27 Октомври, 2021
0.0248

КАКО ДО УСПЕШЕН СТАРТАП БИЗНИС - програмата „Чекор по чекор“ на Шпаркасе банка поблиску до претприемачите

Објавено во: Економија, Интервјуа 30 Јуни, 2021

Што треба да знаете доколку сакате да престанете да работите за некого, и да се испробате во сопствен бизнис. Уверени сте дека имате добра бизнис идеја, сметате за себе дека сте креативни и иновативни, но дали е доволно само тоа? Веќе сите знаат што значи стартап бизнис, но кој ќе ви помогне како добро да го поставите, што ќе рече, тој да биде на здрави нозе, како да го развивате, колку пари се потребни и како да ги обезбедите.

„Чекор по чекор“ програмата на Шпаркасе банка, која таа ја спроведува во партнерство со „Startup Academy“ и „Business Impact Lab“, е прва целосна акцелераторска програма во Македонија, посветена само на бизниси во ран развој, со цел да се прошират, поддржат и да се креираат пошироки можности за успех на самите претпријатија. Веќе трета година по ред се финансираат стартап бизниси, но откако претходно, преку серија тренинзи и работилници, на овие деловни луѓе ќе им се помогне како правилно да се постават во бизнис средината, како успешно да го развијат својот деловен потфат, но и ќе им се укаже како критички да размислуваат кон својата бизнис идеја, дека треба да излезат од канцеларија и да ги истражат добро бизнис можностите, и така да бидат поуверени дека таа ќе заживее на пазарот на кој се нуди... Интерес за програмата имаше и лани, во пандемиска година, а годинава тој е уште поголем, па затоа банката одлучи да има два циклуси на кредитирање на овие бизниси.

Токму на тема каков е интересот, какви се услови треба да се исполнат за да се конкурира, како да се подобри бизнис идејата за таа да стане поуспешна и долгорочно одржлива, практично, се што може околу оваа програма да ги интересира креативните деловни луѓе со претприемачки дух, Фактор направи мини интервјуа со Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата во Шпаркасе банка за мали и средни компании за Регион Скопје, ВикторМитевски, „Startup Academy“ и Кристијан Милески од „Business Impact Lab“.

Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата во Шпаркасе банка за мали и средни компании за Регион Скопје

Господине Кечовски, иако минатата година беше пандемиска и многу критична за нови деловни потфати, сепак, на Вашата програма „Чекор по чекор“ се пријавија 29 млади претприемачи кои беа заинтересирани за програмата. Можете ли да ни откриете каков е оваа година интересот, дали и младите луѓе во земјава го следат тоа своевидно бизнис будење кое се појави со привршувањето на пандемијата?

Кечовски: Најпрво сакам да потенцирам дека иако сите знаеме какви предизвици ни донесе предходната  година, само според бројот на младите претприемачи кои се пријавија за програмата може да кажеме дека ги оправдавме очекувањата. Ние како банка веднаш ја прилагодивме програмата и беше комплетно онлајн, со што им излеговме во пресрет на младите претприемачи. Своевидното бизнис будење е евидентно и истото е поврзано со претприамачкиот дух кој се темели на оптимизам и позитивно размислување, кое е главен двигател не само во  бизнисот туку во сите сфери на животот.

Со оглед што оваа година е веќе трета по ред, кажете ни колку млади деловни луѓе веќе се пријавија на најновиот јавен повик, и дали доколку е интересот навистина голем како што е сега, има шанси да се распише уште еден повик за кредитирање на уште еден циклус претприемачи?

Кечовски: Чекор по чекор е прва целосна акцелераторска програма во Македонија, посветена само на бизниси во ран развој, со цел да се прошират, поддржат и креираат пошироки можности за успех на самите претпријатија. Оваа програма нуди уникатна можност за развој на бизнис моделот, импакт моделот и добивање пристап до различни инструменти за финансирање кои ќе го овозможат следниот чекор во претприемачки раст на стартап компаниите.

Поради уникатноста на програмата и големот интерес од страна на младите претприемачи константно во текот на годината, оваа година одучивме да имаме два циклуса годишно, со единствена цел да имаат можност за пристап до финансии односнода аплицираат во текот на целата година.

