КОИ СЕ ФИРМИТЕ ШТО СЕ НАЈДОА НА ЛИСТАТА ЗА НАБЉУДУВАЊЕ - некои не објавиле извештаи, други имаат блокирани сметки, за трети има објава за преземање
Објавено во: Економија 12 Ноември, 2020
Новина на Македонската берза за хартии од вредност. Од вчера Берзата излезе со еден интересен список, или таканаечената „листа на набљудување“. Засега на неа се најдоа девет компании, но како што за Фактор велат од Берзата, тоа е жива материја, па некои можеби набргу ќе излезат, а други ќe влезат во неа.
Всушност, попластично објаснето, листата се состои од две подгрупи, i во едната се наоѓаат фирми кои котираат на берзата, но врз нив се изречени некакви мерки или санкции, главно од причина што тие не ги објавуваат своите финансиски извештаи. Тука засега се најдоа три компании, од кои една со години не ги објавува финансиските извештаи.
Во вторта подгрупа, пак, се наведени компании врз кои нема никакви мерки, бидејќи тие не прекршиле правила. Но, тие се ставени во листата на набљудување бидејќи врз нив треба да се обрне посебно внимание, од причина што во нивното работење се случуваат работи кои е добро да ги знае секој инвеститор. На пример, блокирана им е сметката, или за нив е дадена понуда за преземање, или, пак, тие компании продале некој свој имот и слично.
„Сите овие информации за тие компании се еднаш веќе објавени преку Берзата. Сега, со нивното ставање на оваа листа само уште еднаш се посочува на тие информации до инвеститорите, во смисла дека кај тие компании во моментов ги има тие поспецифични околности, а сето тоа се прави во функција на уште поголема транспарентност и добивање на подобра претстава кај инвеститорите“, објаснуваат за Фактор од Берзата.
Од Берзата излегоа и со официјално објаснување - согласно член 57 и 61-а од Правилата за котација, предвидено е воспоставување на „Листа за набљудување“, која јавно се објавува на нејзината веб страица. На листата се внесуваат компании кои котираат на Официјалниот Пазар или поради изречена мерка од страна на Берзата - во случаи на посериозно непостапување согласно барањата утврдени во Правилата за котација, или поради обрнување на внимание на инвеститорската јавност за определени актуелни состојби поврзани со конкретната фирма - во случаи на поспецифични ситуации поврзани со хартиите од вредност или со работењето на издавачот.
„Обрнувањето на внимание на инвеститорската јавност е механизам за комуникација со инвеститорите на македонскиот пазар на хартии од вредност и нивно дополнително информирање дека кај одредено котирано друштво се настанати поспецифични околности што треба да се имаат предвид при донесувањето на инвестициски одлуки при тргувањето со конкретни хартии од вредност“, се вели во берзанското објаснување.
За внесување, односно отстранување од „Листата за набљудување“ одлучува Одборот на директори на Берзата, врз основа на анализа на исполнувањето на обврските на котираните издавачи согласно Правилата за котација и направените објави на СЕИНет од нивна страна, и други информации што и стојат на располагање на Берзата. Хартиите од вредност на котираниот издавач што е внесен на листата, остануваат котирани на пазарниот сегмент каде што се примени за котација.
Да видиме за кои фирми станува збор и зошто тие во овој момент се најдоа на листата за набљудување.
Прва на списокот, од трите фирми со посериозни непостапувања во однос на правилата за котација, е „АрцелорМитал“ Скопје ХРМ, поради необјавување на финансиски извештаи, или конкретно необјавени неревидирани квартални финансиски извештаи за цела мината година, како и за првите два квартали од годинава, како и ревидирани финансиски извештаи за 2019 година.
Следува „Идевелоп“ Скопје, исто поради необјавување финансиски извештаи, односно необјавени неревидирани финансиски извештаи за минатата година, за двата квартали од годинава, како и ревидирани финансиски извештаи за 2019 година.
Трета, пак, тука е „Благој Туфанов“ од Радовиш, поради две работи и тоа - неодржување на годишно собрание на акционери, односно последно одржано во 2014 година, како и необјавување на финансиски извештаи, со тоа што последни објавени ревидирани финансиски извештаи се за 2013 година и последни објавени неревидирани финансиски извештаи се за првиот квартал од 2014 година.
Во втората група од девет компании, пак, се најде ЖАС Скопје, поради две објави, првата дека нема деловна активност, а втората дека фирмата има блокирана банкарска сметка.
Следува „Трудбеник“ од Охрид, каде има објава дека компанијата нема деловна активност, потоа, поради неодржување на годишно Собрание на акционери, како и поради поведена претходна постапка за испитување на условите за отварање на стечајна постапка над друштвото од страна на Основниот суд во Охрид.
Потоа доаѓа „Агромеханика“ Скопје, поради објава дека компанијата нема деловна активност, следна е РЖ Интер-Трансшпед Скопје, чија објава односно специфичност е дека има блокирана банкарска сметка, а исто таква објава има и „Стокопромет“ Скопје.
„Карбо-Нова“ Крива Паланка, пак, која исто е на оваа листа, таму е заради неодржување на годишно Собрание на акционери и објава за судски постапки во врска со одлуки од последно одржано собрание на акционери, како и поради поведена претходна постапка за испитување на условите за отварање стечај над друштвото од страна на Основниот суд во Куманово.
На листата е и „Сковин“ Скопје, објава на издавачот дека има извршено продажба на целокупниот свој имот. И конечно следуваат „Фабрика Карпош“ Скопје, со објавена јавна понуда за преземање, како и „Либерти“ Скопје, каде е објавена намера за преземање на друштвото.
„Компаниите од оваа листа континуирано ќе се следат. Некои ќе излезат од листата, откако ќе бидат отстранети околностите поради кои се нашле на неа, а можеби нови ќе се најдат на листата. Тоа е впрочем жива материја, ќе има влез и излез“, објасуваат од Берзата.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.