Добивај вести на Viber
Загрижени граѓани во Битола и Кавадарци алармираа дека забележале примероци на опасниот азиски стршен и во Македонија. Од надлежните засега нема официјална потврда дали станува за исклучително агресивниот инсект, чиј отров е опасен за пчелите, но и за човекот.
Сепак, не се исклучува можноста стршенот, кој веќе беше забележан во Словенија да стигнал и во Македонија. Овој инсект лета со брзина од 60 километри на час и за еден ден може да помине стотици километри.
Надлежните апелираат до граѓаните, доколку го забележат инсектот да бидат особено внимателни, да не го провоцираат и да не се обидуваат да го фатат без заштита. Во случај да бидат каснати, веднаш да побараат лекарска помош за да примат антиалергиска терапија. Посебна внимателност е потребна кај лицата кои се алергични на убоди од инсекти.
Како ќе го препознаете азискиот стршен?
- Овој инсект може да биде долг и до 5 сантиметри со осило долго и по 6 милиметри со кое може да вбризга големо количество силен отров.
- Убодот од азиски стршен е особено болен за луѓето - наликува како некој да ви заковал вжештен клинец во телото!
- Главата на овој вид на стршен е со портокалова боја и значително поширока од главата на обичните видови стршени.
- Азискиот џиновски стршен е вистински грабливец - лови средни и големи инсекти, пчели и други стршени. На ден може да изеде и 50 пчели.
- Стршените се најагресивни во нивната сезона за парење и за мигрирање - во септември и октомври.
- Нападите тешко се спречуваат, бидејќи гнездата на стршени вообичаено се на скриени места.
Во Франција од убод на азиски стршен веќе починаа шест лица, а во изминатите неколку дена се забележани во повеќе земји во светот. Мерки за претпазливост се препорачуваат и за пчеларите, кои можат да претрпат огромни загуби при евентуална наезда на овој инсект.