во случај кога банката ќе се посомнева во одредена трансакција, докажувањето е тешко од причини што услугите не се физички присутни. Физичката неприсутност на услугите овозможува крајно релативизирање на работите при одредувањето на нивната вредност, а тоа ја прави неконзистентноста на цените практично недокажлива.
Со оглед на тоа што банките сами не можат да се справат со перењето на пари по пат на неконзистентност на цените на увозните или извозните фактури, тој проблем треба да се решава на национално или меѓународно ниво. Контролата на неконзистентоста на цените мора да се спроведе на државно ниво. Притоа се поставува прашањето “што и колку да се контролира”. Мора да се појде од т.н. цост - бенефит анализа. Екстремните нивоа на контрола се 0% и 100%. Ако не се врши контрола, нема трошоци, но подрачјето на неконзистентност на цените ќе остане неконтролирано. Кога до тоа сознание ќе дојдат субјектите кои вршат перење на пари, отсуството на контрола ќе биде злоупотребено во функција на извршување на трансакции кои претставуваат класичен пример на перење на пари. Од друга страна, контролата на сите трансакции значително ќе ги зголеми трошоците, а да не зборуваме за тоа дека малку е веројатно таа контрола да биде максимално ефикасна. Затоа, мора да се пронајде одредено оптимално ниво на контрола.
Контролата на (не)конзистентноста на цените дава многу предности на ниво на една национална економија. Минимизирањето на одливот на капитал ќе овозможи тој капитал да остане во земјата и да биде насочен во инвестиции во јавниот и приватниот сектор. Од друга страна, минимизирањето на даночната евазија ќе значи креирање на поголеми буџетски приходи и поголема јавна потрошувачка. Што се однесува до спречувањето на перењето на пари, контролата треба да креира одредени стандарди или параметри кои ќе им овозможат на банките полесно да ја утврдуваат некозистентноста на износите наведени во фактурите во споредба со вистинската вредност на стоките, односно услугите. На тој начин, нивните сомневања во поглед на регуларноста на одредени трансакции ќе станат поиздржани, пореални ќе станат и нивните извештаи до надлежните државни органи, а со тоа и борбата со перењето на пари ќе стане поефикасна.
д-р Гоце Трајковски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





