Добивај вести на Viber
Еврообврзницата доаѓа. Не успеаа напорите на СДСМ, но и на експертската заедница која здушно бараше одложување на ова најново задолжување.
Се покажа дека на Владата и е многу важна еврообврзницата, и дека и е многу важна сега и веднаш, пред да се формира новата техничка Влада. Тоа покренува многу прашања, како ќе се трошат парите, за кои намени, ќе има ли кој тоа да го контролира, дали Владата влегува во процес на купување на гласачите во следниот период. Дури и самиот премиер изјави дека парите се потребни за плати и за пензии.
Не одеше се така глатко. Укажувањата на експертите беа сочни и јасни.
Вкупната општествено-економска цена на издавањето на обврзницата го допира плафонот на издржливоста на македонската економија. Уште една доза на кредити само ќе го одложи отрезнувањето. Нема дилема дека и овие пари ќе се потрошат пребрзо (градежната сезона е во полн ек, социјалните исплати се зголемија за 5%, пензиите нема да се зголемат од септември, засега покачувањето е одложено за ноември), но враќањето на долгот ќе има економско-социјални реперкусии изјави пред неколку дена
Павле Гацов –претседател на здружение на даночни експерти.
Сепак свесноста дека Владата ќе оди докрај постоеше.
Груевски ќе продолжи да „копа“ и да бара начин како да ги најде потребните средства. Тој е свесен дека плати, пензии и субвенции мора да има барем до првите избори, затоа што нему му е јасно дека и најголемите вмровски пензионери, земјоделци и административци, при првото доцнење на месечните предвидени приходи без размислување би му ги удриле „клоците“. Така е тоа кога луѓето си ги убедувал да гласаат за тебе со уверување дека за нив секогаш ќе има, без разлика дали во меѓувреме си создал економија да ги обезбеди ветените приходи или истите ќе ги обезбедуваш со задолжување, напиша во колумна Крсте Шајноски, универзитетски професор.
А насоките беа да се оди во одложување и барање рационални решенија.
Со оглед на зголемените ризици во економијата, и оттука намалениот економски раст и тенденцијата за негово понатамошно намалување, ова задолжување би било многу скапо. Дополнително, не е позната намената за која ќе се потрошат средствата. Оттука, повлекувањето на еврообврзницата е рационално решение.
Задолжувањето е еден начин да се надминат ликвидносните проблеми. Но, во ситуација кога во континуитет расходите за тековни трошоци (плати, пензии и социјални трансфери) не може да се покријат преку приливите од приходи, постојано задолжување не е оптимално решение. Во таква ситуација, потребно е да се направат структурни промени на расходите и приходите, изјави пред неколу дена Благица Петрески, аналитичар.
Како понатаму? Прашање на кое одговор може да дадат првенствено политичарите. Моќта на одлуките е кај нив. Народот веќе го кажа своето. Нема да молчи. Дали е тоа доволно е прашање кое во моментов има нејасни перспективи. Како и да е, изборите се ближат, а касата е преполна. За враќање на долговите ќе му ја мислиме понатаму.
Р.Ф.