Добивај вести на Viber
Од 2009 година до денес во затворот Рементинац во Загреб влегоа многу познати хрватски политичари, а против нив веќе се докажани или уште се докажуваат малверзации тешки милиони евра.
Најголем на оваа листа „капиталци“ секако е поранешниот хрватски премиер
Иво Санадер, кој доби осум и пол години затвор за воено профитерство. Тој веќе е правосилно осуден во случаите Хипо и Ина-Мол, а се уште не е правосилна пресудата против него за извлекување на државни пари во партиските фондови на ХДЗ, преку агенцијата Фими Медија.
Против него се покренати уште две обвиненија, а уште едно е во постапка. Од сабота се наоѓа во болницата во Загреб заради проблеми со срцето.
Втор на листата е поранешниот прв човек на Хрватската стопанска комора
Надан Видошевиќ, кој е заплеткан во аферата Реморкер, заради која беше во повеќемесечен притвор. Познат е по скапоцените недвижности и уметничките дела како дел од неговиот имот, а на чело на Стопанската комора на Хрватска беше пд 1995 година, беше жупан и претседателски кандидат.
Поранешен „станар“ на Реметинац е и
Иван Мравак, кој се товари за огромната штета поради продажбата на евтина струја за шибенски ТЛМ и мостарска Алумија. Со спогодба доби година и пол затвор во 2007 година, откако призна дека по налог на благајникот на ХДЗ, прибавил значајна имотна корист за партијата.
Невенка Јурак, Младен Баришиќ и
Бранка Павошевиќ се врзуваат за најголемата коруптивна афера во Хрватска - Фими медија, односно извлекување на околу 10 милиони евра од државните претпријатија и институции преку приватната маркетинг агенција. Баришиќ доби три години затвор, Павошевиќ година и пол а Јурак - две години.
Следен на списокот е
Јосип Протега, кој беше на чело на Хрватска поштенска банка, а аферата „Банкомат“ беше тешка околу 31 милиони евра. И тој помина месеци во затворот.
Роберт Јежиќ е поранешен сопственик на дневниот весник „Нови лист“, правосилно осуден во случајот ИНА-МОЛ, а освен затворската казна во државната каса треба да врати пет милиони евра.
Дамир Поланчанец е поранешен потпретседател на хрватската Влада и министер за економија, труд и претприемништво во владите на Санадер и Косор. Доби 10 месеци затвор за изработка на непотребна студија, како и за аферата „Рефлектори“. Хрватските истражни органи го обвинуваат за организирање на злосторничка организација која со разни акционерски трансакции ја оштетила Подравка заповеќе од 53,5 милиони евра.
Поранешната жупаница на Сисачко- мославачката жупанија
Марина Ловириќ Мерзел исто така се најде во Реметинац, осомничена за повеќе кривични дела, меѓу кои и злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на официјални документи, примање мито и перење пари.
Поранешниот градоначалник на Вараждин
Иван Чехока е обвинет заедно со бизнисменот Савор Патафто дека го оштетил градот Вараждин за 3,7 милиони евра.
Последен на оваа затвореничка „славна“ листа секако е градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ, кој е обвинет за корупција и во притвор може да остане и до една година заради големиот број сведоци во случаите за кои се товари.