ЌЕ БИДЕ ЛИ УНИШТЕНА ИРАНСКАТА БАЗА СКРИЕНА ДЛАБОКО ВО ПЛАНИНАТА: Од ова зависи успехот на израелскиот напад

Објавено во: Стил 14 Јуни, 2025 18:57
Судбината на иранскиот објект за збогатување ураниум во Фордов би можела да биде клучна при проценката дали израелскиот напад е брилијантен воен подвиг или стратешка грешка.
Објектот во Фордов, кој се наоѓа длабоко во планинскиот венец и е отпорен на повеќето конвенционални оружја, е многу тешко да се уништи без американска помош. Израел нема стратешки бомбардери ниту супертешки бомби потребни за уништување на вакви објекти. САД ги имаат и двете – и тие се стационирани во домет на Иран.
Израел се надева дека Америка ќе се придружи на операцијата
„Целата операција... всушност мора да се заокружи со елиминирање на Фордов“, изјави израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, за „Фокс њуз“.
Затоа израелската влада сè уште се надева дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе се придружи на операцијата.
Конфликтни пораки од Вашингтон
Анонимен израелски функционер за „Аксиос“ изјави дека Трамп му дал до знаење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред нападот дека САД би можеле да се вклучат „доколку е потребно“.
Но, висок американски функционер го негира ова и тврди дека Трамп рекол токму спротивното - дека САД немаат намера директно да учествуваат.
Што би можел Израел да се обиде
Некои експерти веруваат дека Израел би можел да се обиде да создаде ефект сличен на напад со супер тешка бомба - т.н. „кинетичко тунелирање“.
Поризично, но можно сценарио би било да се испратат специјални сили во длабинска операција. Израел изврши слична мисија минатиот септември кога командоси уништија подземна фабрика за ракети во Сирија со лично поставување експлозиви. Операцијата траела два часа.
Што е уништено досега?
Премиерот Нетанјаху тврди дека Израел бил принуден да дејствува поради растот на иранските залихи на високо збогатен ураниум и затоа што разузнавачките информации сугерираат дека Техеран ја обновува работата на воените аспекти на својата нуклеарна програма.
Цели на нападите беа постројки за збогатување на ураниум, линии за производство на центрифуги и нуклеарни научници.
Според шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, израелските напади го уништиле објектот за збогатување ураниум во Натанц, кој се наоѓа над земја. Подземните сали во Натанц не беа директно погодени, но можно е да биле оштетени поради прекин на електричната енергија.
Израел, исто така, таргетираше и други нуклеарни постројки во Исфахан.
Фордов останува непознат
Гроси му рече на Советот за безбедност на ОН дека иранската влада му кажала дека и Фордов бил нападнат, но тој не можеше лично да го потврди ова. Израелската војска сè уште не потврди дека Фордов бил цел, ниту пак има докази дека објектот бил сериозно оштетен.
Официјалниот став на Вашингтон останува дека Израел дејствува независно, но Нетанјаху ја остава отворена можноста за американско вклучување:
„Ја оставам позицијата на САД на САД“, рече тој во петокот. „Што ќе прават сега? Тоа зависи од претседателот Трамп. Тој јасно стави до знаење дека Иран не смее да има нуклеарно оружје.“