Кина главен сојузник на Русија – Западот на потег
Објавено во: Колумни 20 Мај, 2024
Последниве месеци од многу држави на Западот беше правен притисок врз Кина да поведе сметка, како се однесува кон Русија, во поглед на конфликтот во Украина. Кој се’ не патуваше во Пекинг. Со истите барања. Да ја притисне Москва да ги прекине воените дејства и да се повлече од Украина. Или пак, да престане да испорачува производи со двојна намена, кои Русите ги користат во својата воена индустрија.
Кинескиот претседател Шји Џинпинг неодамна беше на европска турнеја. Се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, кој ги повтори барањата од Западот, можеби зборувале и Кина да побара Русија да прифати „олимписко примирје“. Веројатно се интересирал и дали Кина ќе учествува на конференцијата во Швајцарија предвидена за 15 и 16 јуни, а на која треба да се зборува за предлогот за мир од украинскиот претседател Владимир Зеленски. Кинескиот претседател и тогаш изјави дека без учество на Русија на таква конференција и без водење сметка за нејзините барања, нема ништо од мир во Украина.Патем го повтори кинескиот приод и план за мир во Украина.
Минатата недела рускиот претседател, Владимир Путин, ја посети Кина. Пред еден месец на овие страници ја спомнавме веројатноста Путин да оди во Пекинг, со оглед на тоа што министерот Сергеј Лавров беше тогаш во Пекинг и сигурно работеше на подготовка на посетата на претседателот Путин. Путин во Кина замина како прва странска дестинација, по неговиот избор за претседател по шести пат. Исто како што кинескиот претседател, Шји Џинпинг, за прва дестинација по изборот за претседател ја имаше Москва.Како украс на посетата на Путин беше и 75 годишнината од воспоставувањето на дипломатскиот односи. А што е поважно, на претседателствувањето на Путин му беше даден легитимитет од страна на Кина. Зад легитмитетот и јубилејот стоеја односите на двете земји, економскатата соработкаи потврдувањето на намерата за израдба на нова меѓународна архитектура – повеќеполарен свет. Ова беше 43 средба на Путин и Џинпинг во последниве 15 години.Во светот, особено во западните медиуми, главно се потенцира начинот на кој му е покажано добредојде на Путин. Сите се чудат како Џинпинг се откажал од кинеските принципи на политичка култура и го прегрнувал Путин. Кинеските политичари обично при пречеците се ракуваат. За некои набљудувачи прегрнувањето на Џинпинг и Путин дури се смета дека е инсценирано за пред публика. Секако подалечна. Никако да помислат дека прегрнувањето е одраз на зближувањето на двете земји, благодарејќи на нечии политики. Благодарејќи на кои Русија е длабоко замината на патот кон Истокот. Оттука и топлиот прием во Пекинг. И црвениот килим и прегратките и „Подмосковски вечери“ од воениот оркестар.
ПРИОРИТЕТНО ПАРТНЕРСТВО
Средбите на Џинпинг и Путин беа во два дела. Прво делегациите од двете земји во комплетен состав, по што Путин и Џинпинг дадоа изјави на новинарите, а попладнето нова средба во неформална атмосфера, разговори во четири очи...Од овој дел нема ништо протечено во јавноста. Веројатно тука се водел разговор за теми кои ги засегаат двете земји. И нивните односи со Западот во новонастанатите услови. Секако и за барањата на Русија кон Кина, економски, проблемите со плаќањата, најавите на санкции од Западот кон кинеските банки и компании, а и кинеските кон Русија во поглед на суровини, пред се’. Веројатно е изграден и план за натамошно дејствување.
Во заедничката изјава на двата лидера потврдено е приоритетното партнерство, САД се обвинети за создавање на редица проблеми, кои враќаат кон минатото. Најавено е засилување на воените врски. Москва и Пекинг и натаму ќе ја продлабочуваат довербата и заемната соработка во воената област, ќе ги зголемуваат заедничките воени маневри и борбената подготвеност, врз регуларна основа ќе спроведуваат заеднички морски и воздушни патроли...Во Заедничката изјава се вели дека: „Страните нагласуваат дека современите руско-кинески односи претставуваат понапредна форма на меѓудржавна интеракција во споредба со воено-политичките сојузи од „студената војна“ и немаат блоковски и конфронтирачки карактер, не се насочени против трети земји. Во услови на меѓународни турбуленции, руско-кинеските односи достојно ги минуваат предизвиците на брзите промени во светот, демонстрирајќи трајност и стабилност и го доживуваат најдобриот период во нивната историја. Страните нагласуваат дека развојот на руско-кинеските односи на сеопфатно партнерство и стратешка интеракција, влегувајќи во нова ера, одговара на длабоките интереси на двете држави и нивните народи, и не се заснова на моментални интереси или коњуктурни калкулации“. САД се споменати како повод за загриженост, поради нарушувањето на стратешката рамнотежа со цел да си обезбедат воена предност. Тоа во Пекинг и Москва го гледаат со активностите околу ПРО, создавање глобален систем за ПРО ширум светот. Па дури и во вселената. Исто така САД се критикуваат за создавање на „мали одбранбени“ сојузи ширум светот, па дури и во Азиско-пацифичкиот регион. Рускиот претседател се заложи за градење на надежна и адекватна безбедносна архитектура во Азиско-Пацифичкиот регион, во кој„нема место на затворени воено-политички алијанси. Ние сметаме дека создавањето на такви алијанси е многу штетно и контрапродуктивно“.
