Ќе се подобрат односите со Бугарите или ќе бидеме „браќа непријатели“?
Објавено во: Македонија 13 Јули, 2021
„Браќа непријaтели“, вака беа оквалификувани македонско – бугарските односи во една анализа изминатите години, а сега очите се вперени кон Бугарија, каде се одржаа избори, и треба да се формира Влада.
Во изминатиот период, односите меѓу двете земји беа заладени, а имаше и серија провокации, со спотови во кои се вели дека „Македонија е бугарска“. Судејќи според речникот на политичарите кај источниот сосед, нема да има промени.
„Бугарија продолжува да турка една неодржлива и неевропска политика која, за жал, придонесува кон изолирање на самата Бугарија, како во соседството, така и во Европската Унија пошироко. Да и беше навистина важно да се приближи кон македонскиот народ и да ја надмине дистанцата креирана за време на Југославија, Бугарија ќе го следеше спротивниот правец и ќе беше најголемиот сојузник за членството на нашата држава во ЕУ. По сиот труд којшто го вложивме како држава да ги откочиме евро-атлантските патишта, ветото од Бугарија создава многу непријатни чувства кај најголемиот дел од граѓаните. Наместо да работиме на приближување и славење на она што ни е заедничко, ние сѐ повеќе се одалечуваме и тоа во 21-от век. Повеќе ја нема Југославија за да ја обвинуваме за ниското ниво на поврзаност меѓу Македонија и Бугарија. Сега за сега, не постојат изгледи за подрастична промена на политичките ставови на Софија, но искрено се надевам дека разумот ќе надвладее, за доброто на сите нас на Балканот“, вели политикологот Ивана Јордановска.
Бугарскиот историчар Стефан Дечев објаснува дека сепак има лек за македонско бугарските односи.
„Има, но по она што се случи во 2019-2020 година, ова ќе се случи полека и етапно. После лошата среќа на Каракачанов и неговата политичка моќ да биде коалициски партнер на Бојко Борисов, мислам дека во моментот процесот на преговори за Европската унија станува жртва на домашните политички влогови во двете земји. Немањето на влада во Софија со јасен мандат, како и претстојните претседателски избори, ја прават ситуацијата доста комплицирана. Ако есента 2020 година владата на Зоран Заев (тогаш штотуку формирана по изборите летото 2020 година) не беше во можност да направи некој мал гест кон Софија за да го спречи ветото, дури и ако тоа сега се земе в предвид како грешка, тоа во моментов е фактор во бугарските домашни политички влогови. Покрај тоа, ниту Софија ниту Скопје не покажуваат подготвеност да се разделат од нивната историска приказна досега“, рече Дечев.
Вели дека потребни се политичари со европска визија, како и историчари со вистинска научна експертиза.
„И во Софија и во Скопје е стекнато искуство во разговор за толку сложено прашање како минатото, кое не може да се потцени. Ова искуство може да се користи во иднина кога барате нови начини за решавање на проблемите“, додава Дечев, кој не мисли дека времето од 2017 година наваму е залудно потрошено.
На 98,92 отсто од пребројаните гласови, Слави Трифунов од „Има таков народ“ го презеде водство од лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој се сомнева во резултатите.
Слави Трифунов од „Има таков народ“ изјави дека ќе направи сѐ што е можно да прати бугарски, но и еден „северномакедонски астронаут“ во НАСА. Деновиве бугарскиот претседател Румен Радев потсети дека позицијата кон Македонија нема да се смени ниту по изборите.
Сања Атанасовска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.