29 Септември, 2024
0.0235

Како до побезбедни крузери?

Објавено во: Анализа 18 Август, 2014

Добивај вести на Viber

За летен одмор многу Европејци избираат патување со туристички брод или дестинации до кои се стигнува со ферибот. Што може да се направи, сепак, за да ваквиот тип на патувања биде побезбеден? Финансирани од ЕУ истражувања бараат решение на прашањето за полесна и побезбедна евакуација при несреќи со големи патнички бродови или пак нудат нови стандарди во дизајнот на бродови, информира Европската комисија. На пример, проектот "Линкеи", за кој ЕУ обезбеди 2,5 милиони евра до 2015 година, има за цел радикално да ја промени сегашната практика за справување со вонредни ситуации. "Ние развивме иновативни безжични електронски етикети, кои можат да се стават во спасувачките елеци, за да може лесно да се утврди локацијата на луѓето во внатрешноста на бродот", изјави д-р Анастасис Кунудес, технички раководител и главен извршен директор на SignalGeneriX, еден од партнерите во проектот. Значи во случај на евакуација одговорните за безбедноста ќе знаат точно каде се наоѓа секој патник и член на екипажот. Истражувачите имаат развиено и радар уред кој ја открива точната локација на патници. Технологијата може да се користи и за да се следи здравствената состојба на патници со помош на специјални нараквици или за да знаат родителите каде се нивните деца на големите туристички бродови со кои понекогаш патуваат илјадници патници, екипаж и персонал. Во настојувањето учествуваат 15 организации од Германија, Грција, Италија, Шпанија, Кипар, Обединетото Кралство и Швајцарија. Во 2012 година заврши проектот GOALDS на кој се создадени нови методи, за да се зголеми безбедноста на големите туристички бродиви при судир или заглавување. Благодарение на новите дизајнерски решенија веројатноста бродовите да не потонат по заглавување или судир се зголемува за 20%. Резултатите се веќе преставени на Меѓународната поморска организација, за да се усовршуват нормите за безбедност и пресметките за туристичките патувања. Проектот е дел од пакет истражување за подобрување на поморската безбедност, финансирани од ЕУ. За овој проект од Европската Униjа се обезбедени околу 3 милиони евра. Во него учествуваа 19 учесници од девет држави, а координатор е Националниот технички универзитет во Атина. Двата проекта се финансирани од Седмата рамковна програма за истражување и технолошки развој (2007 - 2013 година). Со новата програма "Хоризонт 2020" се очекува да продолжи финансирањето на ваквите научни случувања. К.К.