28 Септември, 2024
0.0242

Карлос Слим е на чекор до мнозинскиот дел од Telekom Austria

Објавено во: Анализа 12 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Австриското антимонополско тело даде зелено светло за преземањето на Telekom Austria од страна на мексиканскиот милијардер Карлос Слим. Надлежниот орган BWB нема никаква антимонополска загриженост, изјави портпаролот на службата. BWB издвои доста време за проверка на договорот и го продолжи рокот со 14 дена до 10-ти јуни. Телото мораше да провери какви последици ќе има едно преземање на високо конкурентниот австриски мобилен пазар. Telekom Austria е најголемиот оператор во земјата по T-Mobile и Hutchison. Сепак антимонополските власти ќе продолжат внимателно да го следат пазарот за да обезбеди фер конкуренција, се вели во изјава на BWB. Телото сака да се осигура дека индивидуалните мобилни оператори и потенцијалните нови учесници нема да се ставени во нерамноправна положба. Преку својот мобилен концерн America Movil Слим се стреми да се здобие со мнозински удел во Telekom Austria и нуди цена од 7,15 евра по акција. America Movil најави кон крајот на април дека постигнала договор со австриската влада да добие мнозински удел во Telekom Austria, откако го откупи учеството на малцинските акционери во операторот за 1,96 милијарди евра, и вети да инвестира уште 1 милијарда евра за зголемување на неговиот капитал. Во моментот мексиканската компанија држи 26,81% во телекомот, државното претпријатие ÖIAG - 28,42%, а малите акционери - 44,76%. Договорот предвидува австриската влада да остане со минимум 25% плус една акција и да има право да номинира извршен директор и претседател на Одборот на директори. Австрискиот телекомуникациски регулатор RTR објави претходната недела дека ќе донесе одлука во јуни во врска со стекнувањето на единствена контрола на поранешниот државен монопол од страна на Мексиканците. Органот за финансиските пазари FMA исто така сеуште не даде дозвола за трансакцијата. Тој мора да ја истражува трансакцијата, бидејќи Телекомот има лиценца за банкарска дејност, издадена на неговата ќерка компанија paybox. Исто така дозвола треба да дадат и властите во европските земји од Југоисточна Европа, во кои Телекомот е активен, а меѓу нив е и Македонија. K.K.