Пред новинарите Џинпинг забележа дека:„Во денешниот свет, менталитетот на Студената војна сè уште е неконтролиран. Едностраната хегемонија, блоковската конфронтација и политиката на моќ директно го загрозуваат светскиот мир и безбедноста на сите земји“. Тој додаде дека со Путин ја нагласиле итноста на решавање на палестинско-израелскиот конфликт. Исто така дека Кина и Русија го прифаќаат политичкото решавње како правилен пат на решение на украинската криза. Позицијата на Кина за ова прашање е јасна и доследна. Почитување на државниот суверенитет и територијалната целосност на сите земји и нивната рационална загриженост за безбедноста. Па оттука и барањето за формирање на нова урамнотежена, ефикасна и стабилна безбедносна архитектура. Не е јасно колку овој приод ќе ги задоволи барањата на Макрон и на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен кои бараа од Џинпинг помош за Украина и отстранување на заканата за војна во Европа. Инаку и Путин, пред новинарите им оддаде „признание на кинеските пријатели,колеги, за иницијативите кои ги покренуваат за решавање на тој проблем“. Западот врши притисок во Швајцарија да дојдат повеќе држави, да се даде поиздржан легитимитет на некои одлуки кои ќе се донесат околуУкраина. Но Кина се противи на ваквиот приод. Стои на својот став, без многу викање.
ОЛИМПИСКО ПРИМИРЈЕ
Прашањето на Украина е споменато и во Заедничката изјава на двете земји. Во неа Русија„позитивно ја оценува објективната и непристрасна позиција на Кина за украинското прашање и го споделува пристапот, според кој, конфликтите треба да се решаваат врз основа на Повелбата на ОН во целост и севкупност. Руската страна ја поздравува подготвеноста на кинеската страна да одигра конструктивна улога во прашањето за политичко и дипломатско решавање на украинската криза. Страните ја забележуваат потребата да се запрат сите чекори кои придонесуваат за продолжување на непријателствата и натамошна ескалација на конфликтот, повикуваат на спречување на негова транзиција во неконтролирана фаза и ја нагласуваат важноста на дијалогот, како оптимална форма за решавање на украинската криза. Страните тргнуваат од фактот дека за одржливо решавање на украинската криза неопходно е да се елиминираат нејзините основни причини и да се придржуваат до принципот на неделивост на безбедноста, земајќи ги предвид легитимните интереси и грижи на сите земји во областа на безбедноста“. Преведено на обичен јазик ова значи дека е потребен прекин на огнот, прекин на испорака на западно оружје на Украина, за да не се прелее војната пошироко, да се види односот на Западот пред почетокот на војната, и да се гарантира безбедноста и на Украина и на Русија.
На крајот од посетата на Кина, во Харбин, Путин одново зборуваше за војната во Украина. За „олимпиското примирје“. За рускиот претседател основа за преговори се договорите од Истанбул. Тој кажа дека наместо нивно спроведување пред две години, Украина се одлучила за „војна доистребување“, до стратешки пораз на Русија, поттикната од Западот. Но денес нема ништо од тоа. И Русија во преговори сега би поаѓала од реалноста, која е на теренот. Исто така таа очекува од Украина, надлежните органи, да кажат нешто за легитимитетот на претседателот Зеленски, чиј мандат истекува денес. Путин во Харбин рече дека тоа прашање има значење за Русија, затоа што ако дојде до потпишување на некои документи „секако, ние треба да потпишуваме документи во таква судбоносна област со легитимни власти“.Во поглед на „олимпиското примирје“ предложено од Макрон, Путин вели дека тоа е правилен приод, како принцип на олимпизмот. Но тој принцип денес е нарушен од Олимпискиот комитет. Олимпизмот е политизиран. На руските спортисти не им се дозволува да настапуваат на Олимписките игри со своезнаме, химна, а бараат од Русија да ги исполнува правилата, кои неа и се диктираат. „Драги пријатели, така нема далеку да стигнеме, така никој, никогаш за никакви прашања не се договарал. За да се бара нешто или да се очекува од други, треба самите да ги исполнувате тие правила“, рече Путин. Што значеше дека Русија нема намера да прифати никакво „олимписко примирје“.
