Ќе има нова Влада, Заев очекува потег од Ахмети
Објавено во: Македонија 27 Мај, 2019
Следниот месец ќе бидат сменети и неколку министри, а премиерот Зоран Заев синоќа најави дека своите министерски фотелји ќе ги напуштат повеќе од тројца министри. Тоа значи дека ќе биде избрана нова Влада, затоа што како што рече Заев, со досега сменетите ќе се промени една третина од Владата.
Премиерот изјави дека очекува ова да го следат и неговите коалициони партнери.
„Секако очекувам фидбек веќе следната недела и од Ахмети и од Африм Гаши и од Мендух Тачи и од сите коалициони партнери, затоа што имаме слаби функционери кои мора да ги замениме и да дојдат нови.
Тој најави и дека ќе има промени и рокади и кај замениците министри но ќе им се заблагодари и на некои директори на некои јавни претпријатија кои не се покажале доволно.
Рече дека нема потреба тој да си оди и да поднесе оставка затоа што оваа Влада и премиерот одржале лекција на успешност.
Што значат промените во СДСМ и какви ќе бидат рокадите во владините редови? Засега ниту еден од сменетите потпретседатели не одговори и не даде коментар за оставките. Сменети се Петре Шилегов, Мухамед Зекири, Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Благој Бочварски. На местото на генералниот секретар Александар Кирацовски е поставен досегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски.
На нивно место ќе има нови луѓе.
Ова е дел од таканаречената метла која и самиот Заев веќе ја најави по претседателскиот прв круг. Тој почна од СДСМ а чистката ќе ја зафати и Владата.