ПРЕД ТЕЛЕВИЗОР И ПОКРАЈ ШПОРЕТ: Жителите на Галичник завеани и отсечени ја дочекаа 2025 година
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2025
Неколкуте жители на селото Галичник, завеани со снег и отсечени ја дочекаа новата 2025 година. Патот до селото не е целосно исчистен, и надлежните уште работат со механизацијата за тој да биде прооден. Еден месец селото е отсечено поради снегот.
„Тројца постојани жители има во Галичник. Вообичаено се спремни со артикли кои имаат подолг рок на траење, не е дека не се спремни со залихи. Децата им носат основни продукти. Jaс сум во Скопје и мене оваа ми е прва година да не ја дочекам во Галичник од 2008 година наваму“, вели Александар Костиќ, претседател на месната заедница во Галичник.
Мештаните објаснуваат дека често се случува во зима да останат завеани. Имаат разбирање дека чистењето на патиштата може да доцни, но додаваат дека да се чека со седмици е многу.
„Отсечени сме, но не ни е првпат. Не е толку страшна зимава за да не се исчисти патот. Нема ни за Божиќ да биде исчистен. Не е дека не сме спремни, спремни сме со храна, и ќе ни дојдат децата пешки од Јанче, ама не е тоа така. Требаше порано да се исчисти. Ако го исчистеа првиот снег, немаше да има слоеви. Сега се работи за неколку слоеви снег и нормално е потешко за чистење. Новата година ја пречекавме дома, пред телевизор, се греевме на шпорет. Туристите нема начин како да дојдат. Вчера имаше двајца планинари, дојдоа од Јанче, ама си заминаа. Обично од октомври, ноември си носиме зимници, брашно, храна што може да стои. Проблем имаме за набавка на свежо овошје и зеленчук. Единствена комуникација ни е до Јанче, тоа се 5 км, што вака не звучи многу, ама е на угорница, а и таму нема продавница. Летно време имаме странски гости. Ако порано сме имале Полјаци, Чеси, сега доаѓаат и Холанѓани. Таман ги научивме да доаѓаат, сега не знаат како да се снајдат за зимно време. Сакаме да развиваме туризам, ама без инфраструктура не бива ништо. Оставени сме на тоа што Господ го дал, а Господ ни дал убавина и на тоа сме останати“, објаснува Гордана Лукановска – Бекриќ, жителка на Галичник.
За шопинг, за поголеми набавки, кога патиштата се проодни, жителите одат во Скопје, а за нешто поситно во Гостивар или во Маврово. Дебар воздушно им е најблиску, ама нема пат за да можат да одат таму за пазарења. Инаку, селото е познато по манифестацијата Галичка свадба која секоја година се одржува на Петровден. Во западниот дел на Македонија оваа зима имаше пообилни снежни врнежи и подебела снежна покривка. На некои места снегот е над 60 сантиметри.
Сања Атанасовскафото Фејсбук/месна заедница Галичник