29 Септември, 2024
0.0236

ЌЕ ГО ЗАДРЖИ ЛИ ТЕМПОТО: Индустриското производство расте, демнат ризици од ЕУ?

Објавено во: Анализа, Економија 28 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

Индустриското производство во земјава расте 14 месеци по ред. Според Државниот завод за статистика, индустријата во октомври, во споредба со истиот период од минатата година пораснала за 7,5%. Од почетокот на годинава, за десет месеци, растот на индустриското производство изнесува пак е помал и изнесува 5,1%. Најголем раст имаше во капиталните производи, чие производство се зголемило за 49 отсто. Кај енергијата има раст од 16,9 отсто. По сектори, производството во преработувачката индустрија бележи раст од 7,9 отсто, во секторот снабдување со електрична енергија гас, пареа и климатизација пораст има од 21 процент, опаѓање има во рударството од 4,2 отсто. Индустриското производство тргна добро од почетокот на годинава, со плус од 6,4 отсто во јануари, продолжувајќи го растечкиот тренд и во февруари од 4,1 проценти, во март само за 0,6 проценти, во април од 2,2 отсто, во јуни за 4,9, во јули 5,9 и во август за 1,3 отсто повеќе во споредба со истиот месец во 2013 година. Инаку, според проекциите и оценките во Фискaлната стратегија на НБРМ, во следните неколку години ќе продолжи темпото на економски раст и на индустриското производство, пришто просечната стапка на раст на БДП ќе изнесува 4,2%. “Во периодот 2015-2017 година се очекува растот на економската активност во Република Македонија да изнесува 4,2% во просек, со изгледи за одредено интензивирање на растот. Така, во 2015 година економскиот раст се очекува да изнесува 4%, во 2016 година 4,2% и во 2017 година 4,5%.“ – се вели во Фискалната стратегија. Според анализите, индустриското производство ќе продолжи да расте со просечна стапка од 4,8%. Раст се очекува во речиси сите сектори. “Градежништвото во набљудуваниот период се очекува да оствари просечна реална стапка на раст од 7,8%, како резултат на планираните инфраструктурни проекти и најавените инвестиции во ТИРЗ и индустриските зони. Услужниот сектор, кој има најголемо учество во создавањето на БДП, се очекува да забележи просечна реална стапка на раст од 3,6% во анализираниот период, додека земјоделството раст од 2,3%“ – се посочува во стратегијата. И натаму македонската економија најголемите ризици ги гледа од надвор. “Остварувањето на ризиците за полоши економски остварувања во ЕУ и другите трговски партнери на земјата може да ги влоши изгледите за растот на економската активност во Република Македонија. Евентуалното пролонгирање на европската должничка криза и послабата динамика на раст на економската активност може неповолно да се одрази врз извозот и индустриското производство, воздржување на инвеститорите и понизок прилив на капитал во земјата.“ – се констатира во Фискалната Стратегија.