Кои фирми ископаа 133 милиони евра во рудниците на РЕК „Битола“?
Објавено во: Економија 22 Февруари, 2018 07:51
„Трансмет“ сам земал 32,36 милиони евра, а со битолски „Пелистер“ и со „Силекс“ поделил уште 56,1 милиони евра. На листата на „големата четворка“ е и „Гранит“ кој со „Пелистер“ поделил 45 милиони евра. Има ли тука работа за Јавното обвинителство? Зошто менаџментот, надзорниот одбор на ЕЛЕМ и претходната Влада не направиле набавка на систем за ископ за кој сега велат дека чини 60 милиони евра и ќе служи барем 20 години туку ангажирале фирми кои за 4 години и 5 месеци поделиле 133,4 милиони евра?
ЕЛЕМ во период од 4 години платил 133,4 милиони евра на 4 домашни компании за ископ на јаловина и јаглен за потребите на РЕК Битола, покажуваат официјалните податоци од тендерите што ги објавила РЕК Битола. Оваа сума е дупло поголема од инвестицијата што е потребна за набавка и инсталација на сопствен систем за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“.
Диловите овие четири компании ги склучиле со четири договори од кои три се во отворени постапки, а една е во постапка со преговарање со објавен оглас. Највисоката цена на тендер е 144 денари за гигаџул (Еден џул е еднаков на потрошената енергија (или завршената работа) со примена на сила од еден њутн низ a растојание од еден метар, извор: Википедија) и ја постигнале битолски „Пелистер“ и скопски „Гранит“ и се однесува на копот во рудникот Брод-Гнеотино. Најниската цена на тендер ЕЛЕМ ја постигнал кога го избрал конзорциумот „Трансмет и Силекс“ и таа изнесува 54,7 денари за гигаџул. Оваа калкулација се однесува избрани четири големи тендери од вкупно 11 тендери кои се распишани од октомври 2012 година до февруари 2018 година.
Најголем тендер во пари го добиле „Пелистер“ и „Гранит“ и тој е на вредност од 2,78 милијарди денари односно 45 милиони евра. Предмет на набавката е ископ на јаловина и на јаглен. Тука се постигнати и две највисоки цени по гигаџул во зависност од растојанието. Првата цена е 114 денари за гигаџул и втората е 144 денари за гигаџул. Договорот е склучен на 16 мај 2012 година и станува збор за едногодишен договор за ископ на коповите на рудникот Брод-Гнеотино. Ова, хронолошки гледано, е воедно и првиот тендер.
Истата година во бизнис во РЕК Битола влегуваат и „Трансмет“ и „Силекс“ за вредност од 1 милијарда денари односно 16,2 милиони евра. Договорот е склучен на 1 октомври 2012 година со важност од 3 години. Цената изнесува 54,7 денари за гигаџул и е постигната во отворена постапка. Предмет на набавка бил ископ на јаловина и јаглен во рудникот „Суводол“.
Најголемиот дил на „Трансмет“ е склучен на 20 ноември 2013 година и важел три години. Фирмата во отворена постапка добила договор вреден 2 милијарди денари односно 32,4 милиони евра. Описот на набавка вклучува ископ на јаглен и јаловина со дотур на дробен јаглен на транспортерот ИТУ 2. Цената за гигаџул е 65,2 денари.
„Трансмет“ зема замав и „фаќа панџа“ заедно со битолски „Пелистер“ со договор склучен на 24 октомври 2014 година за ископ на јаглен и јаловина во рудниците Брод-Гнеотино на период од 2 години. Дилот вреди 2,465 милијарди денариодносно 39,89 милиони евра. Станува збор за два дела и тоа: откоп на поле А и откоп на поле Б. На првиот дел постигнале цена од 79 денари, а на вториот од 93 денари. Освен ископ на јаглен и јаловина овој тендер опфаќа и транспорт на дробен јаглен на растојание до 3 километри односно до 3,9 милиони тони. Работата ја добиле во отворена постапка.
Податоците се официјални од Секторот за комерција во ЕЛЕМ. Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека службата за односи со јавност на ЕЛЕМ транспарентно и во многу краток временски рок ги обезбеди сите побарани податоци.
Р.Ф.Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




