Ќе продава ли државата запленет канабис за медицински цели или ќе го уништува?
Објавено во: Економија 19 Септември, 2024 07:50
Државата има депониран запленет канабис за медицински цели со висока вредност од претходните акции што ги изведе против правните лица на кои им беа одземани лиценците по полициските акции, но неизвесно е дали ќе може да го продаде, односно да го наплати.
Лани на 15 декември од МВР беше објавено дека полицијата и надлежен обвинител, а по издадена наредба од гостиварскиот суд, била одземена марихуана во вкупна количина од 4.341 килограми, вредна над 10 милиони евра. Марихуаната била одземена по донесена одлука на Владата за одземање на одобрението за одгледување на канабис за медицински цели на правно лице поради констатирани неправилности во работењето. Од Агенцијата за управување со одземен имот единствено ни рекоа дека количината и по девет месеци се чува во касарната во Ѓорче Петров, без одговор каков би можел да биде понатамошниот исход.
„Агенцијата за управување со одземен имот на ден 15.12.2023 година има изготвено Записник за примо-предавање со ОВР Гостивар НК за КР Гостивар за следната привремено одземена стока и тоа: 10 (десет) семки од растение канабис, 1.930,145 килограми сув цвет исчистен, 1.975,213 килограми био маса и 436,160 килограми.неисчистен сув цвет од канабис. Запленетата стока е сместена во Касарна на ЕБР во Ѓорче Петров каде што и во овој момент се наоѓа. Воедно ве известуваме дека истата не била предмет на продажба од страна на Агенцијата за управување со одземен имот“, ни одговорија од агенцијата за конфискација.
Од Основното јавно обвинителство прецизираа дека количината не може да биде предмет на друго постапување се додека не заврши истражниот и судскиот процес, но без конкретен одговор што би се случувало кога тој ќе заврши.„Предметот во Основното јавно обвинителство Гостивар, во рамките на кој е одземена наведената количина медицински канабис и дадена на чување на Агенцијата за управување со одземен имот, е во фаза на предистражна постапка во која деновиве треба да биде донесена јавнообвинителска одлука по завршување на предистражните дејствија. Постапката е во тек и од тие причини канабисот се уште се чува во Агенцијата“, ни рекоа од ОЈО.
Одговор нема ниту комисијата од Министерството за здравство за издавање на лиценци на правни лица за одгледување на канабис за медициснки цели. Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели инаку прави редовни и вонредни контроли во самите фабрики.
„Комисијата во МЗ е надлежна за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за добивање одобрение за одгледување канабис за медицински цели и не располага со информации за вашето прашање“, велат од оваа комисија.
Од МВР ни рекоа дека нивните надлежности завршуваат со самото завршување на акцијата, без да одлучуваат дали заплената ќе се уништува или ќе има друга судбина.
Владата во изминатите години издаде стотина лиценци на правни лица за одгледување на канабис, десетици во меѓувреме го загубија интересот за работење поради неисполнување на условите за извоз, а некои од нив се најдоа во судир со законот.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје




