28 Септември, 2024
0.0274

Ќе ја активира ли кризата на Крим шпионажата на САД?

Објавено во: Анализа 28 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Претседателот на САД Барак Обама често зборува по телефон со германскaта канцеларка Ангела Меркел - најмалку пет пати само во последниот месец. Но тој веќе не може да биде толку сигурен, како некогаш, дека знае што мисли таа, пишува AP. Кризата во Украина е токму оној тип на ситуација во која американското разузнавање некогаш можеше да ги прислушува приватните телефонски разговори на Меркел, за да знае повеќе од она што таа би рекла во директен разговор со Обама. Меркел, која е клучен европски лидер, не го криеше незадоволството кога документи обезбедени од изворот од Агенцијата за национална безбедност (NSA) Едвард Сноуден, открија дека САД ги следат нејзините телефонски повици, како и оние на уште 35 странски лидери. По овој дипломатски скандал Обама и вети на Меркел дека САД ќе престанат да ја прислушуваат . Шпионирањето на сојузници е деликатна работа. Таа операција им штети на дипломатските односи, кога еден сојузник ќе разбере дека друг го шпионира. Но тоа може и да помогне на дипломатијата, кога оние кои ја одредуваат политиката, знаат одвнатре што еден клучен странски лидер и сојузниците, со кои тој (таа) зборува, мислат за некое конкретно прашање. Клучното прашање за САД и нивните сојузници, кои се обидуваат да го зголемат притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин, е колку тврди ќе бидат европските санкции против Москва. А тоа најмногу зависи од мислењето на Германија. Таа е најголемиот увозник на руски природен гас во светот, па санкции кои би ја удриле болно руската економија, ќе и наштетат и на Германија. Меркел испраќа конфликтни сигнали како би требало да се одговори на руската анексија на Крим. Таа во неколку наврати повика на дипломатско решение на спорот и предложи формирање на "контакт група" за посредување меѓу Русија и Украина. Но таа рече уште дека превземањето на Крим од Русија го крши меѓународното право, алудирајќи дека Германија е подготвена и на порешителни чекори. "За нас би било од големо значење да се разбере нејзината позиција ", вели поранешниот шеф на NSA и на ЦИА Мајкл Хајден . На крајот на краиштата токму поради таков тип следење беше создадена NSA . "Нормално е да сакаш да ги знаеш најскриените внатрешни мисли на луѓето на важни позиции, чии одлуки влијаат врз она што се случува во светот ", додаде Хајден . Како жаргон на разузнавањето за следење на странски лидери со цел да се разбере што мислат се користи терминот "лидерски намери" (leadership intention ). Прислушувањето на разговори на сојузници не беше дочекано подобро од никого од странските лидери, за кои Сноуден откри дека биле шпионирани од САД . Тоа сепак особено болно ја засегна Меркел, која е израсната во поранешна Источна Германија, каде прислушувањето од тајната полиција беше присутно за време на Студената војна . Собирање на разузнавачки информации од американските тајни служби прерасна од внатрешен политички проблем за Обама во дипломатска негатива. "Дали разузнавачката вредност, која ќе ја добиеме, е повеќе вредна од ризикот од политичка експлозија во односите со еден сојузник ?", Вели Мајкл Ален, поранешен член на Советот за национална безбедност на Белата куќа, каде што обично се преземат такви политички одлуки. Според Ален, кој сега е извршен директор во Beacon Global Strategies - консултантска фирма за прашањата на националната безбедност, таквите одлуки треба да се земат одделно за секој конкретен случај. Една од групите задолжени за проценката на американските операции за следење, дојде до истиот заклучок минатата година и предложи нова процедура за одобрување "од највисоко ниво" за собирање на деликатни разузнавачки информации како шпионирањето на сојузници на САД. Засега Обама вели дека САД нема повеќе да ја шпионираат Меркел. Тој нареди исто да се запре следење на уште десетици странски лидери. "Им објаснив на разузнавачките служби, дека додека нема исклучителна причина поврзана со националната безбедност, ние нема да ги следиме комуникациите на држави и влади на нашите блиски пријателски и сојузнички земји", рече Обама во јануари. Претседателот изјавува исто така дека ситуацијата во Крим влијае на националната безбедност на Украина и на Европа. Но Белата куќа не кажува дали Кримската криза ги исполнува условите кои би наметнале да бидат шпионирани странските сојузници. K.K.