Добивај вести на Viber
Охридско езеро, богато културно и историско минато, топол прием на гостите, одлични плажи, интересни места за релаксација и места за забава - да тоа е Струга, нашата Струга. И додека некои се жаела дека пропаѓа летната сезона, стружани се чини дека немаа таков проблем. Овде и летово можеа да се регистрираат голем број на домашни и странски туристи. Го враќа ли Струга стариот сјај.
Струга е град во западниот дел на Македонија Распослан во рамнината на Струшкото поле на двата брега на реката Црн Дрим и на северниот брег на Охридското Езеро. Од главниот град, Скопје е оддалечен околу 170 километри.
Зошто Струга?
Струга - затоа што како „Струга нема друга“. Овие стихови опеани и овековечени во македонски евергрин се најискерените и веројатно најверодостојна дефиницја за градот. Во летната сезона во Струга и околните места престојуваат илјадници туристи, претежно од земјава, но и голем број на туристи од Албанија, Косово и Грција. Старите стружани за туризмот велат - Кога ќе пукне туристичката сезона, Струга наеднаш се изменува, небаре низ чаршијата пројурил Св. Ѓорѓија на бел коњ и со копје им ја пуштил застојаната крв, и се се разживеало. Струга е и најсончевиот град во Македонија. Во јули и во август просечната изложеност на сончева светлина стасува и до 12 часа. Географската положба на Струга, отвореноста на Струшката Котлина, планините околу градот како и близината на езерото, овозможуваат во Струга да дува ветар од сите страни.
Успешна туристичка сезона?!
И додека охриѓани се жалат на лошата туристичка сезона, впечатокот е дека во Струга секојдневно се бара преноќиште, а тешко се наоѓа. Се е пополнето, дополнително што од домашни, што од странски туристи.
„Овде доаѓам веќе втора година. Луѓето се пријатни, не е скапо. Градот нуди многу убавини“, изјави кусо за Фактор, турист од Холандија, кој од центарот на градот се упати накај манастирскиот комплекс Бисер.
Градот под Караорман, навистина нуди многу. Годинава изненадувачки е и бројот на домашни туристи.
„Дојдовме овде за да избегаме од скопските горештини. Освен тоа поефитно е од Скопје. Луѓето се пријатни, забавата навачер е на одлично ниво“, ни изјави скопјанката Ива Костова.
Ако ги прашате стружани тие нема да се поажалат од туристичката сезона, само кратко ќе ви одговорат не е лошо, иако сме имале и посилни сезони. Угостителите не ги билдаат цените, затоа што е ек на сезоната, а токму тоа е една од причините зошто просечниот македонец ја одбира токму Струга како дестинација за летување, дополнително и гостоприемливоста е на завидно ниво.
Најпознатите места во Струга се делот околу течението и изворите на Дрим, кафулињата крај езерото, па "Пливалиште". Стружани велат: "И да знајте од Градиште до Ливадиште најубо е на Пливалиште". Тука е чаршијата, па старата архитектура, тесните улички, куќите со галерии и дуќаните со ќепенци.
Најпозната меѓу црквите во Струга е градската соборна црква "Св. Ѓорѓија", со извонреден иконостас во резба (завршен во 1850 година), која содржи и богата колекција на икони.
Градските власти револтирани на централната власт
Во интервју за Фактор, градоначалникот на Струга, Зијадин Села е помалку револтиран од игнорантскиот однос на Владата кога е во прашање Струга.
„Во неколку наварти сум правел споредби, не дека не сакам да се инвестира во Охрид, но не е во ред да не се инвестира во Струга. Ни требаат инвестиции бидејќи на крајот на краиштата тоа се пари на граѓаните, ако одиме по тоа колку даноци се плаќаат во Струга, а колку во Охрид, ќе видите дека во Струга повеќе се плаќа данок, ако ништо друго ние имаме некои 2000 жители повеќе од Охрид со последниот попис. Чуден е овој однос што централната власт го има кон Струга. Струга како град е пријатен за туризам, ние имаме многу пониски цени отколку во Охрид. На пример едно кафе во Струга се пие за 30 денари, а во Охрид за 80 денари и повеќе.
Имаме и други поволни услови ја имаме и реката Дрим, планини на кои може да се развива туризмот имаме и одлични услови за скијачки центар каде имаме 1800 метри надморска височина (Горна Белица и Лабунишки бачила), а досега не е работено на овој вид туризам кој може да донесе развој. И затоа мислам дека ваквиот начин на кој ВМРО ДПМНЕ и ДУИ владеат е за секаква критика, бидејќи не можеш да работиш против твоите граѓани“, вели Села.
Радожда - местото каде мирот, спокојот и убавините ги имате на дланка
Радожда - на само 12 километри од Струга, веднаш до албанската граница се наоѓа селото Радожда. Атрактивно, сместено помеѓу Јабланица и Охридското Езеро. Според информациите мештаните веќе почнале да ги продаваат куќите и имотот на странците, кои пак овде ги опијанила природата. Селото има седум цркви, а посебна атракција преставува пештерната црква Свети „Архангел Михаил“ изградена во 14 век. Специјалтет - охридска пастрамка. Домашните туристи знаат што значи ова, а странците кога ќе ја пробаат остануваат без збор.
