Ќе „никнат“ нови четири рудници во Македонија
Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2014
Како што пренесува МИА на повидок е отварање четири рудници за бакар и злато во источна и југоисточна Македонија.
Деканот на Природно-техничкиот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип Зоран Панов, вели дека според неговите проценки, најпрво може да се отвори „Казан дол“ во валандовскиот регион.
– Учествувам во изработка на студијата и на главниот проект и сметам дека најбрзо рудникот може да се отвори идната пролет. Експлоатацијата сигурно ќе задоцни една година, но подготвителните работи, како што се изградба на пристапни патишта и објекти ќе почнат следната година. Тоа е оптимистичката варијанта која мислам дека ќе се случи, изјавил Панов.
Тој додал дека инвеститорите сериозно работат и на отварање на рудниците Кадиица во Пехчево, Иловица во Василево и Златица – Плавица на територија на Пробиштип и Кратово а поради нивната сериозност и подршката на Владата, се зголемува и бројот на студенти на природно-техничките факултети.
– Источна и југоистона Македонија ги очекува големи проекти. Како декан на Факултетот за природно-технички науки се плашам дека не можеме да одговориме на барањата за вработување нови инженери. Рудникот Иловица можеби ќе има потреба од 50 инженери или 100-тина, имајќи предвид дека ќе биде најголемиот рудник на Балканот, нагласи Панов.
Според него, рударството и геологијата нудат перспектива за студентите, но и за оние кои сакаат да се запишат на природно-техничките факултети.
Моментно, радовишки „Бучим“ е единствениот рудник за бакар и злато во земјава, а неговиот опстанок по 2020 година ќе зависи од отворањето на рудникот „Боров дол“ кој е на територија на Штип и Конче.