28 Септември, 2024
0.0238

Кинезите лудуваат по вино – Франција гледа огромен пазар на Истокот

Објавено во: Анализа 26 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Франција со нетрпение ја очекува посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг. Шефот на државата на втората по големина економија во светот ќе помине и во Париз. Средбата ќе заврши со потпишување на спасувачкиот договор за францускиот автопроизводител PSA Peugeot Citroen со кинеската Dongfeng , пишува CNBC . Но, спас во Кина гледаат и француските винарии. Глобалната компанија за финансиски услуги PwC предвидува дека 2014 година ќе биде важна за кинеските инвестиции во странство, направени како од државните претпријатија, така и од приватните. Производителите на вино исто така, сакаат парче од колачот. Кина е огромен корисник на вино. Толку голем што далеку ги надминува и Франција и Италија како најголеми потрошувачи на алкохолни пијалоци во 2013 година. Иако САД остануваат најголем потрошувач на сите видови вина во светот, жедта на Кина за црвено вино скока со цели 136% во последните пет години. Повеќе од 80% од консумираните вина во Кина се произведени во земјата и поради оваа причина сега оваа земја е петтиот најголем производител во светот. Но според организаторот на саеми за индустријата - Vinexpo , увозните вина исто така стекнуваат широк популарност на кинескиот пазар. Според компанијата меѓу 2007 и 2013 година увозот на вина во Кина пораснал седум пати. Во 2013 година процентот на увозните вина на кинескиот пазар бил 18,8%. Половина од овој увоз пак доаѓа од Франција. Но, за да се зголеми уште повеќе, потребно е и навремено одмрзнување на трговските односи помеѓу Европската унија (ЕУ) и Кина. Претходно овој месец Кина се согласи да ја прекине истрагата за тоа дали ЕУ ги субвенционира цените на вината на кинескиот пазар и така создава нелојална конкуренција. На истрагата се гледаше како на одмазда против анти-дампинг мерките наметнати од ЕУ против увозот на кинески соларни панели минатото лето. Според новиот договор, Европа ќе обезбеди техничка помош на кинеските винари во одредени области, како и создавање на експериментални лозја и механизирана техника. ЕУ ќе му помогне на Пекинг и со поуки за успешни маркетинг стратегии преку организирање на студиски посети на Стариот континент. Во замена, кинеската индустрија ќе им асистира на своите колеги од ЕУ, ќе организира форуми за дегустација на вино и кампањи за запознавање на земјата со цел промовирање на потрошувачката на вина. "Во однос на трансакциите Кина е важен играч во регионот на Бордо", објаснува директорот на единицата за трансакции за Азија во PwC Тиери Шарпентер, додавајќи дека "во последните пет години околу 60 француски „шатоа“ станаа кинески, претежно во Бордо". "Износите потрошени за купување на еден бренд „шато“ се релативно ниски - околу 1 до 3 милиони евра, но почнуваме да гледаме и договори кои се посуштински - за околу 10 до 30 милиони евра", вели Шарпентер. Сепак, според висок аналитичар во консултантската компанија Eurasia Мишел Мејден, САД се поблиску до склучување на билатерален трговски договор со Кина отколку што е ЕУ, и затоа сега ќе се наметне француските винарии да се натпреваруваат "доста агресивно" со американските колеги за освојување на кинескиот пазар. K.K.