Машка и женска плажа
Предноста на Струга е што најатрактивните плажи се лоцирани во центарот на Градот. Машката и Женска плажа е масовното собиралиште за сите и за домаќините и за туристите. Конкуренцијата ги натера и стружани да ги уредат плажите. На ниту една од струшките плажи туристите не плаќаат за лежалка, дополнително освежителните пијалоци или кафињата се по пристапни цени.
Цени во кафулња во центарот на Струга
Кафе 40 - 60 денари
Освежителни пијалоци 50 - 70 денари
Флаширана вода 40 денари
Територијалната поделба за момент ги разниша стружани, но не и меѓуетничкиот соживот
Општина Струга - центар е градот Струга. Општината е проширена во 2004 година, кога кон старата Општина Струга се припоија поранешните општини Делогожди, Велешта, Лабуништа и Луково. Според податоците од пописот на население спроведен во 2002 година, во Општина Струга имало 63.376 жители. Во градот Струга живеат околу 33,376 жители. Новата територијална поделба од 2004 година за момент ги разниша стружани. Но, сепак меѓуетничката толеранција генерално во Струга е на завидно ниво. Тоа што Албанците со новата поделба на општините станаа мнозинско население, дел од стружани не го сметаат за толку страшно. Заедничкиот живот на Албанците и Македонците во Струга има долга традиција. Има семејства кои се познаваат веќе 300 години. За време на воениот конфликт во 2001 година немаше конфликти во Струга.
Најболната точка моментално во Струга - иселувањето на младите
Струшкиот градоначалник, Зијадин Села за „Фактор“ вели дека еден од најгорливите проблеми на Струга е масовното ислеување од градот и бегството по светските метрополи заради обезбедување егзистенција. Секако има и други проблеми, додава Села.
„Тоа опфаќа серија проблеми со кружни текови и проблемот со тоа што ни одземаат пари за проекти кои не се инвестирани во Струга, туку во Охрид итн. Болна точка е и тоа што секое лето за Охридско културно лето се даваат милионски евра суми, а ништо за Струга. Паркинзите се исто така проблем кој треба да се реши. Јас сега подготвувам и предлог сообраќајно решение со генералниот урбанистички план и се надевам ќе најдеме решение за тоа. Центарот на Струга не е регулиран како што треба и сега ќе се фокусирам и на тоа за да се уреди и тоа прашање. Се соочуваме и со недостиг на деца, граѓаните немаат перспектива и се повеќе луѓе ја напуштаат Струга. Струга е меѓу градовите кои од поодамна имаат печалбари и многу е лесно за стружани да ја напуштат оти има кај да отидат додека да се снајдат, Исто така болна точка е и јавниот превоз, Струга нема јавен превоз, сакам за овие три години колку ми се останати да обезбедам и јавен превоз.
Струшката чаршија
Чаршијата во Струга е местото кое секој турист задолжително ја посетува кога ќе го посети градот. Испреплетениот меѓуетнички амбиент и дава посебна нишка.
Што исто така не смеете да пропуштите да посетите
Природонаучен музеј „Др. Никола Незлобински“
Спомен дом на браќата Миладиновци
Галерија „Вангел Коџоман“
Центар за култура "Браќа Миладиновци"
Градска библиотека „Браќа Димитар и Константин Миладинови“
Цркви
Струшки вечери на поезијата
Струшките вечери на поезијата се најголемата светска поетска манифестација што се одржува секоја година во
Струга, Република Македонија.
Манифестацијата е обележје на
градот како туристички центар и на неа присуствуваат најмалку 200 светски познати поети. На поетскиот фестивал меѓу другото, се доделуваат и најголемото признание за целокупна поетска дејност, „Златен венец“, и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик.
Струшката ракометна елита дел од македонската репрезентација, заедно со Даниел Кајмаковски
Оваа слика доволно говори за најзвучните струшки имиња на денешницата, познати и признати дома, но и во странство.
(Легенда: Велко Марковски, Ацо Јоновски, Наумче Мојсовски, Даниел Кајмаковски, Гоце Ојлевски, Милорад Куковски, Никола Марковски)
Спортот во Струга
Како потврда за големиот интерес во општината за спортот и физичката култура е постоењето на многубројни спортски друштва и клубови, како на пример, фудбалскиот клуб "Караорман", веслачкиот клуб "Црн Дрим", ракометните клубови "Струга" и "Стружанка".
Струга деновиве пулсира во ритамот на ракометот
42 издание на меѓународниот ракометен турнир, денеска влегува во завршна фаза. Металург и Вардар во финалето. Стружани се за Металург и секако тоа не е за изненадување затоа што најголемиот дел од тимот го сочинуваат токму стружани. Секако половина ракометна репрезентација на Македонија ја сочинуваат токму ракометари од Струга.
И.М.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.