Колкав е максималниот износ што го добиваат стартапите и дали се тие средства доволни за да може успешно да почне еден бизнис?

Кечовски: Максималниот износ на кредит е 25.000 евра. За овој кредит нема потреба од залог на недвижен и подвижен  имот, потребно е само младите претприемачи да имаат бизнис идеја која може да се транформира во одржлив бизнис модел. Главната цел на програмата е всушност обезбедување бесплатна  серија практични тренинзи и работилници на теми релевантни за бизниси во рана фаза на развој (Работилници за бизнис модели, созадавање на импакт и сл.), односно во оваа фаза заеднички потенцијалните Старт ап бизниси во координација со нашите ментори и банката ќе утврдат дали износот на бараниот кредит е доволен за отпочнување на овој бизнис и што е најважно, за негово долгорочно опстојување.


Виктор Митевски, „Startup Academy “

Како задолжени за едукација и менторство на старт ап бизнисите, што можете да ни кажете од Вашето искуство за креативноста на младите бизнисмени кои конкурираат. Што е потребно за претприемачите кои сакаат да стартуваат со сопствен бизнис за да влезат во оваа програма и потоа да конкурираат за поволен Митевски заем од Шпаркасе банка?

Митевски: Македонските претприемачиникогаш немале проблем со креативноста и иновативноста на нивните бизнис идеи. Сепак, идејата е само првиот чекор во започнувањето на било каков претприемнички потфат. Главниот предизвик со кој се соочуваме сите ние како еко систем е недостатокот на претприемничко и критичко мислење и размислување. Оттука, за влез во оваа програма потребно е да имате бизнис идеја, желба да учите и да бидете менторирани и секако да бидете храбри и одлучни да ја остварите вашата идеја. Сепак, секој претприемач треба да знае дека секоја бизнис идеја треба да ги следи пазарните потреби и барања, па оттука флексибилноста и подготвеноста за прилагодување и менување на бизнис моделот треба да е нивниот главен фокус за време на програмата.

Можете ли да дадете еден универзален совет до младите претприемачи како да се биде конкурентен и да успее бизнисот?

Митевски: Многу успешни бизниси започнале од гаража, но ниту еден од нив не бил развиен само врз основа на сознанија, претпоставки и информации добиени од интернет. За да имате успешен бизнис треба да излезете од вашата канцеларија, да се среќавате со вашите потенцијални купувачи, партнери, конкуренти и инвеститори, со цел да изградите бизнис модел кој ќе решава нечии проблем или задоволува нечија потреба. Бизнисите кои се развиени во канцеларија, најчесто завршуваат неславно, бидејќи кога за прв пат ќе се соочат со реалноста, веќе е доцна.

Кои беа минималните подобрувања што им беа потребни на бизнис идеите за тие да прераснат во успешни приказни, кои беа главно недостатоците?

Митевски: Нашата главна задача во програмата е да ги насочиме и менторираме тимовите со цел да имаат подобен бизнис модел за финансирање. Најчесто, тимовите кои ги прифаќаат нашите совети и навистина излегуваат од нивните канцеларии, се среќаваат со нивните потенцијални купувачи за да ги потврдат или негираат претпоставките кои ги имаат, постигнуваат успех. Што се однесува до специфичните промени кои ги прават бизнисите, мора да признаеме дека секоја бизнис идеја е приказна сама за себе, па затоа и деловите кои се менуваат и прилагодуваат се различни и варираат од индустрија до индустрија. Но, ако треба да издвоиме еден сегмент од бизнис моделот, најчест предизвик за тимовите претставува дефинирањето на вредноста која  нивниот производ/услуга го/ја има врз нивниот целен потрошувач, односно целна група. 


Кристијан Милески од „Business Impact Lab“

Дали оние кои конкурираат се главно млади луѓе, или, пак, има и постари, и што е она што Ве импресионира кај идеите за отворање на бизнис, но и, дали можете да ни откриете кои се главно нивните недостатоци?

