30 Април, 2024
0.0295

Ќе прогледа ли Германија по „Црната недела“?

Објавено во: Анализа 25 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Германија од шеесетите години во Бундестагот немала ултра десничарска популистичка партија, но овој пат АФД (Алтернатива за Германија), освои речиси 13% од гласовите и ќе биде претставена со 88 пратеници со што стана третата политичка сила, покрај ЦДУ на Ангела Меркел која и натаму ќе биде предводник на власта и СДП на социјалдемократите кои паднаа на дури 20% со што решија да излезат од владината коалиција и да бидат опозиционери што за нив е многу поприродно.

АФД секако нема да влезе во владата на Меркел која ќе го води четвртиот мандат како канцелар на Германија. Сепак, бројот на гласови и пораката која ја испратија гласачите покажа дека и во Германија може да се случи „Црна недела“. Германија не е имуна на популизмот, уште помалку на ултра десничарската идеологија која крева параноја кон мигрантите, бегалците, малцинствата и муслиманите кои се населија во земјата.

АФД според статистиките има над 1 милион гласачи кои на претходните избори апстинирале што укажува на фактот дека лесно се мобилизирале околу прашањето за миграцијата и приемот на 1 милион бегалци од Сирија и останатите погодени земји по одлуката на Меркел. Гласачите на АФД немаат највисоко мислење за раководството на партијата туку гласале затоа што биле незадоволни од останатите партии.

Сега Алтернативата за Германија ќе има гласно присуство во Бундестагот и се поголема поддршка на Истокот на земјата, но нивните радикални ставови ќе мора повнимателно да се анулираат од десничарите на Меркел, особено нивните коалициони партнери ЦСУ.

Да се тврди дека Германија тргнала кон патот на ксенофобијата, национализмот и меѓуверската омраза засега се уште е рано, бидејќи вакви изборни феномени видовме низ повеќе европски земји и популистичките десничарски партии по краткиот успех се враќаа на поскромни изборни резултати. 

Меркел со оваа јалова победа е се поизвесно дека нејзината политичка кариера како канцелар нема да трае вечно. 12 години на власт кои донесоа стабилност и просперитет се чини дека им се доволни на гласачите кои и дадоа најниска поддршка досега, а на ЦДУ најслаб резултат од дури 1945 година.

Х.С.