Во Пекинг се говореше и за економските односи меѓу двете земји. Речиси 90 проценти во плаќањата се во рубљи или јуани. Размената меѓу двете држави достигна лани 240 милијарди долари. Најмногу благодарејќи на испораката на руски суровини на Кина. Што пак беше добредојдено за Русија во услови на војна. Меѓусебните плаќања се во национални валути. Ќе се зацврстуваат и контактите меѓу банките и „енергично ќе се активираат националните платежни системи“ за опслужување на компаниите. Од руска страна издвоена е соработката на двете земји вообласта на атомската енергија, потоа зголемувањето на земјоделската трговска размена и заедничката работа во автомобилската индустрија. Ова особено,зашто Кина има „многу очигледни успеси“ на тој план.
ШТО САКА ЗАПАДОТ?
Што ќе и донесе посетата на Путин на Пекинг, на Русија? Во прв ред ќе и го чува грбот во војната во Украина. Цената што ќе ја плаќа Русија нема да биде мала, но таа нема да биде предадена. И ќе продолжи да војува се’ до стекнување на позиции, кои ќе и одговараат во некоја иднина. Главна гаранција на Русија се ресурсите, кои се добредојдени за Кина. Русија знае дека Америка ќе притиска на Кина, по некое време можеби и да и се додворува, но во моментов работите се такви што нема шанса Кинезите да се доближат до Американците и да ја отфрлат Русија. Оваа знае дека и е потребна на Кина во спротивставувањето со САД, особено со новите геополитички потези на Американците во тој дел од светот. А токму таквите американски потези во Европа и Евроазија, ја турнаа Русија кон прегратките на Кина и изградба на тесни односи меѓу двете големи држави. Дочекот на Путин покажа дека Пекинг ја смета Москва за свој најважен стратешки партнер. И не само на безбедносен план. Санкциите кон Русија од Европа, во поглед на енергенсите, ги отворија вратите кон Кина. Западот сигурно би сакал Кина дане купува ништо од Русија. Ниту да и продава. Но што би и понудил на Кина за возврат?
САД минатите денови воведоа драстични санкции кон кинеската автомобилска и електронска индустрија. Се возбуди дури и Доналд Трамп, поранешниот американски претседател, кој сака да се бори за нов мандат. Тој ги обвини Џинпинг и Путин дека се собрале со цел заедно „да направат штета“. А Трамп е многу гневен на Кина од времето кога беше претседател. Сега ќе чекаме какви потези ќе преземе Западот.„Фајненшел тајмс“ веќе напиша дека „Зацврстувањето на воената соработка меѓу Кина и Русија го вознемирува Западот“.
Историјата на односите на Кина и Русија не зборува само за „мед и млеко“. Во времето на СССР, некои генерални секретари на КП, со потценување се однесувале кон Мао Цетунг. Па имаше војна за островот Дамански. Па одново заладени односи, се’ до доаѓањето на Михаил Горбачов во Пекинг во време на почетокот на модернизацијата на Кина. Заладувањето беше плод на американската политика и дипломатскиот успех на Хенри Кисинџер. Тоа денес тешко би се повторило.
Овде би цитирал еден кинески аналитичар и инфлуенсер со пет милиоини следбеници на мрежата We Chat. За односите со Русија во светлината на посетата на Путин тој напиша:„...не значи дека ќе заборавиме на минатото. Да, историјата на руско-кинеските односи е комплицирана, но јас отсекогаш сметав дека треба да бидеме далекувидни и да не подлегнуваме на емоции под изговор на псевдопатриотизам, поттикнување конфронтација и создавање идеолошка конфузија. Прво, позитивната соработка со Русија е корисна за Поднебесната. Во стратешка смисла ова може да се сфати како свесен избор на двете земји да имаат корист и да избегнат конфликти, како и стратешка соработка во спротивставување на хегемонистичките политики на САД.Второ, неопходно е непоколебливо да се бранат националните интереси и да се следи својот политички курс. Нашите интереси се да бидеме отворени за се' и секого и да го зголемиме бројот на пријатели. Три сили играат посебна улога во глобалната конфронтација: Кина, САД и Русија. Сега најдобрата опција за Пекинг е сојуз со Москва за заедничка борба против Вашингтон, но не и военсојуз’. Овој цитат го давам повеќе за потребата од далекувидост и „не потклекнување на емоции под изговор на псевдопатриотизам, поттикнување конфронтација и создавање идеолошка конфузија“. А на што сме сведоци кај нас со години, па и сега.
И уште еден цитат. Од Мао Цетунг. „Од премногу лутење, боли стомак. Нема потреба да се губи присебноста поради ситници и недоразбирања, секогаш треба да гледате во иднината на долг рок“.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.