Милески: Програмата нема ограничувања за возраста на апликантите. Единствен услов е доколку комисијата одлучи да ги поддржи финансиски, да имаат регистрирана фирма, не постара од 36 месеци. Самата програма е наменета за стартапи и главниот фокус е кон нив. До сега сме имале учесници од различни возрасни групи, но секако дека ме радува фактот дека се повеќе млади лица се заинтересирани за програмата.

Бизнис Импакт Лаб како акцелератор ги третира бизнисите кои имаат одредено влијание со нивното работење, односно импакт. Ние уште од самиот почеток на нашето раборење се одлучивме да се фокусираме на импакт компонентата како дел од процесот на бизнис моделирањето. Знаеме дека сме општество кое има многу проблеми за решавање кои оваа група на претприемачи ги користат како предизвик да променат нешто во општеството, а не да се отиентираат само на чист профит.

Како Вие како акцелератор всушност им помагате на стартапите да растат и да се развиваат, па дури и надвор од границите на земјава, која е клучната поддршка што им ја давате?

Милески: Во денешно време има се повеќе програми кои ги помагаат стартапите и тоа треба да е така. Секој бизнис си има своја мисија и цел и самиот најдобро знае што е потребно за него. Тоа на што ние работиме е подигањето на нивните капацитети. Секој од нив е на различно ниво од нивниот раст, па со помош на дијагностика, успеваме да ги детектираме слабите точки. Со оглед на тоа дека во програмата учествуваат многу бизниси, нашиот пристап е преку групни сесии и индивидуални менторски сесии каде се обрнува внимание на секој бизнис поеднично.

Перспективите иновативноста, влијанието, финансиското работење, бизнис моделирањето, глобалните пазари се само дела од темите кои се обработуваат во тек на програмата.

Кои се условите што мора да ги исполни еден претприемач и неговата бизнис идеја за да успее да влезе во оваа програма?

Милески: Програмата е прилично достапна и отворена за поширок таргет и не е воопшто строга во однос на другите програми. Од технички аспект треба да има регистрирана фирма не постара од 36 месеци. Сето останато кое е во форма на прашања во самата апликациска форма, ние го земаме како одговор за тоа каде е и каде сака да се движи бизнисот, колкав е капацитетот на тимот, колкава е можноста за неков раст и така натаму.

За нас особено е важна и пасијата за импакт. Дури и не мора да има јасно дефинирана импакт компонента, туку да има пасија за одредена промена по што ние преку соодветни методологии ќе им помогнеме како тоа да стане дел од нивниот бизнис модел.

Нина Нинеска-Фиданоска

Фото: Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира

Историски ден за македонскиот стартап екосистем, eве зошто

Историски ден за македонскиот стартап екосистем, eве зошто

Заев објасни дали ќе имаме зголемена инфлација и енергетски ценовен шок

Заев објасни дали ќе имаме зголемена инфлација и енергетски ценовен шок

Мицкоски: Ќе се вратиме 40-50 години наназад кога домаќинствата се соочуваа со недостаток на електрична енергија

Мицкоски: Ќе се вратиме 40-50 години наназад кога домаќинствата се соочуваа со недостаток на електрична енергија

Растат платите во Србија, просечната се искачи на 550 евра

Растат платите во Србија, просечната се искачи на 550 евра

Заев вели дека и во време на пандемија се зголемуваат платите, а тоа е реткост во Европа

Заев вели дека и во време на пандемија се зголемуваат платите, а тоа е реткост во Европа

НАЈЧЕВСКА ПРАШУВА: Зошто во земјава не се стимулира ставање панели на секоја куќа и кому му одговара да останеме енергетски зависни

НАЈЧЕВСКА ПРАШУВА: Зошто во земјава не се стимулира ставање панели на секоја куќа и кому му одговара да останеме енергетски зависни

БЕКТЕШИ: Убеден сум дека ниту по први јануари нема да има големи ценовни шокови кај електричната енергија

БЕКТЕШИ: Убеден сум дека ниту по први јануари нема да има големи ценовни шокови кај електричната енергија

На Балканот и натаму се градат нуклеарни централи, Македонија нема стратешка резерва

На Балканот и натаму се градат нуклеарни централи, Македонија нема стратешка резерва

Скопска фирма со еден вработен направи пола милион евра профит!

Скопска фирма со еден вработен направи пола милион евра профит!