29 Април, 2024
0.0361

Како Реал може да си го дозволи Бејл?

Објавено во: Анализа 10 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Вили Грувс бил првиот фудбалер за кој има евиденција дека преминал од еден во друг клуб преку таканаречена трансфер отштета. Тоа се случило во 1893 година кога Астон Вила платила 100 фунти на неговиот поранешен клуб Вест Бромвич Албион. Со оглед на тоа дека Англија е колевка на фудбалот листата на рекордни трансфери во светот и денеска се искажува во фунти. Скоро 100 години подоцна два рекордни трансфери постави Марадона, најпрвин кога од Бока прејде во Барселона, а потоа кога замина во Наполи. Износите беа 3 и 5 милиони фунти. Декада подоцна рекордот беше и повеќе од дуплиран и изнесуваше 12 милиони фунти.

И потоа дојде Флорентино Перез и работата отиде предалеку, трансферите влегоа во друга димезија. Реал плати 37 милиони за Фиго во 2000 година, 56 за Кака 2009, 80 за Роналдо во 2009 и рекордни 85 милиони пред некој ден за Герет Бејл.

Арсен Венгер го нарече трансферот смешка, многу луѓе велат дека линијата е пројдена и дека треба да се стави крајот на ова лудило. Швајцарија на пример оди на референдум за ограничување на платите на ниво на целата економија, тоа секако ќе ги погоди и фудбалските клубови, бидејќи целта е најплатениот вработен во некоја организација да не смее да зема плата поголема повеќе од 12 пати од најмалата плата во истата организација. Претседателот на ФИФА Сеп Блатер вели дека Швајцарија на тој начин ќе остане без фудбал, додека поборниците на законот велат дека тоа е прв чекор кон воведување ред во полуденото капиталистичко општество.

Кога сме кај претседателот на ФИФА, да кажеме дека пред некој ден излезе со интересна пазарна логика, велејќи дека ако луѓето се спремни да платат 100 милиони долари за слика на Пикасо, зошто би ни било чудно ако некој сака да плати 100 милиони за Герет Бејл.

Поточно 132 милиони, ако гледаме во долари. Толку пари Перез плати за играч кој не се знае дали вреди приближно толку и за играч кој игра на иста позиција со Роналдо. Секоја здрава логика вели дека овој потег е претеран.

Најбитното прашање е дали може да го плати?

Реал Мадрид е клуб кој годишно генерира неверојатни половина милијарда евра приходи и тоа за сезона 2011/2012. Годишно продава 1,5 милиони дресови. Според некои извори претходниот рекорден трансфер на Роналдо и на Бекам биле вратени за само една-две години од продажба на дресови. Тешко е да се каже дали е ова точно, бидејќи не можеме да знаеме кој процент го добива клубот а кој процент го добива Адидас, но во секој случај девизата треба да потрошиш за да заработиш Перез ја практикува до максимум. Неговата позиција е стабилна и покрај големите обвинувања за растрошниство и за генерирање долгови кои клубот ги има. Перез одговара дека клубот е во стабилна состојба и дека ова што го прави, го прави за доброто на клубот.

Реал и Барса во Шпанија имаат монопол како никој друг двоец во Европа. Годишно овие два клуба заработуваат по 140 милиони евра од тв права за емитување на нивните мечеви од домашните лиги.

Другите клубови добиват само трошки. Ќе се согласиме дека разликата во квалитетот на овој двоец е огромна пред другите и во ниедна друга лига не е така изразена, но сепак процентот на доминација е фрапантен.

Погледнете ја разликата во Премиер лигата

Распределбата е сосема различна, па така Виган заработува од тв права колку Валенсија и Атлетика, додека најдобрите во Англија заработуваат три пати помалку од Реал и Барса.

Очигледно има причини зошто Реал троши најмногу пари на рекордни трансфери.

Редакција Фактор