05 Мај, 2024
0.0229

Невработеноста опаѓа: реалност или голема илузија?

Објавено во: Анализа 10 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

И покрај кризата, невработеноста успеавме да ја спуштиме под психолошката граница од 30 проценти! - вака во последниот период владините претставници се фалат во секоја прилика. Како им успеа, се прашуваат сите... А, бидејќи во економијата чуда нема, „Фактор“ ја подготви оваа анализа, за точно да види колкава е (не)вработеноста во реалноста. Официјална статистика Според последното соопштение од Државниот завод за статистика (ДЗС), на чии податоци се повикуваат властите, во второто тромесечје од 2013 година во Македонија стапката на невработеност изнесува само 28,8 проценти. Но, каде е „оптичката замка“! ДЗР ваквиот процент не го изведува од целото работоспособно население, туку од тоа што тие го нарекуваат „активно население“. Под ова ги подразбираат збирот на вработени и невработени, кои според последните податоци е 952 327 лица, од кои вработени се 678 467, а 273 860 лица се невработени. Она што е уште поинтересно, за да ве сместат во категоријата „вработен“ доволно е да сте работеле и еден час, макар и за без пари сте помагале на семејниот имот! Но, за да влезете во категоријата „невработен“ треба да се помачите и да докажете дека активно сте барале работа. Во спротивно, ве нема ниту во едната ниту во другата категорија. (методологијата ја има на следниот линк http://www.stat.gov.mk/MetodoloskiObjasSoop.aspx?id=98&rbrObl=14). А, такви „фантоми“ има многу. Ако ја земеме последната проценка на населението на ДЗР, во земјава живеат 2.061.044 жители, од кои 29 проценти (околу 600.000) се деца до 14 години и постари од 65 години. Според тоа, излегува дека во Македонија има 1,46 милиони работоспособни, на возраст од 15-65 години. Па, така, помеѓу овој податок и тој на инситуциите за „активното население“ се појавува разлика од околу половина милион луѓе! Тие за државата не постојат. Ако се сметаат и тие, вкупната бројка на невработени би се движела околу 800.000 работоспособни луѓе. Вистинската бројка на вработени Доколку е паднат процентот на невработени, тогаш во иста мера треба да расте и процентот на вработени (освен секако ако тие невработени не ја напуштиле земјава во меѓувреме). Според ДЗС, во моментов во земјава има околу 680.000 вработени, по веќе споменатата методологија. Од нив, 155.000 „на државно“, а на „приватно“ нешто повеќе 520.000. Но, доколку првата бројка можеме да ја сметаме со скоро 100% точна (поради лесниот начин на добивање на податоците), втората е доста дискутабилна! Па, така има случај, втор по големина сектор според вработувањето (прва е преработувачката индустрија) да биде земјоделието со вкупно 121 487, а всушност вработени за плата во оваа гранка се 10 пати помалку, околу 12.000. Останатите, се сметаат за „вработени за сопствена сметка“ (56 310 луѓе) и, внимавајте, „неплатен семеен работник“ (52 108 луѓе). Ова, колку за илустрација. Инаку, во земји како нашата, во која е задолжително плаќањето на пензиско осигурување заедно со платата, нема поедноставен начин да се дојде до вистинските бројки, отколку преку Фондот за ПИОМ. А, тие говорат, дека на крајот од 2012 година во Македонија имало вкупно 507.000 вработени. Во последните четири години, според овој извор, бројот на вработени е зголемен за вкупни 30.000 илјади. ( во 2009 ПИОМ имал 475.780 осигуреници). Ако земеме дека податокот на ДЗР за вработените „на државно“ е точен, доаѓа дека во фирмите од приватниот сектор во Македонија вработени се само околу 350.000 луѓе. Овие компании и вработените во нив, освен плати за административците, одработуваат и пензии за скоро 300.000 пензионери! Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад