Добивај вести на Viber
Урбаната мафија се закануваше со ликвидации, а на градежници им се судеше за убиство, вака медиумите во 2006 година известуваа за состојбите во градежништвото по најавите за рушење на дивоизградени објекти. Јанакиески тогаш, сепак, за јавноста не ги откри имињата на оние што му се закануваа.
Најавите за рушење на дивоградби и справување со урбаната мафија што во 2006 година ги упати министерот за транспорт и врски
Миле Јанакиески, ја разбрануваа градежната фела. Јанакиески, само што дојде на функцијата министер и најави битка со урбаната мафија, доби закани за ликвидација. Тогаш најголема прашина се крена околу рушењето на Кинескиот ѕид во Градски парк, како објект која стана меѓник на едно време, после кое требаше да се знае што и како се гради во главниот град. Изминатиов период покажа дека, сепак таа битка била многу тешка.
Што се случуваше
Според пишувањата на медиумите во 2006 година, Јанакиески добил закани по неговата лична безбедност и безбедноста на неговото семејство, за што била известена и полицијата. Имено, наводните инвеститори на Кинескиот ѕид во Градски парк, објект што требаше да се урива, најпрво вршеле притисок врз тогашната градоначалничка на општина Центар
Виолета Аларова, и од неа барале објектот да не се урива.
Таа ги повикала во својата канцеларија, од каде телефонски го побарала Министерот за транспорт Миле Јанакиески. Без да му каже, таа го пуштила разговорот на интерфон, за сите да слушнат дека, наводно таа нема врска со намерата за уривање. Наводните инвеститори уште при тој разговор, почнале да му се закануваат на Јанакиески со ликвидација. Тоа продолжило и понатаму, откако истите тие луѓе, но и некои други од нив ангажирани, продолжиле да му се закануваат телефонски на министерот, пишуваа медиумите пред седум години.
„Во полиција дадов изјава за заканите што ми беа упатени. Во интерес на истрагата не би сакал да спомнувам имиња. Заканите нема да ме поколебаат. Ќе продолжиме со повеќе активности за лоцирање други објекти што се изградени противзаконски. Од сите општини бараме да ги отстранат дивите градби. Владата до крај ќе се бори со урбаната мафија “, изјави тогаш министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Заканите за ликвидација останаа неказнети
На јавноста и остана непознато што покажа и како заврши истрагата за случајот со заканите за ликвидација упатени до Јанакиески од урбаната мафија.
Спорниот објект, Кинескиот ѕид, имаше неколку пренамени, па од катна гаража се градеа луксузни апартмани. Проблемот настана откако иако за објектот имаше решение за рушење сепак општина Центар подоцна се повлече од таквиот потег со образложение дека нема доволно документи. Тогаш во постапката се вмеша Министерството за транспорт и врски и на тогашната градоначалничка Аларова и посочија дека веднаш треба да пристапи кон спроведување на решенијата за уривање повикувајќи ја да покаже капацитет за борба против урбаната мафија.
Сепак, и покрај големата бука што се крена околу овој случај, само дел објектот беше срушен, поткровјето, а денес овој објект се уште стои, и се спрема за финиширање. Над него се издигна северната трибина на „Филип втори“ со што се намали неговата атрактивност, но тоа не го менува впечатокот, дека најавите за уривање и битка со наводната „градежна мафија“ всушност заврши уште и пред да почне. Државата на овој случај демонстрираше декларативна непопустливост, но практиката ги демантираше зборовите. Оправдувањата дека во правните лавиринти на судскиот систем државата можела и да го изгуби спорот, останаа како сведоштво дека не е се така црно и бело, ниту кога државата урива ниту кога државата гради.