05 Мај, 2024
0.0231

Кои се комшиите на македонската Влада? Илинденска – адреса на сиромаштија и очај!

Објавено во: Анализа 13 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Иако до Новата година има нешто помалку од три месеци, Бранка Саздовска од Скопје, веќе одамна ја знае најголемата новогодишна желба. Нејзиниот сопруг Драганчо Саздовски, кој во декември полни 64 години, да добие пензија.Па во новата година, вели здравје боже да влезат со паричка в раце! Нивната животна приказна е полна со падови, повеќе вели, отколку што памети убави нешта. Иако живеат на само неколку метри од Владата на РМ, на Илинденска, во центарот на градот, опкружени со густиот сообрајќаен метеж и ново изградените станбени згради, во жолтата, стара и речиси руинирана куќа, во близина на фонтаната во градскиот парк, семејството Саздовски живеат блиску, а далеку од очите на јавноста. Мирни и повлечени луѓе кои зависат од хуманоста на сопственикот на куќата, кој подолго време им дозволува да престојуваат во неговата куќа. Но, како да се помине денот без пари, без социјална помош, и со сопругот кој години наназад се бори со тешка болест пропратена со гангрена на ногата - се прашува Бранка? “Имам 56 години и веќе неколку години крпам ден за ден. И јас и сопругот. Скоро 18 години работев како општ работник за производство на пластика во една фабрика во Илинден, но многу работи се променија. Немаше работа,немаше пари.Денес фигурирам како вработена, а не сум, се е испомешано. Неможам да добијам ниту социјална помош баш поради документите. Оставена сум и јас и сопругот на милост и немилост на луѓето. Ако излезе нешто да поработам добро, ако не уште потешко е! Одам секој ден на пазарчето на Буњаковец. Секој ден сум таму, собирам и помагам по тезгите на продавачите, па ми даваат по нешто, колку за јадење, по малку. Да помине денот. Ги броиме со момчето деновите, кога ќе стигне декември, ќе даде ли господ да допреме до пензија? Па, тогаш ќе се живее некако. Поубаво, белки” – раскажува Бранка Саздовска. Како да се отплеткаат административните лавиринти? За себе вели, не е бездомник, има кров над главата, но ја дели нивната судбина. Нема каде да се избања, бидејќи нема купатило, нема пари за сметки, за храна , за кирија.Облеката веќе одамна за нив е луксуз. Со сопругот и уште триесетина бездомници оди еднаш неделно во Центарот за бездомници, да се избања, да земе нова облека, да касне топло јадење. И да се теши дека и други се на слични маки. “Цел персонал се добри,сите се млади и вредни од Црвениот крст. Еднаш неделно, доаѓам во Центарот за бездомници. Има лекар, ни помагаат, не советуваат за документите полесно да ги извадиме, ни даваат топла облека. До вчера бев по улици, иако имам мајка, браќа, но и тие живеат во една соба, а имам и две снаи. Не можат да ми помогнат. Контактирам со моите, но немаат можност да ми помогнат, кога да отидам ќе ме пречекаат и толку. Немаат ни тие, ни ние, тоа е. Без купатило сме и доаѓаме тука да се избањаме, па среќни сме дека имаме кров над глава, еден кревет колку зимава да не сме на улица. Никогаш не не одбиле од Црвениот крст, помагаат со пакети за помош, доаѓале и дома, но сме разочарани од државата која треба да мисли повеќе за нас. За жал, тие не мрднуваат со прст, да речат, да помислиме за овие луѓе.Имав социјална помош, ми ја укинаа а не кажуваат зошто и покрај тоа што ги имам сите документи, сум работела 18 години, а сега ниту вработена ниту невработена. Немаме деца со мажот ми, живееме сами и се надеваме на таа пензиичка да дојде” - завршува Бранка. Бранка Саздовска, не е ниту првиот ниту последниот случај кој од работа и редовна плата стигнал на дното. Во годините кога треба да ги ужива плодовите на долгогодишната работа, таа е оставена да моли за парче леб. Но, социјалните работници и активистите на Црвениот крст, кои досега многупати им помагале околу документацијата, се заглавиле во административните лавиринти. Сепак остануваат исто толку оптимисти колку и скромните Саздовски, дека веќе следната година, која и не е така далеку ќе им донесе повеќе среќа и повеќе пари, барем колку да се покријат основните трошоци за една скромна “сиромашна” живеачка. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад