Како „Комерцијална банка“ направи профит од 21,3 милиони евра?
Објавено во: Економија 02 Ноември, 2020
Одлични вести за акционерите на најголемата деловна банка (според активата н.з.): профитот за првите девет месеци е поголем од истиот период лани, зголемени се нето приходите од камати и резервациите. А кредитните пласмани и вложувањата во хартии од вредност се поголеми за вкупно 172 милиони евра. Во овој период останатите приходи на банката се „главен виновник“ за нето профитот, зашто се 12,5 милиони евра поголеми од лани. Сума сумарум, банката е негативна на „корона вирус“
Најголемата деловна банка во земјава (според активата н.з.) има одлични девет месеци и со нејзиното работење во целост ја оправдува својата оценка добиена од независните финансиски аналитичари (за што пишувавме кон средината на септември) кои препорачаа акцијата на „Комерцијална банка“ да се купува до ниво од 7.900 денари.
Финансиските резултати за првите девет покажуваат дека „Комерцијална банка“ има нето приходи од камати во износ од 29,5 милиони евра што е за 569.000 евра повеќе од истиот период лани. За разлика од најголемата, втората најголема приходна ставка – нето приходите од надоместоци и провизии се за еден милион евра пониски од истиот период лани и изнесуваат 10,4 милиони евра. Тоа е очекуван резултат особено што во периодот од април до јуни имавме вонредна состојба и големи ограничувања во движење и делување на целата територија на земјава.
Најзначаен фактор за тоа што добивката макар и за нијанса е поголема од истиот период лани имаат останатите приходи од дејноста. За првите девет месеци од нив банката инкасирала 20,3 милиони евра што е двојно повеќе од втората најголема приходна ставка. Останатите приходи од дејноста се за 12,5 милиони евра поголеми од истите во претходната година кога изнесувале помалку од 8 милиони евра за првите девет месеци.
Резервациите за кредитните пласмани се зголемени во споредба со лани и тоа драстично. Нивното ниво на крај на септември е 20,5 милиони евра и тоа е за 12,5 милиони евра повеќе од истиот период во претходната година.
Соодносот на најважните финансиски параметри наведени погоре донесе добивка пред оданочување на „Комерцијална банка“ во износ од 21,3 милиони евра што е за 164.000 евра подобар резултат од истиот период лани. Остварен во услови на корона криза која продуцираше и продуцира големи економски нарушувања во областите на производство и на услуги.
На страната на билансот на состојба „скицата“ е следна: раст на кредитните пласмани за 81,3 милиони евра за девет месеци до износ од 907,2 милиони евра на крај на декември. Раст на вложувањата во хартии од вредност до износ од 304 милиони евра, за 91 милиони евра повеќе од крајот на 2019 година.
Раст на нивото на депозити од 120,6 милиони евра до износ од 1,86 милијарди евра.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.